Вековни јајца (кинески: 皮蛋; пинјин: pídàn; Џутпинг: pei4 daan2), познати и како алкализирани или конзервирани јајца, претставуваат кинеско кулинарско јадење кое се подготвува со конзервирање на јајца од патка, кокошка или препелица во мешавина од глина, пепел, сол, брза вар (калциум оксид) и лушпи од ориз во период од неколку недели до неколку месеци, во зависност од применетиот метод на обработка. [1]
Во текот на процесот, жолчката добива темно зеленикавo-сива боја, со кремаста конзистенција и силен вкус поради присутните водород сулфид и амонијак, додека белката станува темно кафеава, со проѕирен изглед налик на желе и со солен вкус. Агенсот за трансформација во вековното јајце е алкалнасол, која постепено ја зголемува pH вредноста на јајцето на околу 9-12, за време на процесот на стврднување. [2] Овој хемиски процес ги разградува некои од сложените протеини и масти без вкус, при што се добиваат различни помали ароматични соединенија.
Некои јајца имаат шарки на површината на белката, кои се споредуваат со борови гранки. Овие шарени јајца се сметаат за поквалитетни од вообичаените вековни јајца и се нарекуваат јајца Сонгхуа ( кинески :松花蛋), или различно преведени како јајца од борови цветови или јајца со шара како бор.