Васил Грков
| Васил Грков | ||
| Роден | 1880
Кукуш, Отоманско Царство | |
|---|---|---|
| Починал | 1962 (возр. 81–82) Горна Џумаја, Бугарија | |
Васил Тодоров Грков — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација и деец на ВМРО (Автономистичка).[1][2][3]
Животопис
[уреди | уреди извор]
Грков е роден во 1880 г. во градот Кукуш, тогаш во Отоманското Царство, денешна Грција. Роден е во семејството Делохаџиеви, но бил посвоен од Гркови, чии деца починале. Меѓутоа, набргу починале и неговите посвоители, а неговиот вујко го испратил да учи шивачки занает во Солун. Таму живеел со свој сограѓанин и активист на ВМОРО Гоце Чанев и имал прилика да се сретне со Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков и Владимир Пингов, кои ги подготвувале Солунските атентати.[2]
По нападите во 1903 г., Грков бил затворен во Белата кула. По неговото ослободувањето станал четник во Кукушката чета на Трајко Ѓотов и Гоце Крецовски. По Битката кај Кудумарлицката Ада во која загинале четворица четници и знамето било заробено, Грков и уште еден четник при повлекувањето во вечерните часови се одвоиле од другите и стигнале до Ениџевардарско, каде што се приклучиле на четата на Апостол Петков. Во 1903 г. разбиле турска петочлена чета во с. Мандалево. Пролетта 1904 г. учествувал во борба со турски аскер кај Ново Село на Пајак, а есента истата година се борел во месноста Три Бари, Корнишорско. По наредба на Централниот комитет во Солун, четата го заробиле воденскиот војвода Георги Тоцев, кој му бил предаден на Даме Груев.[1]
Во летото 1904 г. се префрлил во Гевгелискиот реон во четата на Андон Ќосето. По заминувањето на Ќосето за Бугарија, Грков останал кај војводата Леонид Јанков и се борел со грчките андарти, кои дејствувале во координација со Турците. Во пролетта 1905 г. во Гевгелиско пристигнал Аргир Манасиев. Четата на Манасиев од Грчиште била префрлена во с. Смол, каде била опколена од војската во Гевгелија. Одредот се затворил во црквата и се борел во еднодневна битка. Истата вечер успеале да излезат од црквата и со само еден ранет четник, да го пробијат обрачот и да се упатат кон Кукушко кај Трајко Ѓотов. При едно излегување со чамец од Арџанското Езеро, тие паднале во турска заседа и тројца од шесте четници биле ранети, меѓу кои и војводата Ѓотов, што допринело Христо Чернопеев да биде ангажиран во овој реон. Во 1906 година, Ѓотов бил принуден да оди на лекување во Бугарија, а со него отишол и Грков.[4]
Во Бугарија, Васил бил притворен и двапати интерниран во Варна и Велико Трново. Почнал да работи во шивачки дуќан во Софија.[2]
За време на Младотурската револуција во 1908 г. се вратил во Солун, каде што работел како шивач.[2][4] Тој период се оженил со Гркинката Ана, која потекнувала од богато лекарско семејство.[2] Во 1913 г. пребегал во Бугарија од прогонот на новите грчки власти[4], но подоцна се вратил. По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна, тој бил уапсен од грчката полиција и е предаден на француските војници во градот, кои го испратиле во затвор во Франција, каде што останал до крајот на војната во 1918 година.[2][4]
Во 1928 г. со семејството се иселил од Солун во Пловдив, но поради конфликт со ВМРО, тие емигрирале во Париз, каде Грков отворил сопствено ателје. Во почетокот на 1940-тите се вратиле во Бугарија и се населиле во Горна Џумаја.[2] Во почетокот на Втората светска војна се преселиле во Сер[1], а на крајот се населиле во Горна Џумаја, каде што Васил имал роднини. Откако Гркови го загубиле единствениот син, тие го посвоиле сирачето Ратка Куцанова од Виница во 1947 г.[2] Починал во 1962 г. во Горна Џумаја.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 Пеловски, Филип (2021). Македоно-одрински свидетелства. Регистър на участниците в освободителните борби в Македония, Тракия и Добруджа, получили български народни пенсии през 1943 г (PDF). I. Дел II. София: Библиотека Струмски. стр. 118. ISBN 978-619-92088 Проверете ја вредноста
|isbn=: length (help). - 1 2 3 4 5 6 7 8 Караджова, Юлия (18 февруари 2021). „Спомените на Васил Гърков от Кукуш“. Без граници. Посетено на 2 август 2025.
- 1 2 „Васил Гърков от Кукуш, Егейска Македония“. Струмски. Посетено на 2 август 2025.
- 1 2 3 4 Пеловски, Филип (2021). Македоно-одрински свидетелства. Регистър на участниците в освободителните борби в Македония, Тракия и Добруджа, получили български народни пенсии през 1943 г (PDF). I. Дел II. София: Библиотека Струмски. стр. 119. ISBN 978-619-92088 Проверете ја вредноста
|isbn=: length (help).