Василиј II

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Василиј ІІ Бугароубиец)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Василиј II Бугароубиецот
Βασίλειος Β' ο Βουλγαροκτόνος
Император на Римската империја

Basilios II.jpg
Императорот Василиј II.
Византиски император
На престол 960 – 963 (совладетел со татко му)
963 - 969 (совладетел со Никифор II Фока)
969 - 976 (совладетел со Јован I Цимискиј)
976 - 1025 (постар совладетел со брат му)
Крунисување 960
Претходник Јован I Цимискиј
Наследник Константин VIII
Династија Македонска династија
Татко Роман II
Мајка Теофано
Роден(а) 958
Константинопол
Починал(а) 15 декември 1025
Константинопол

Василиј II (грчки: Βασίλειος Β, 958г. - 15 декември 1025), — римски император од Македонската династија кој владеел од 10 јануари 976г. до 15 декември 1025г. Тој во негово време бил познат како Василиј Порфирогенит и Василиј Помладиот, да се разликува од неговиот претходник-предок Василиј I.

Раните години од неговото долго владење преовладувале со граѓанската војна против моќните генерали од анадолската аристократија. Откако ги потчинил, Василиј ја надгледувал стабилизицијата и проширувањето на источната граница на Римската империја, како и потчинувањето на Самоиловата држава. Поради ова, тој бил наречен од подоцнежните автори „Бугароубиецот“. До неговата смрт, Империјата се претегала од јужна Италија до Кавказот и од Дунав до границите на Палестина, најголемото територијално проширување по освојувањата на Арабјаните, четири векови порано.

Василиј II бил најлутиот непријател на Самоил. Во 1014 година, во битката кај Беласица, тој ја победил војската на Самоил и ослепил 14-15 илјади заробени војници, кои потекнувале од сите области кои ги владеел Цар Самоил, почнувајки од Далмација - Јадранското Море до Егејското Море.

Ран живот[уреди | уреди извор]

Под заштитништво на Никифор II Фока[уреди | уреди извор]

По прераната смрт на императорот-татко Роман II, на 15 март 963г., власта кратко преминала во рацете на императорката-мајка Теофано, која го презела регентвото на своите малолетни синови Василиј II и Константин VIII. Но ова било само привремено решение. Младата умна царица самата го увидела тоа и стапила во врска со Никифор Фока. Откако војската го прогласила за император во Кесареја, Никифор на 15 август влегол во Константинопол, го скршил отпорот на евнухот Јосиф Вринга во крвави улични борби, и на 16 август во Света Софија од рацете на патријархот ја примил императорската круна. Потоа веќе побелениот војсководец се венчал со младата императорка. Со овој брак Никифор Фока се поврзал со Македонската династија и како очув на младите легитимни императори ја примил на себе улогата на нивни заштитник.[1]

Ново узурпирање на престолот[уреди | уреди извор]

По атентатот извршен врз императорот Никифор Фока, организиран од императорката-мајка Теофано и Јован Цимискиј,[2] токму Цимискиј успеал да се качи на престолот.[3] Бившата љубовница Теофано била испратена во изгнанство, од каде што се вратила дури откако нејзините синови стапиле на престолот. Јован Цимискиј стапил во брак со кој во најголема мерка ги задоволил принципите на династичката легитимност: се оженил со Теодора, ќерката на Константин VII, тетка на легитимните императори Василиј и Константин, која во тоа време веќе не била млада. Како своевремено Никифор Фока, и Јован Цимискиј ја презел улогата на заштитник на младите легитимни императори.[4]

Конечно преземање на власт[уреди | уреди извор]

Иако императорските права на легитимните претставници на Македонската династија, како на времето на Никифор Фока така и во времето на Јован Цимискиј формално останале нечепнати, сепак постепено се повеќе се заборавало дека престолот всушност им припаѓал на "во пурпур родените" императори Василиј II и Константин VIII. Се сметало за природно власта да се наоѓа во рацете на некој војсководец од кругот на римското благородништво. Така и по смртта на Јован Цимискиј во 976г., како претендент на упразнетата намесничка позиција, се јавил неговиот шура Варда Склир. Се чинело дека Македонската династија, слично како старите Меровинзи, ќе стане жртва на силните мајордоми или, слично на багдадските калифи, ќе игра само декоративна улога во сенката на надмоќните султани. Меѓутоа, благодарение на необичната енергија на младиот император Василиј II, ваквата судбина ја избегнал.[5]

Во тоа време синови на Роман II веќе не биле малолетни: Василиј имал осумнаесет, а Константин шестнаесет години. Со помошта на паракимоменот Василиј, нивниот вујко, тие ја презеле власта. Но, фактички со државата управувал само Василиј II, бидејќи Константин, вистинскиот син на Роман II, бил лесноверен младич кој се свртел кон уживање.[6]

Внатрешна политика[уреди | уреди извор]

Први години[уреди | уреди извор]

Василиј II, напротив, се покажал како човек со железна енергија и со извонредни активности: меѓу сите потомци на Василиј II, тој бил единствениот вистински владетел и навистина голем државник. Меѓутоа, во почетокот и нему му недостигало доволно искуство за вршење на владетелската положба. Сметан од детството само кукла која на дворските свечености која се појавува покрај моќните узурпатори, тој изгледал беспомошно кога одеднаш се нашол во вртлогот на бурните настани. Дури тешките искуства кои го снашле по преземањето на власта направиле од него зрел човек и го очеличиле неговиот карактер. Сите државни работи во почетокот ги водел евнухот Василиј. Според тоа и обидот за узурпација на Варда Склир бил насочен повеќе против него отколку против младите легитимни императори кои никој не ги сфаќал сериозно.[7]

Прва граѓанска војна[уреди | уреди извор]

Варда Склир, претставникот на едно од најугледните магнатски семејства, во времето на својот зет Јован Цимискиј, како доместик на Исток, заземал највисока заповедничка позиција во римската војска. Во летото 976г. неговите трупи го прогласиле за император. Бидејќи извојувал повеќе победи над императорите војсководци, Варда Склир постепено ја довел под своја власт цела Мала Азија. Во почетокот на 978г. по заземањето на Никеја, тој и се приближил на Престолнината. Во овој критичен миг паракимоменот Василиј му се обратил на Варда Фока, внукот на царот Никифор Фока, смел војсководец, кој своевремено самиот се обидел да го узурпира престолот на Јован Цимискиј. Како што него тогаш, во служба на Цимискиј, го совладал Варда Склир, така требало сега тој, во служба на новиот император, да го отстрани Склир. И навистина Варда Фока го победил својот стар соперник, но помалку како слуга на легитимниот цар, а повеќе како претставник на моќното семејство Фока. Не впуштајќи се во борба кај Цариград, тој тргнал за Кесареја, упориштето на Фока, и со тоа го принудил узурпаторот да се повлече во внатрешноста на Мала Азија. Првите битки ги добил Склир, но во мај 979г. Фока во Панкалејската рамница, близу до Аморион, најпрвин го победил својот соперник во двобој, а потоа целосно ја победил неговата војска. Склир побегнал на дворот на калифот и со тоа завршила оваа прва граѓанска војна кој траела три месеци и која претставувала само почеток на уште потешки заплети.[8]

Отстранувањето на паракимоменот Василиј[уреди | уреди извор]

Неколку години подоцна дошло до судир меѓу младиот император Василиј и семоќниот паракимомен. Василиј не бил веќе неискусен младич кому туѓата помош му била нужна или пак добредојдена. Неговата сила и волја за власт се повеќе се манифестирале и тој почесто станувал против туторството на кое во почетокот му се покорувал. Се чувствувал запоставен и тоа чувство постепено се претворило во омраза против човекот кому требало да му се заблагодари за своето политичко воспитување, а можеби дури и за престолот. Така се случило големиот државник кој умеел да излезе на крај со војниците-императори Никифор Фока и Јован Цимискиј, да падне како жртва на младешкото властољубие на својот воспитаник. Насетувајќи дека нема да го заобиколи немилоста, паракимоменот Василиј, како што чини, подготвувал заговор против неблагодарниот млад император во спогодба со Варда Фока и со други војсководци. Но императорот го измамил: тој бил уапсен како обичен бунтовник и откако му биле конфискувани огромните имоти, бил испратен во изгнанство каде што наскоро умрел.[9]

Иако владетелството на Василиј II официјално се сметало од 976г., неговото самостојно владеење всушност почнало дури по паѓањето на големиот евнух во 985г. Колку била голема власта на паракимоменот Василиј и колку младиот император бил длабоко озлобен поради своето запоставување покажува фактот што тој ги прогласил за неважечки законите донесени пред паракимоменовото отстранување, доколку допонително тој нив не ги потврдил. Бидејќи, како што самиот вели во една своја новела, „во времето од почетокот на нашето владеење до отстранувањето на паракимоменот Василиј... многушто се случуваше не по наша волја, тука за се решаваше и одлучуваше неговата волја“.[10]

Востанието на Комитопулите[уреди | уреди извор]

Првиот самостоен потфат на Василиј II бил неговиот поход на Балканот, во 986г. Смртта на Јован Цимискиј ги ослободила непријателите на Римската империја од силниот притисок, а граѓанската војна, до која дошло потоа, им пружила можност да стапат во акција. Особено далекусежни последици имало слабеењето на римската централна власт на Балканот. Во Македонија во 976г. избувнало востание под водство на четворицата "комитопули" - синови на комес-војводата Никола. Востанието зело големи размери. Претворајќи се во борба за ослободување од римската власт, тоа ги преминало пределите на Македонија и постепено го зафатило најголемиот дел од Балканскиот Полуостров. Известен за акцијата на Комитопулите, симнатиот бугарски цар Борис со својот брат Роман побегнал од Константинопол, но настрадал при преминот на границата. Роман се спасил, но тој не можел да ја носи круна, бидејќи Римјаните/Ромеите го скопиле. Водството за борба, а потоа и императорската круна му припаднале на најмладиот комитопул, на смелиот и енергичен Самоил. Двајцата постари негови браќа Давид и Мојсеј, загинале во борбите, а третиот Арон подоцна бил убиен од Самоил.[11]

Втора граѓанска војна[уреди | уреди извор]

Охрабрени од неуспехот на императорот против Самоил, римските благородници-великодостојници одново се дигнале против него. Варда Склир во почетокот на 987г. се вратил во римската држава и повторно се прогласил за император. Варда Фока кој поради врските со паракимоменот Василиј бил отстранет од позицијата, одново бил поставен за врховен заповедник во Азија, за уште еднаш да стапи во акција против својот соименик. Наместо тоа и тој се побунил против Василиј II, и на 15 август 987г. се прогласил за император. Неговото одметнување било особено опасно, бидејќи било подготвено на состанок на вишите римски офицери и на претставниците на малоазиските магнатски семејства. Зад Варда Фока стоеле воените команданти, озлобени од самоволниот млад император, и највлијателните малоазиски магнати-велепоседници. Во почетокот, Фока се спогодил со својот бивш соперник: договорено било да го поделат Царството и Фока да го добие европскиот дел од Империјата, а Склир азиските покраини. Меѓутоа, по краткотрајна соработка, Варда Фока, свесен за својата надмоќ, го отстранил Склир, го ставил под стража и станал единствен претендент на императорскиот престол. Целата Мала Азија брзо дошла во негова власт и на почетокот на 988г., тој веќе бил на дофат на Константинопол. Еден дел од неговата војска зазел позиција кај Хрисополе, а вториот кај Абидос. Против римската престолнина се подготвувал едновремено напад од копно и од море.[12]

Помош од кнезот Владимир[уреди | уреди извор]

Положбата на легитимниот император била извонредно тешка. Во својата држава тој никаде немал поцврста поткрепа. Сите влијателни елементи се свртеле против него. Само помош од надвор можела да го спаси од сигурна пропаст. Василиј II тоа навреме го сфатил и побарал помош од киевскиот кнез Владимир. Во пролетта 988 година стигнале во Империјата 6,000 руски војници и оваа позната варего-руска “дружинаја“ ја спасила ситуацијата во последен миг. Под лично водство на императорот, Русите кај Хрисополе целосно ги прегазиле бунтовниците, а одлуката паднала кај Абидос, во битката во која самиот Варда Фока загинал (април 989г.). Бунтовничкото движење доживеал крах. Варда Склир, кој уште еднаш се обидел да стапи во акција, морал да се согласи на спогодба и да му се потчини на императорот. Рускиот одред и натаму останал во служба на римскиот император и во императорската војска одиграл значајна улога.[13]

Противник на велепоседништвото[уреди | уреди извор]

Скршнувајќи ги политичките аспирации на римските великодостојници во крвавите граѓански војни, Василиј II му застанал на пат и на стопанското јакнење на феудалната аристократија. Колку велесопствеништвото го загрозувало стопанскиот и социјалниот поредок на римската држава, увидел уште и Роман Лакапин. Каде тоа водело на политички план можел да сфати дури Василиј II, подучен од тешкото искуство на своето детство и на младоста. Тој не само што ја продолжил туку и значително ја заострил антиаристократската аграрна политика на своите претходници, поттикнат од личната омраза спрема магнатските семејства кои му го оспорувале татковиот престол. Во својот радикализам тој понекогаш преминувал преку формалните права, како на пример во случајотсо Евстасиј Малеина, воениот другар на Варда Фока, чие гостољубие Василиј го уживал на враќањето од сирискиот поход во 995 година. Извонредното богатство на овој кападокиски магнат, неговите огромни поседи, а уште повеќе бројот на неговите робови и парици, од кои можело да се состави воен одред од повеќе илјади луѓе, направиле таков впечаток на царот што тој го повикал својот гостољубив домаќин во Константинопол и таму го задржал. Малеиновите поседи биле конфискувани и предадени на државата.[14]

Семејствата Фока и Малеина децидно се спомнуваат во новелата на Василиј II од 996 година како најистакнати претставници на надмоќното велепоседништво. Новелата на Василиј го дополнувала старото законодавство со укинувањето на правото на застареност, со кое според поранешните одредби, можеле да се ползуваат купувачите на мали поседи по истекот на четириесетгодишен рок. Таа наредувала сите поседи кои благородништвото ги стекнало од селаните по законот на Роман Лакапин, без оглед на порано предвидениот рок за застареност, да им се вратат на бившите сопственици, односно на нивните наследници, без никаков надомест. Спрема државата, според наредбата на Василиј, правот на застареност воопшто не постоело: таа може да може да бара враќање на своите имоти, наназад се до времето на Август.[15]

Василиј II настојувал истовремено да го ограничи и ширењето на манастирското велепоседништво. Со истата новела од 996 годинна, тој наредувал манастирите, основани на териториите на селските општини како селски задужбини со мал број калуѓери, да и бидат потчинети на селската општина и да не му плаќаат давачки на епископот. Само манастирите со осум и повеќе калуѓери остануваат под власта на епископот, но не смеат да ги зголемуваат своите земјишни поседи. Со оваа наредба Василиј II повторно се солидаризирал со стариот закон на својот прадедо Роман Лакапин. Напротив, тој избегнувал секаква алузија на антиманастирскиот закон на својот очув Никифор Фока, укинат со наредба на Јован Цимискиј.[16]

Тематско уредување на Балканот[уреди | уреди извор]

Со покорувањето на Самоиловото царство, Римската империја одново завладеала со целиот Балкански Полуостров, првпат по словенското преселување. Станувајќи составен дел на Римската империја, територијата на бившото Самоилово царство, како и секоја римска територија, било поделено на теми. Нејзиниот централен дел ја образувал големата тематска единица кој била наречена тема Бугарија. Средиштето на оваа голема тема, која добила ранг на катепанат, а потоа и ранг на дукат, било во Скопје. Во бугарските територии меѓу Стара Планина и Дунав била формирана темата Паристрион или Пардунавон со центар со Силистрија. Се чини дека и пограничната област на Дунав и Сава биле претворени во тема со седиште во Сирмиум. Јадранскиот брег со Задар на север и Дубровник на југ ја сочинувал, како и порано темата Далмација. Напротив, Дукља, Захумје, Рашка и Босна не биле организирани како теми, туку како и Хрватска, останале под власта на домашните кнезови и според тоа не претставувале провинции, туку вазалски држави на римската држава. Областа јужно од Скадар, како и порано, и припаѓала на темата Драч, која како главно упориште на Империјата на Јадранот, добила ранг на дукат, како што добила и Солунската тема, главното римско упориште на Егејското Море.[17]

Тематско уредување на Истокот и Италија[уреди | уреди извор]

На Истокот на ново освоените територии биле формирани темите Антиохија, Телух, Приеуфратски градови (подоцна Едеса), Мелитина, и покрај неа старата тема Месопотамија, темата Тарон и понатаму на исток, пак неодамна освоените и присоединети области Васпуркан, Иберија и Теодосиопол. Додека старите малоазиски теми губеле значење, новите провинции како погранични области добиле голема важност и имале ранг на дукат, како Антиохија, подоцна и Месопотамија, или ранг на катепанат, како Едеса и ерменско-ибериските теми.[18]

Пред својата смрт неуморниот император ги свртел своите погледи кон Запад. Позицијата на Римската империја во јужна Италија, која во времето на Отон I се чинела загрозена од германските надоаѓања, се зацврстила по несреќното војување на Отон II со Арабјаните. Под Отон III, синот на римската принцеза Теофано, зајакнало римското/ромејското влијание во Германската империја. Заради поефикасна одбрана, целиот римски посед во Италија бил организиран како катепанат, и храбриот катепан Василиј Војоан отпочнал успешно војување со околните сили.[19]

Статус на охридската црква[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Охридска архиепископија.

Охридската патријаршија билa претворена во архиепископија, но новата архиепископија добила автокефалност и нејзе и биле потчинети сите епископии од териториитена бившото Самоилово царство. Охридската архиепископија не била зависна од Вселенската патријаршија, но за тоа му била потчинета на самиот император, бидејќи императорот го задржал за себе правото за поставување на охридски архиепископ. Автокефалниот охридски архиепископ во византиската црковна хиерархија добил повисок ранг од останатите архиепископии, што и биле потчинети на Вселенската патријаршија.[20]

Надворешна политика[уреди | уреди извор]

Кревање на моќта на Самоил[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Самоилово царство.

Самоил создал големо царство чие средиште најпрво било во Преспа, а потоа во Охрид. Постепено ја обединил под своја власт цела Македонија освен Солун, ги приклучил во својата држава старите бугарски територии меѓу Дунав и Стара Планина, Тесалија, Епир, дел од Албанија со Драч, а најпосле и српските територии, како и Дукља и дел од Босна и Хрватска. Идеолошки, Самоиловото царство било поврзано со старото Бугарско царство, такашто и самите негови творци и Римјаните/Ромеите го нарекувале бугарско. Бидејќи традициите на царството и на патријаршијата, освен во Римската држава, постоеле само уште во Бугарија. Самоил ги прифатил тие традициии го презел наследството на Симеоновото и царството на Петар, кое паднало под ударите на Римјаните. Всушност неговото царство значително се разликувало од царствата на Симеон и на Петар. И според составот и според карактерот тоа било ново царство. Неговото тежиште се поместило кон југозапад и Македонија го чинела неговото јадро.[21]

Бидејќи нападите на Солун и на Сер останале безуспешни, Самоил повеќепати упаѓал во Тесалија и кон крајот на 985г. или на почетокот на 986г. по долга опсада ја освоил Лариса. Паѓањето на главниот град на Тесалија го побудило императорот Василиј II да преземе противофанзива. Првиот негов судир со Самоило не бил среќен. Низ т.н. Трајанова порта тој продрел во областа Сердика, но не успеал да го освои градот. Дури поминал и полошо. Царската војска при враќањето била нападната и целосно била разбиена (август, 986г.). По оваа победа Самоил можел непречено да ја шири својата власт на сите страни, зошто во Римската империја избувнала нова граѓанска војна.[22]

Во пролетта 991г. Василиј II го напуштил Константинопол и неколку години водел воени операции против Самоил.[23] Самоил го искористил заминувањето на императорот на Исток против Фатимидите, упаднал во Грција и прорел се до Пелопонез. Меѓутоа, на враќање го изненадил римскиот војсководец Никифор Уран и му нанел тежок пораз. Самиот Самоил бил тешко ранет и одвај се спасил од смрт (997г.). И покрај овој пораз Самоиловото напредување продолжило. Се чини наскоро потоа успеал успеал да го заземе Драч и кон своето царство да ги присоедини Рашка и Зета. Сојузот со Рим не му помогнал на Јован Владимир: неговата земја била припоена, а тој самиот бил однесен во заточеништво.[24]

Брачни врски со Киевска Русија и нејзина христијанизација[уреди | уреди извор]

Како награда за спасовната помош против Варда Фока, која му ја пружил, Василиј II на рускиот кнез Владимир му ја ветил својата сестра Ана, под услов тој и неговиот народ да се покрстат. Почеста која со тоа му се укажувала на рускиот кнез била единствена. Ниедна римска принцеза "родена во пурпур" дотогаш не се омажила за странски владетел. Првпат на рускиот владетел му било понудено да стапи во роднински врски со легитимната императорска династија, а тоа до толкава мера било во спротивност со римските традиции што Римјаните, бидејќи опасноста поминала, се обиделе да се откажат од даденото ветување. За да ги натера на исполнување на ветувањето Владимир го нападнал римскиот дел на Крим и го зазел Херсон (989г.). Дури тогаш Ана била испратена во Киев.[25]

Христијанизацијата на киевската држава, кој означува и почеток на нова ера во Русија, била од големо значење и за Римската империја. Римската сфера ма влијание огромно се приширила, најголемата словенска држава се ставила под духовно водство на Константинопол. Младата руска црква и била потчинета на Вселенската патријаршија и во почетокот со неа управувале ромејски митрополити, делегирани од римската држава. Културниот живот на Русија од тогаш со векови се развивал под силно римско влијание.[26]

Односи зо Зета[уреди | уреди извор]

Се чини дека за борбата против моќниот цар Самоил, Василиј II барал подршка од владетелите на другите балкански земји и дека стапил во врска со кнезот на Зета - Јован Владимир. Околу 992г. му дошло претставништво, најверојатно од Зета. Пратениците патувале по море и патем паднале во рацете на арабиски гусари. Кога најпосле стигнале во Римската империја, императорот го затекнале на боиштето. Уште во пролетта 991г. Василиј II го напуштил Константинопол и неколку години водел воени операции против Самоил.[27]

Војната со Фатимидите[уреди | уреди извор]

Заплетите на Исток го присилиле да го прекине војувањето во Македонија. Арабјаните од Фатимидскиот калифат во Египет, во тоа време најсилниот противник на Римската империја на Исток, продреле во Сирија и на императорскиот командант на Антиохија му нанеле тежок пораз на Оронт (994г.) Потоа бил опседнат Алепо и се чинело дека и самата Антиохија била загрозена. Рим од почетокот на својата историја била осудена истовремено да води борба на два фронта. Кога се обидувала да ја избегне оваа судбина тоа жестоко и се одмаздувало. За Василиј II балканското прашање имало исто толку исто првенствено значење како што во свое време за Никифор Фока имало сириското. Но тој не ја повторил грешката што ја сторил неговиот голем очув, кој заради борба на Исток ги запоставил задачите на Балканскиот Полуостров. Во 995г. Василиј лично се појавил пред ѕидините на Алепо, го избркал изненадениот непријател и ги зазел Рафанеја и Емеса. Во 999г. кога командантот на Антиохија доживеал нов пораз, императорот дошол во Сирија уште еднаш да ја спаси ситуацијата. Потоа тргнал во кавкаските покраини за да ги среди приликите во Ерменија и Иберија.[28]

Освојување на Самоиловата држава[уреди | уреди извор]

Дури по враќањето на Василиј II од Азија, во 1001г. започнала големата римска офанзива на Балканот. Оваа офанзива императорот ја водел лично, според добро осмислен план. Најпрвин продрел во областа Сердика и ги зазел околните тврдини. Со тоа бил пресечен патот кон бугарските територии околу Дунав и римските команданти ги запоседнале старите бугарски престолнини Плиска и Голем Преслав, како и Мал Преслав. Потоа Василиј II се свртел кон Македонија. Бер му се предал, Сервија била заземена на јуриш, а со тоа бил отворен патот за северна Грција. Василиј брзо воспоставил византиска власт во Тесалија, потоа се вратил во Македонија и по жестока борба го освоил цврсто утврдениот Воден. Потоа неочекувано го нападнал Видин на Дунав и по тешка осуммесечна опсада успеал да ја заземе оваа значајна тврдина, не осврнувајќи се на тоа што Самоил во меѓувреме го освоил и го ограбил Едрене. Од Видин, Василиј повторно поитал на југ. На Вардар, близу до Скопје, тој извојвал голема победа над самоиловата војска, после што Скопје му ги отвори портите (1004г.).[29]

Со освојувањето на Скопје од една, и на Воден од друга страна, тој како во клешти ја зафатил централната власт на Самоиловото царство. По четиригодишно неуморно војување, кое му донесло низа големи победи, римскиот цар држел половина од непријателската територија. Дури тогаш решил да ги прекине операциите и преку Пловдив да се врати на зимување во Константинопол. Како што кажува Михаил Псел, „тој (Василиј II) ги водел војните поинаку одошто тоа го правеле повеќето императори кои оделе во поход во средината на пролетта, а се враќаат кон крајот на летото: тој се враќал откако ќе ја постигне целта заради која тргнал во војна“.[30]

Во 1005г. Драч со издајство му бил предаден на римскиот император. Меѓутоа, уништувачкиот удар на Самоиловото царство, Василиј II му го нанел дури во јули 1014г. во битката на Беласица. Самоиловата војска била опколена по клисурите на Беласица. Самиот цар се спасил и успеал да дојде до Прилеп, но голем дел од неговите војници изгинале, а уште поголемиот попаднал во заробеништво. Својата победа Василиј Бугароубиецот ја прославилна грозоморен начин. На заробениците, кои наводно биле 14,000 им биле ископани очите, само на секој стоти му било оставано по едно око, за да можат тие полуослепени да ги одведат своите ослепени другари кај царот во Прилеп. Кога Самоил ја видел стравотната поворка, доживеал мозочен удар, по два дена храбриот цар умрел на 6 октомври 1014г.[31]

Внатрешните неспогоди му ја олесниле работата на освојувачот. Самоиловиот син и наследник Гаврило Радомир паднал веќе во 1015г. Него и неговата жена ги убил неговиот братучед Јован Владислав, синот Аронов. Истата судбина го снашла и неговиот зет, зетскиот Јован Владимир, кого Јован Владислав на измама го фатил и го убил. Војувањето било сведено на ликвидирање на одделни точки на отпор, бидејќи војводите на царот јуначки се уште му пркоселе на победителот. Најпосле, во февруари 1018г., при опсадата на Драч, загинал и самиот Јован Владислав. Војната завршила со свеченото влегување на Василиј II во Охрид. На портата од Самоиловата престолнина тој примил изјава на покорност од царицата Марија, владиславата вдовица, и од другите преживеани членови на царската куќа. Неговата цела постигната: Царство на Самоил, со кое тој бил во непријателство и војувал повеќе од три децении, најпосле било срушено. Обиколувајќи ја покорената земја Василиј II насекаде ја обновувал римската власт и по градовите поставувал свои команданти. На крајот ја посетил и Атина. Во Партенон, одамна претворен во црква на Богородица, било одржано благодарствување, со што на впечатлив начин било одбележано победоносното завршување на војната која ја издигнала Римската империја до ненасетувана височина.[32]

Воено делување на Кавказот[уреди | уреди извор]

Во последните години на својот живот тој успеал значително да ја пришири римската власт спрема кавкаското подрачје. По смртта на ерменскиот крал Гагик I (990-1020), за чие време државата на Багратидите го доживеала својот најголем полет, во Ерменија избувнале немири. Тоа му пружило можност на римскиот император да се замеша во ерменските прилики што тој и го сторил со успех. Васпурканската област и Иберија биле присоединети кон Римската империја, додека областа Анија му останала на кралот Јован Смбат, син и наследник на Гагик I, како доживотна сопственост, со тоа што по неговата смрт да и припадне на Рим.[33]

Смрт[уреди | уреди извор]

Василиј II подготвувал голема експедиција против Арабјаните на Сицилија. Но на 15 декември 1025 година тој умрел. Оставил империја која се протегала од ерменските планини до Јадран и од Еуфрат до Дунав. На нејзиното подрачје се наоѓале многу јужнословенски земји, а и Киевска Русија била вклучена во сферата на нејзиното влијание.[34] Смртта на Василиј II претставува пресвртница во римската историја. Почнува времето на епигони кога Империјата, спрема надворешниот свет, живее од славата на претходната епоха, а во својот внатрешен развиток потпаѓа под силите на феудалната дезинтрегација.[35]

„Хроника“ на Јован Скилица[уреди | уреди извор]

Јован Скилица бил римски/ромејски автор кој во својата „Хроника“ од XI век го опишува навлегувањето на Василиј II во териториите кои ги владеел цар Самуил:

...Царот Василиј Бугароубиец, кој сакал да му се одмазди на Самоил за стореното, ги собрал римските војски и решил сам да навлезе во Бугарија. Тој навлегол во Бугарија преку Родопите и реката Хеброс (Марица). Го оставил во тил магистар Лав Мелисин и му заповедал да ги пази прооодите, а самиот тој, откако ги минал теснините и планините, крај Триадица, наречена порано Сердика (Софија), стигнал до едно село, наречено Стопонион (Ихтиман), тука направил логор и започнал да размислува како да ја раководи опсадата на Сердика...


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342-343.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 350-351.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 351.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 352.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 357.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 357.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 357-358.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 358-359.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 359.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 359-360.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 360-361.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 363-364.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 364.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 366-367.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 367.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 367-368.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 374-377.
  18. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 378.
  19. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 378.
  20. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 373.
  21. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 361.
  22. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 363.
  23. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 369.
  24. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 370.
  25. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 364.
  26. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 365.
  27. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 369.
  28. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 369-370.
  29. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 370-371.
  30. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 371.
  31. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 371-372.
  32. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 372-373.
  33. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 377-378.
  34. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 378-379.
  35. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 385.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Василиј II
Роден(а): 958 Починал(а): 15 декември 1025
Владејачки титули
Претходник
Роман II
Римски император
960–1025
Наследник
Константин VIII