Варваринден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Варваринден
Варваринден
Украинска поштенска марка за Варваринден
Го празнува(ат) христијанските и нехристијански земји
Вид христијански
Значење ден на великомаченичката Варвара
Датум 4/17 декември
Обичаи обредно пеење, обреди

Варваринден или Варвинден — еден од поголемите христијански празници од зимскиот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 4 декември, односно на 17 декември по стариот календар. Меѓу народот постои верување дека не се оди никаде на гости на овој ден, туку дека се седело дома. Се верува дека денес кој прв влезе дома таква ќе биде годината. Кој ќе те полази таква среќа ќе ти донесе, затоа народот верувајќи во ова гледал прво мало дете да ти стапне прво дома па среќа ,радост, мила да ти биде годината. Или пак тој што ќе влезе да носи леб со него – за бериќет. Празникот на Светата великомаченица Варвара народот најчесто го поврзува со заварување (затекнување), варење и сл. Во народните сфаќања Варвара се поврзува со преминот од есен во зима. Се верува дека од Св.Варвара до Св.Игнатиј Богоносец денот се „крева“, се зголемува колку иглен врв; дека на Св.Варвара денот и ноќта се еднакви или дека Сонцето се врти кон летото. Најчесто Св.Варвара се сфаќа како покровителка на сипаницата и други детски болести, а конкретната претстава за неа ја сочинува митолошкиот лик на болеста- стара, грозна и зла бабичка. Света Варвара е типично женски празник. Народните претстави за празникот и обредноста на Св.Варвара упатуваат на древните женски култови, преосмислени во христијански дух и врзани со култот на Светицата-Големата Божица Мајка.[1]

Житие[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Света Варвара.

Света Варвара е родена во градот Илиопол Мисирски, од богат татко по име Диоскор, но во верата незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател, иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господ Христос. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите. Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биеше, ја протера од кулата и ја гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекоа и ја биеја, додека целото тело не ѝ го прекрија во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијанија и самата посака мачеништво. Обете беа ужасно мачени и со исмевање ги водеа по градот. Им ги отсекоа градите и од нив истече многу крв. Најпосле ги изведоа на губилиште, каде што таткото самиот си ја закла ќерката, а војниците ја заклаа Јулијанија. Истиот тој ден удри гом во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострадала во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, Св. Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица.

Обичаи[уреди | уреди извор]

Македонија[уреди | уреди извор]

Руска икона на Света Варвара

Култот на Светата маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека, со специјални капчиња на главите оделе кај црквата „Света Петка“ над селото, таму играле и пееле, а потоа се враќале и во групи, ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се готвела храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и „Света Варвара букосава Свети Никола“. Останало запишано дека на 4 декември луѓето се собирале кај изворот со топла и лековита вода да се измијат за здравје и исцелување од секакви болести. Од 1850 година ова празнување било пренесено на средата по Велигден зашто во зима било студено, со снег. Инаку, преданието вели дека светата маченица Варвара потекнувала од овој крај и тука страдала. На местото каде што е убиена излегла вода со црвеникава боја за која се смета дека е од нејзината крв.

Во Радовиш на овој ден подготвувале пченка за варење за да се заварат (затечат) бучуци жито. Во овој крај со Варвара бил поврзан обичајот „полазувајне“ што се среќава и во други краишта на Македонија, иако во некои места овој обичај е поврзан и со некои други празници. Имено тој прв што ќе влезе во куќата наутро се вика „полезник“. Се смета дека е добро тој да е човек со „лесен полез“ поради што поканувале луѓе што ги сметале за среќни први да дојдат наутро и да бидат полезници. Полезникот носел неколку сламки и велел: „Дујде Света Варвара сус гуденца, сус пиленца, сус детенца, и бериќет и здравје и ксмет да имате во куќата“. Полезникот го честеле со кафе, слатко и др. а му давале и пари.

Обичаи поврани со полезник се изведувале и во Гевгелиско каде што овој обичај се изведувал на Мартинци. Освен тоа домаќинката мешала повеќе житни култури (пченка, јачмен, овес, просо и др.) ги варела и им ги давала на кокошките да им се разварат цревата и да несат повеќе јајца во текот на годината.

Варење жито на овој ден се среќава и во Кумановско. Овде најчесто во ѓезве вареле пченка и пченица (мешан бериќет) и сите од куќата каснувале утрото пред да одат на работа. Тоа се правело за да не се запече полето да биде влажно како водата во ѓезвето и да тера бериќетот. Истиот ден се јадел варен грав за да не го тепа град полето. Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла.

Во Велешко верувале дека од Варвара до Игнат денот се кревал колку врв од игла, а од Игнат до Васил пак како врв од игла. Култот на Света маченица Варвара особено популарен бил во Разлошко каде што се верува дека таа била од овој крај и дека тука настрадала. Овде се изведуваат интересни обичаи, се празнува со собири и панаѓури. Се вели дека празникот Варвара е на средината на Божиковите пости. Тогаш девојките и момчињата се облекувале во специјална облека со специјални капчиња на главите оделе кај црквата Света Петка над селото,тамо играле и пееле, а потоа се враќале и во групи ужинале во некоја куќа каде што специјално за нив се спремало храна. Потоа пак играле и пееле повеќе обредни песни меѓу кои и "Света Варвара букосава Свети Никола".

Бугарија[уреди | уреди извор]

За да ја умилостиват и прогонат „баба Шарка“[2] жените подготвуваат на денот на Света Варвара обредно вариво „варвара“ од различни пченични и грашести зрна, го засладуваат со мед и го раздаваат на соседите и децата. Во регионот на Софија (Дупнишко)[2], непарен број деца палат голем оган на крстопат, секое од нив во свое (или зедничко) грне вари леќа и лапнуваат по три зрна. Покрај огнот мајките им раздаваат пченични пити (погачи) и ракија. Секое од нив по три пати го прескокнува огнот по што заминуваат. Леќата и гламните (остатокот од дрвата во огнот) се користат за лекување од голема сипаница и други болести. Постои и верување односно забрана да не се варат грав и леќа на Св.Варвара за да не остава сипаницата белези со големина на тие зрна. Во Добруџа и Тракија[2] жените раздаваат намачкани со мед пресни пити за здравје на децата или некаде тоа се прави за здравје на сите луѓе и добитокот. Една од питите ја оставаат на полицата или на греда на таванот „за баба Шарка ако дојде да ја земе и да не ги зафаќа луѓето“. Спроти Варвара крај измачканото огниште се поставува трпеза за сипаницата со медена пита, мед, сол, вода; оставаат крпа и перница до софрата. Во југоисточните бугарски краеви[2] спроти празникот е првата “кадена вечера“. Свеќа од неа се чува, се вика варварска и се пали при тешки пораѓаи на добитокот, кога грми и кога паѓа град. Св.Варвара се почитува и како празник во чест на домашните птици. Утредента домаќинката им дава на кокошките од варивото, на кое црта со јаже круг- да се множат и да се чуваат. Претходниот карактер на празникот се врзува со моминските гатања за мажење. Иако ретко - христијанизираниот лик на светицата покажува врска со наречниците (митол.). Само во одделни села на Североисточна Бугарија[2] трите дена на светците Варвара, Сава и Никола се почитуваат и како волчји празници. Се среќава и верувањето дека Сава и Варвара се два куци волка, коишто одат последни од групата од пет волци. Во Годечко, Трнско, Радомирско и Ќустендилско[2], каде што Света Варвара се нарекува „Женска Коледа“ дотерани девојки и момци со торбички на рамо-варварки, варварици – ги обиколуваат селските домови, пеат обредни песни и благословуваат за здравје и бериќет.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонски народни празници и обичаи-Марко Китевски, Менора-Скопје, 1996.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Българска митология – Енциклопедичен речник / „Захарий Стоянов“ - София, 2006.