Вампири (филмски серијал)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вампири (француски: Les Vampires) е француски безвучен филмски серијал од 1915-1916 година, во режија на Луј Фојад (Louis Feuillade), кој е автор и на сценариото. Серијалот се состои од десет епизоди со различна должина.[1]

Прва епизода[уреди | уреди извор]

1. епизода: Отсечената глава (1915)
Филип Жеранд (десно) го испрашува д-р Нокс (лево) во „Отсечената глава“.

Првата епизода е насловена „Отсечената глава“ (француски: La Tête Coupée) и трае 33 минути, а премиерно била прикажана на 13 ноември 1915 година. Филип Жеранд (го игра Едуар Мате), новинар во весникот „Париска хроника“, открива дека од неговата работна маса исчезнала папката со досието за злосторничката група „Вампири“. Набргу се дознава дека документите ги украл неговиот соработник Мазамет (го игра Марсел Левеск) при што Филип му простува. Тогаш пристигнува телеграма со веста дека полицискиот инспектор кој ја истражувал групата „Вампири“ е најден обезглавен во едно мочуриште. Филип заминува по посета на д-р Нокс (го игра Жан Еме), стар пријател на татко му, кој живее во замок. Истовремено, во замокот пристигнува и американската милионерка г-ѓа Симпсон (ја игра Рита Херлор) која го купува замокот, а која е позната по нејзиниот скап накит. Ноќта, додека таа спие, маскиран човек ја ограбува, а истовремено, Филип открива тајна комора во ѕидот на својата соба. Изутрината, кога го-ѓата Симпсон утврдува дека е ограбена, сопственикот на замокот го обвинува Филип за кражбата, по што тој бега и оди кај судијата. Набргу, таму пристигнуваат и д-р Нокс и г-ѓа Симпсон, а судијата ги остава да чекаат во една соба, поставувајќи стражари да ги чуваат. Судијата и Филип одат во замокот каде во тајната комора во ѕидот наоѓаат кутија со главата на полицискиот инспектор. Кога се враќаат во судот, тие ја наоѓаат г-ѓа Симпсон мртва, а д-р Нокс избегал. Притоа, бегалецот оставил писмо во кое тој се нарекува Големиот вампир и кажува дека го убил вистинскиот д-р Нокс и го презел неговиот идентитет. Филмот завршува со сцената во која маскиран човек бега преку покривот на зградите.[2]

Втора епизода[уреди | уреди извор]

2. епизода: Пртсенот што убива (1915)
Марфа Кутилоф танцува облечена како вампир-лилјак во „Прстенот што убива“.

Втората епизода, со наслов „Прстенот што убива“ (француски: La Bague Qui Tue) трае 33 минути, а премиерно била прикажана на 13 ноември 1915 година. Големиот вампир, кој се претставува како грофот Ноармутје, чита во весникот дека познатата балерина Марфа Кутилоф (ја игра Стасја Напјерковска), за која се зборува дека е свршена со новинарот Филип Жеранд, вечерта ќе ја игра претставата „Вампири“. Тој ја посетува балерината во нејзината гардероба, подарувајќи ѝ отровен прстен. За време на претставата, балерината умира и ја изнесуваат од сцената. Филип го препознава водачот на злосторничката група „Вампири“ и го следи до едно зафрлено место каде „Вампиирте“ го заробуваат при што на полноќ треба да биде испрашан од Врховниот инквизитор, а изутрината треба да биде убиен. Него го чува Мазамет, кој го ослободува Филип и му кажува дека морал да стане дел од „Вампирите“ за да обезбеди пари за школувањето на децата. На полноќ, Филип и Мазамет го врзуваат Врховниот инквизитор. Утрото пристигнуваат „Вампирите“, но истовремено доаѓа и полицијата. Оттука, „Вампирите“ бегаат низ подземниот премин, но притоа го убиваат врзаниот човек за кого мислат дека е Филип. Потоа, полицијата открива дека Врховниот инквизитор, всушност, бил претседателот на врховниот суд.[3]

Трета епизода[уреди | уреди извор]

3. епизода: Црвената книга со шифри (1915)
Ирма Веп пее во ноќниот клуб во епизодата „Црвената книга со шифри“.

Третата епизода носи наслов „Црвената книга со шифри“ (француски: Le Cryptogramme Rouge) и трае 39 минути, а премиерно била прикажана на 4 декември 1915 година.

Филип наоѓа мала црвена книшка, која им припаѓа на „Вампирите“ и се обидува да ја дешифрира, со цел да го открие убиецот на балерината. Бидејќи „Вампирите“ ја набљудуваат неговата куќа, тој објавува дека е болен, а потоа, маскиран, оди во еден клуб каде настапува Ирма Веп (ја игра Мусидора), чие име претставува анаграм од Вампири. По завршувањето на нејзиниот настап, публиката си оди, но еден дел од присутните (членовите на „Вампирите“) си прават приватна забава. Во домот на Филип доаѓа Мазамет и му дава пенкало со отровно мастило, кое го украл од Големиот вампир. По неколку дена, во домот на Филип пристигнува нова слугинка при што тој ја препознава Ирма. Таа се обидува да го отруе, но Филип ја открива нејзината намера и пука во неа и во еден член на „Вампирите“, а потоа ја повикува полицијата. Меѓутоа, кога тие ќе се вратат во собата, Ирма и крадецот ги нема, а Филип открива дека неговиот револвер бил наполнет со лажни куршуми. Во меѓувреме, мајка му на Филип добива порака од нејзиниот брат кој ја известува дека имал сообраќајна несреќа. Таа оди кај него и дознава дека пораката била лажна, а потоа неа ја грабнуваат „Вампирите“ и ја затвораат во една куќа. За нејзина среќа, таа го поседува отровното пенкало и со него го убива нејзиниот чувар, а потоа среќно се враќа дома. Кога Големот вампир доаѓа во куќата со намера да ја убие мајка му на Филип, тој дознава дека во „Вампирите“ има предавник.[4]

Четврта епизода[уреди | уреди извор]

4. епизода: Спектар (1916)

Четвртата епизода носи наслов „Спектар“ (француски: Le Spectre) и трае 30 минути, а премиерно била прикажана на 7 јануари 1916 година.

Големиот вампир е преправен како агент за недвижности со име Трепс. Кај него доаѓа Хуан-Хосе Морено (го игра Фернанд Херман), кој сака да изнајми соба во која мора да има сеф. Трепс го носи клиентот во еден стан, но Морено не знае дека сефот е лажен, односно дека Големиот вампир има пристап до него. Кога Морено ја става својата торба во сефот, Големиот вампир и Ирма Веп во торбата ја наоѓаат црната облека која ја користат „Вампирите“. Подоцна, еден банкар му дава налог на својто вработен да пренесе 300.000 франци, а Ирма е преправена како негова секретарка. Таа му јавува на Големиот вампир и „Вампирите“ го грабнуваат службеникот и го убиваат. Утредента, службеникот не се појавува на работа, па задачата за пренос на парите ѝ ја доверуваат на секретарката на банкарот, т.е. на Ирма. Но, за чудо, истиог миг, во банката се појавува убиениот службеник, кој ги зема парите. Големиот вампир го следи, но човекот со парите влегува во отворот за канализацијата и успева да побегне со парите. Филип доаѓа во банката, преправен како мајстор за поправка на телефонската мрежа и ја открива Ирма, а потоа успева да влезе во нејзиниот стан. Таму пристигнуваат Ирма и Големиот вампир, кои го отвораат сефот и во него го наоѓаат мртвото тело на банкарскиот службеник. Тогаш, Филип сака да ги приведе, но слугинката на Ирма го удира по главата и тој се онесвестува, а Ирма и Големиот вампир бегаат од станот. Кога се освестува, Филип ја повикува полицијата, а во меѓувреме, Морено влегува во својто апартман, го наоѓа сефот отворен и низ нго влегува во станот на Ирма, каде го чека Филип со револвер во раката. Тогаш, Морено му раскажува како случајно го нашол мртвото тело на банкарскиот службеник, како со своите помошници го скрил телото во сефот и како, маскиран како убиениот службеник, ги зел парите. Во тој миг доаѓа полицијата и го приведува Морено.[5]

Петта епизода[уреди | уреди извор]

5. епизода : Бегството на мртовецот (1916)

Петтата епизода носи наслов „Бегството на мртовецот“ (француски: L'évasion Du Mort) и трае 35 минути, а премиерно била прикажана на 28 јануари 1916 година. Морено излегува пред судијата, но испива отров и паѓа мртов. Неговото тело го стваат во затворската ќелија, но тој го убива стражарот и успева да избега. Ноќта, Мазамет не може да заспие и од својот прозорец го гледа Морено како влегува во своето засолниште. По некое време, луѓето на Морено го киднапираат Филип, но тој успева да се ослободи. Следејќи една трага, тој го посетува човекот што изработува маски, а таму се наоѓа Морено кој порачува полициски униформи за својата банда. Притоа, Морено го следи Филип, а неговите помошници, облечени како полицајци, повторно го киднапираат Филип. Потоа, го носат во своето тајно засолниште, каде сакаат да го обесат, но Морено се смилува под услов Филип да му даде информации за „Вампирите“. Меѓутоа, во засолништето на Морено се наоѓа Мазамет, кој претходно изработил клуч, и тој го ослободува Филип. Големиот вампир, преправен како барон, приредува забава во својата куќа на која се поканети највидните луѓе од Париз. Тој пушта гас во просторијата и ги заспива присутните, а „Вампирите“ им го крадат накитот. Меѓутоа, Морено ги надитрува и им го зема пленот, со што му се одмаздува на Големиот вампир за измамата со сефот во изнајмениот стан. На крајот од оваа епизода, Мазамет го посетува Филип, нервозен поради тоа што Морено и „Вампирите“ уште еднаш успеале да им избегаат.[6]

Шеста епизода[уреди | уреди извор]

6. епизода: Хипнотички очи (1916)
Хуан-Хосе Морено и Ирма Веп во „Хипнотички очи“.

Шестата епизода носи наслов „Хипнотички очи“ (француски: Les Yeux Qui Fascinent) и трае 54 минути, а премиерно била прикажана на 24 март 1916 година. Морено ги разгледува весниците барајќи информации за „Вампирите“ за кои дознава дека извршиле убиство во Фонтенбло. Тој изнајмува нова слугинка која ја хипнотизира, принудувајќи ја да ги извршуав неговите команди. Во меѓувреме, Главниот вампир и неговите соработници се наоѓаат во еден хотел во Фонтенбло. Тој е преправен како гроф, а Ирма Веп како неговиот син. Во истиот хотел се наоѓа и брачен пар од САД, кои се пријавени со лажни имиња. Всушност, тие украле голем износ пари од еден американски милионер и избегале со парите. Едно утро, Американецот ги сокрива парите под една карпа, но не знае дека го набљудуваат Филип и Мазамет, кои се сомневаат во неговото однесување. Тие ги откриваат парите и ги земаат со себе, а случајот го пријавуваат во полицијата. Истовремено, во хотелот, Големиот вампир открива дека американскиот брачен пар е поврзан со ограбените пари. Една вечер, додека Големиот вампир им чита на хотелските гости за доживувањата на неговиот дедо за време на Наполеоновите војни, Ирма Веп влегува во собата на Американците и ја зема мапата на скриените пари. Меѓутоа, во истиот хотел пристигнува и Морено со неговата банда и тој ја хипнотизира и ја грабнува Ирма, а неговата слугинка, преправена како Ирма, му ја носи мапата на Големиот вампир. Тој ја испраќа својата сопатничка да ги земе парите, но таа ја наоѓа само картичката оставена од Филип, во која пишува дека парите се кај него. Морено ја грабнува и неа и ѝ кажува дека бара откуп за Ирма. Кога полицијата пристигнува во хотелот, „Вампиирте“ и Морено веќе се избегани, но полицајците успеваат да ги уапсат Американците. Морено се вљубува во Ирма и не сака да им ја предаде на „Вампирите“. Затоа, тој ја хипнотизира и ја принудува да напише признание дека е членка на „Вампирите“ и дека е одговорна за повеќе убиства. Во станот на Морено пристигнува Големиот вампир кого го убива хипнотизираната Ирма Веп. Епизодата завршува така што парите му припаѓаат на Мазамет, кој така станува богат човек. Во неговиот стан доаѓа Филип, а потоа го посетува голема група новинари на кои Мазамет им дава изјави.

Седма епизода[уреди | уреди извор]

7. епизода: Сатанас (1916)
Ирма Веп и Хуан-Хосе Морено во „Сатана“

Седмата епизода носи наслов „Сатана“ (француски: Satanas) и трае 46 минути, а премиерно била прикажана на 15 април 1916 година. Откако Ирма го убива Големиот вампир, Морено го става неговото тело во сандак. Тогаш, кај него пристигнува непознат човек, кој со еден допир го парализира Морено, а потоа му кажува дека се вика Сатана и дека тој е вистинскиот Голем вампир при што од него бара да му се покори. Ноќта, Мазамет се забавува во едно кабаре, кое претставува собиралиште на бандата на Морено. Со цел да добие информации за Големиот вампир, Морено имнаредува на своите луѓе да го претресат станот на Мазамет. Подоцна, кога Мазамет доаѓа дома, во друштво со две девојки и еден маж (сите, членови на бандата на Морено), тие го пребаруваат неговиот стан, но тој ги осуетува нивните намери и им вперува пиштол. Сепак, една од девојките го гаси светлото во станот и соработниците на Морено успеваат да побегнат. Во меѓувреме, во кабарето, Морено добива заканувачка порака од Сатана, кој набргу го гранатира кабарето. По тој настан, Морено и Ирма одат кај Сатана и му се потчинуваат, а тој им го изложува својот план како да украдат пари од американскиот милионер Џорџ Болдвин, кој штотуку пристигнал во Париз. За таа цел, соработничката на Морено, Лили Флауер, го посетува Болдвин и му зема автограм, а Ирма Вем му го снима гласот. Користејќи го потписот на Болдвин, Морено составува налог за исплата на 100.000 долари и Лили Флауер оди да ги подигне парите. Кога банкарот се јавува во хотелот, Ирма Веп го пушта снимениот глас на Болдвин. Но, во мигот кога Лили Флауер ги зема парите, во банката пристигнува Мазамет, кој ја препознава како девојката од кабарето и ја следи до нејзиниот дом. Лили, пак, му ги дава парите на Морено, кој му ги носи на Сатана, но тој му ги враќа, со намера да го придобие за себе. Мазамет и Филип ја заробуваат Лили Флауер и ја принудуваат да го повика Морено, а кога тој и Ирма пристигнуваат во нејзиниот дом, полицијата ги фаќа во стапица.[7]

Осма епизода[уреди | уреди извор]

8. епизода: Господарот на громот (1916)
Оскар-Клод Мазамет во „Господарот на громот“
Сатанас составува бомба во „Господарот на громот“.

Осмата епизода носи наслов „Господарот на громот“ (француски: Le Maître de la Foudre) и трае 52 минути, а премиерно била прикажана на 12 мај 1916 година. Ирма Веп е осудена на доживотна робија и треба да биде пренесена во казнена колонија во Алжир. Додека се подготвува да замине, Филип и Мазамет ја известуваат дека Морено е погубен. Меѓутоа, во пристаништето од кое треба да замине бродот за Африка пристигнува Сатана, преправен како свештеник. Тој ѝ дава шифрирана порака на Ирма, известувајќи ја дека бродот ќе експлодира. И навистина, од хотелската соба, Сатана испалува граната од својот топ и го потопува бродот, а весниците известуваат дека нема преживеани. Во меѓувреме, врз основа на својата црвена тетратка со шифрите на „Вампирите“, Филип заклучува дека експлозијата во кабарето дошла од Монмартр, а Мазамет ја прифаќа задачата да го открие точното место. Тој, заедно со синот, оди низ улиците, преправени како скитници. Тие пристигаат пред влезот на една зграда токму во мигот кога се растовара багажот на Сатана и ја откриваат топовската граната, па Мазамет ја запишува адресата. Меѓутоа, Сатана го посетува Филип и привремено го парализира, а во неговиот стан ја остава својата шапка во која има темпирана бомба. За среќа, тогаш доаѓа Мазамет, кој успева да ја фрли бомбата во дворот, така што Филип е спасен. Ирма успева да ја преживее експлозијата на бродот и, целата исцрпена, пристигнува на една железничка станица, а железничарите и полицајците ѝ помагаат и таа заминува во Париз, каде им се придружува на „Вампирите“. Во станот на Сатана доаѓаат Мазамет и синот. Сатана ги осуетува нивните намери и го напаѓа синот на Мазамет, а тој пука во него, но го ранува својот татко. Додека Сатана го дави синот на Мазамет, во станот влегува полицијата и Сатана е уапсен и затворен. „Вампирите“ дознаваат за апсењето на нивниот водач, а еден од нив, хемичарот познат како „Веномус“ ги има инструкциите што му ги дал Сатана, ако биде уапсен. Во затворот, Сатана добива отровно писмо и умира.[8]

Деветта епизода[уреди | уреди извор]

9. епизода: Трујачот (1916)
Веномус во „Трујачот“
Ирма Веп во „Трујачот“

Деветтата епизода носи наслов „Трујачот“ (француски: L'homme des Poisons) и трае 48 минути, а премиерно била прикажана на 2 јуни 1916 година. По самоубиството на Сатана, Веномус е новиот Голем вампир. Тој и Ирма дознаваат каде живее свршеницата на Филип и Ирма се вселува во зградата каде што живее таа. Другата Вампирка, преправена како слугинка на Ирма, го дознава името на фирмата што ќе ја послужува храната за време на свршувачката, Веномус ја откажува порачката, а „Вампирите“ носат храна во домот на свршеницата на Филип. За време на свршувачката, еден слуга умира пиејќи од шампањот, а токму во мигот кога Мазамет сака да им наздрави на младенците, слугинката ги известува гостите дека во шампањот има отров. „Вампирите“ успеваат да избегаат, Веномус се затвора во еден креденец во станот, а Мазамет се крие зад завесата. Во собата влегува Филип и му се фрла на Мазамет, а Веномус ја користи збрката за да побегне. По неколку дена, Филип им испраќа шифрирана порака на својата мајка и на Мазамет, известувајќи ги дека наскоро ќе ја префрли свршеницата на ново место, каде ќе биде безбедна. Ноќта, Филип доаѓа кај својата свршеница, но Ирма и нејзината слугинка испуштаат отровен гас во автомобилот со кој треба да заминат во Фонтенбло. Мазамет, кој е скриен во просторот за багажот, се бори со Ирма, но нејзината слугинка го онеспособува со отровниот гас. Подоцна, во полициската станица, Мазамет се освестува и му јавува на Филип, кој штотуку пристигнува со своето семејство во новата куќа во Фонтенбло. Ирма влегува во автомобилот и успева да побегне, а патем застанува во еден ресторан. Филип пристигнува во ресторанот и ја заробува Ирма, а потоа, заедно со Мазамет ја пренесуваат во хотелотПирамида“ во кој треба да се сретнат Ирма и Веномус. Додека тие чекаат да влезе Веномус, Ирма успева да го предупреди и двајцата бегаат со неговиот автомобил. Филип и Мазамет ги бркаат, Веномус скока од автомобилот, а Филип ја продолжува потерата по него. Кога Мазамет сака да му помогне, него го запираат двајца полицајци со кои тој започнува кавга при што му удира шлаканица на еден од полицајците. Поради тоа, Мазамет е притворен, а во станицата пристигнува и Филип и полицаецот се согласува да ја скине пријавата против Мазамет.[9]

Десетта епизода[уреди | уреди извор]

10. епизода: Страшната венчавка (1916)

Десеттата епизода носи наслов „Страшната венчавка“ (француски: Les Noces Sanglantes) и трае 60 минути, а премиерно била прикажана на 30 јуни 1916 година. Во домот на Филип и неговата сопруга пристигнува Августина, вдовицата на отруениот слуга. Истовремено, таму доаѓа и Мазамет кој не ја крие својата симпатија кон Августина. Еден ден, таа добива писмо со понуда да ја посети мадам д'Алба која ќе ѝ ја октрие тајната на убиството на нејзиниот сопруг. Августина оди на наведената адреса, но не знае дека ја следи Мазамет, кој е љубоморен. Мадам д'Алба ѝ кажува на Августина дека нејзиниот сопруг го отруле „Вампирите“, но истовремено ја хипнотизира, наредувајќи ѝ во текот на ноќта да ја отвори влезната врата од домот на Филип Жеранд. Ноќта, таа ја извршува наредбата, но не знае дека ја следи љубоморниот и вљубен Мазамет. „Вампирите“ влегуваат во станот на Филип, ја врзуваат Августина и поставуваат отровен гас, со намера да ги отрујат Филип и неговата сопруга. Меѓутоа, Мазамет ја попречува нивната акција, а потоа, тој, Филип, Августина и неколку полицајци одат во станот на мадам д'Алба. Во меѓувреме, „Вампирите“ доаѓаат во домот на Филип и ја киднапираат неговата сопруга. Додека трае полициската акција, Августина излегува надвор и „Вампирите“ ја киднапираат и неа, а потоа успеваат да ѝ побегнат на полицијата. Филип се враќа дома и сфаќа дека неговата сопруга е грабната, но Мазамет му кажува дека ќе го најдат засолништето на „Вампирите“ така што ќе ја следат трагата што ја оставиле зад себе - маслото што течело од нивниот автомобил. Потоа, Филип ја наоѓа куќата во која се затворени неговата жена и Августина и со јаже им спушта пиштол. Ноќта, тој пак се враќа во куќата и ги затекнува „Вампирите“ како ја слават венчавката на Веномус и Ирма Веп. Филип го сече јажето што го оставиле „Вампирите“ во случај на опасност, а потоа ја повикува полицијата. Започнува престрелка во која се убиени „Вампирите“, но Ирма Веп успева да се скрие. Таа слегува во подрумот каде што се затворени Августина и сопругата на Филип, која ја убива Ирма Веп. Тогаш, во подрумот пристигаат Филип и Мазамет, а по успешно извршената акција, Мазамет ѝ ја изјавува својата љубов на Августина. Неколку дена подоцна, тој оди во домот на Филип и ја бара раката на Августина.

Наводи[уреди | уреди извор]