Валутна опција

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Валутна опција (англиски: Currency option) претставува финансиски дериват, т.е. инструмент кој на сопственикот му дава право да купи или да продаде определен износ девизи во опредлен рок по однапред утврден девизен курс.

Видови опции[уреди | уреди извор]

Валутните опции се појавуваат во два вида: куповни опции (call options) и продажни опции (put options). Првите му даваат право на сопственикот да купи, додека вторите му даваат право да продаде определен износ на девизи. Притоа, опциите можат да се јават во две форми: европски опции кај кои правото на купување (продавање) може да се изврши само на точно определена дата и американски опции кај кои правото може да се изврши во кое и да било време до рокот на достасување.[1]

Куповна опција[уреди | уреди извор]

Куповната опција му дава право на сопственикот да купи определен износ девизи во определен временски период и по однапред утврден девизен курс. Куповната опција му овозможува да ја утврди максималната цена (девизен курс) што ќе ја плати за девизите во иднина. Имено, ако во иднина, девизниот курс порасне над цената на извршување наведена во договорот, тогаш сопственикот на куповната опција ќе ги купи девизите по наведениот девизен курс. Од друга страна, ако во иднина девизниот курс падне под цената на извршување, сопственикот нема да ја изврши куповната опција, односно ќе ги купи девизите на девизниот пазар по понискиот курс. Оттука, куповната опција е исплатлива (англиски: in the money) ако девизниот курс е повисок од цената на извршување; таа е на границата на исплатливост (англиски: at the money) кога девизниот курс е еднаков на цената на извршување; и најпосле, таа е неисплатлива (англиски: out of money) кога девизниот курс е понизок од извршната цена. Цената на куповната опција се нарекува премија (англиски: premium), а нејзината висина зависи од три основни фактори:[2]

  • разликата меѓу тековнито девизен курс и цената на извршување: колку девизниот курс е повисок од цената на извршување, таквата опција е поисплатлива и, оттука, нејзината премија ќе биде поголема
  • должината на времето до рокот на важење: колку е подолго времето на важноста на опциониот договор, толку е поголема веројатноста опцијата да стане исплатлива и, оттука, премијата ќе биде повисока
  • променливоста на девизниот курс: ако девизниот курс е попроменлив (има поголема стандардна девијација), тогаш се поголеми изгледите дека опцијата ќе биде поисплатлива и премијата ќе биде повисока.

Продажна опција[уреди | уреди извор]

Продажната опција му дава право на сопственикот да продаде определен износ девизи во определен временски период и по однапред утврден девизен курс. Всушност, таа му овозможува на сопственикот да ја утврди минималната цена (девизен курс) што ќе ја добие за девизите во иднина. Имено, ако во иднина, девизниот курс падне под цената на извршување наведена во договорот, тогаш сопственикот на опцијата ќе ги продаде девизите по наведениот девизен курс. Од друга страна, ако во иднина девизниот курс порасне над цената на извршување, сопственикот нема да ја изврши опцијата, односно ќе ги продаде девизите на девизниот пазар по повисокиот курс. Оттука, продажната опција е исплатлива (англиски: in the money) ако девизниот курс е понизок од цената на извршување; таа е на границата на исплатливост (англиски: at the money) кога девизниот курс е еднаков на цената на извршување; и најпосле, таа е неисплатлива (англиски: out of money) кога девизниот курс е повисок од извршната цена. И цената на куповната опција се нарекува премија, а нејзината висина зависи од три основни фактори:[3]

  • разликата меѓу тековнито девизен курс и цената на извршување: колку девизниот курс е повисок од цената на извршување, таквата опција е помалку исплатлива и, оттука, нејзината премија ќе биде пониска
  • должината на времето до рокот на важење: колку е подолго времето на важноста на опциониот договор, толку е поголема веројатноста опцијата да стане исплатлива и, оттука, премијата ќе биде повисока
  • променливоста на девизниот курс: ако девизниот курс е попроменлив (има поголема стандардна девијација), тогаш се поголеми изгледите дека опцијата ќе биде поисплатлива и премијата ќе биде повисока.

Условна валутна опција[уреди | уреди извор]

Договорот за валутна опција може да биде склучен и така што плаќањето на премијата е биде условно, односно зависи од движењето на тековниот девизен курс. На пример, продажната опцијата која гласи на британски фунти може да има цена на извршување од 1,70 американски долари, но да ја вклучува и граничната точка (наречена trigger) од 1,74 долари. Притоа, ако курсот на фунтата падне под 1,70 долари, сопственикот ќе ја изврши опцијата, но нема да ја плати премијата. Ако курсот на фунтата се движи меѓу 1,70 и 1,74, сопственикот нема да ја изврши опцијата и повторно, нема да ја плати премијата. Меѓутоа, ако курсот ја надмине критичната точка од 1,74 долари, тогаш сопственикот на опцијата ќе ја плати премијата. Поради ваквата флексибилност, условната валутна опција (англиски: conditional currency option)има повисока премија во споредба со обичната опција.[4]

Комбинации на валутни опции[уреди | уреди извор]

Куповните и продажниет валутни опции можат да се комбинираат на различни начини. На пример, ако инвеститорот купи истовремено куповна и продажна опција кои гласат на истата валута со истата цена на извршување и со истиот рок на важност, оваа комбинација се наркеува „долг валутен расчекор“ (англиски: long currency straddle). Обратно ако инвеститорот продаде истовремено куповна и продажна опција кои гласат на истата валута со истата цена на извршување и со истиот рок на важност, оваа комбинација се наркеува „краток валутен расчекор“ (англиски: short currency straddle).[5] Слична комбинација, наречена „валутно давење“ (англиски: currency strangle) би била истовремено купување на куповна и продажна валутна опција или истовремено продавање на куповна и продаж опција, но овде опциите имаат различни цени на извршување.[6]

Терминологија[уреди | уреди извор]

Опциите се сложени финансиски инструменти и се одликуваат со посебна терминологија:[7]

  • темелен инструмент (underlying asset) - средството на кое гласи опцијата; кај валутните опции, тоа се девизите.
  • цена на извршување (strike price, exercise price) - цената по која може да се продаде или купи темелниот инструмент; кај валутните опции, тоа е однапред утврдениот девизен курс по кој се купуваат или продаваат девизите.
  • рок на достасување (maturity) - времето во кое може да се изврши опцијата, кое најчесто изнесува до шест месеци; бидејќи опцијата има рок на достасување, нејзината вредност се намалува онака како што се приближува рокот на достасување.
  • цена на опцијата (premium) - бидејќи опцијата се одликува со флексибилност, т.е. на сопственикот му дава право (не, не обврска) да купи или продаде, таа има своја цена која однапред ја плаќа купувачот на опцијата.

Пазарна структура[уреди | уреди извор]

Со валутните опции прват почнало да се тргува на Берзата во Филаделфија (Philadelphia Stock Exchange), на Берзата во Амстердам и на Берзата во Монтреал во 1982 година. Денес, Берзата на Филаделфија и Чикашката стоковна берза (Chicago Mercantile Exchange) се главните берзи на кои се тргува со валутни опции, а други познајачни берзи се: International Securities Exchange и LIFFE. Берзата на Филаделфија нуди валутни опции со најнизок износ, т.е. повеќето опции глсата на само 10 000 единици од валутата. На Чикашката стоковна берза се тргува со опции кои гласат на поголеми износи, на пример, 62 500 фунти и 125 000 евра. Притоа, на оваа берза се тргува како со американски така и со европски опции. Последниот ден на кој се тргува со опциите е вториот петок од месецот во кој истекува рокот на достасување на опцијата. Физичката испорака на девизите врз основа на опциите се врши во третата среда. Притоа, најголем дел од трговијата се врши преку системот Globex. Опциите се купуваат и продаваат со посредство на брокери, кои пак наплаќаат провизија која вообичено изнесува од 30 до 60 долари по трансакција. Исто така, брокерите бараат од клинетите да уплатат определен депозит (познат како margin) чиј износ треба да се одржува за време на траењето на договорот. Инаку, обемот на берзанската трговија со валутни опции не е толку голем како трговијата со валутни фјучерси, но затоа пак со опциите се тргува многу повеќе на „шалтерскиот пазар“ (over the counter). Овие опции немаат стандардни карактеристики, односно износот, цената на извршување и рокот на достасување се определуваат во зависност од барањата на клиентот. Оттука, пазарот на овие опции не е ликвиден, а распонот меѓу куповната и продажната цена е поголем. Бидејќи овие договори се склучуваат со финансиски институции, а не со берза, не постои гаранција за извршување на договорот, односно клиентите се соочуваат со кредитниот ризик на спротивната страна во договорот. Вообичаениот износ на еден договор на шалтерскиот пазар изнесува околу пет милиони долари.[8] [9]

Вреднување на валутните опции[уреди | уреди извор]

Најниската цена (премијата) на куповната опција е еднаква на нула или на разликата меѓу тековниот девизен курс и извршната цена, во зависност од тоа што е поголемо, т.е. C = max (0, S - X). Слично на тоа, најсниската цена на продажната валутна опција е еднаква на нула или на разликата меѓу цената на извршување и девизниот курс, во зависност од тоа што е поголемо, т.е. P = max (0, X - S).[10] За пресметка на цената на валутните опции се разработени разни модели. На пример, според моделот на Нахум Бигер (Nahum Biger) и Џон Хал (John Hull), цената на куповната опција е еднаква на:[11]

C = e-r(f)TSN(d1) - e-rTXN(d1 - σ )

каде: C е цената на опцијата, S е девизниот курс, X е цената на извршување, r(f) и r се странската и домашната каматна стапка, T е времето до крајниот рок на извршување на опцијата (искажано како дропка од годината), σ е стандардната девијација на девизниот курс, N(•) е стандарден нормален кумулативен распоред на веројатноста.

Врз основа на формулата за премијата на куповната опција, со примена на паритетот на куповните и продажните опции, може да се пресмета премијата на продажната валутна опција:[12]

P = C + X e-rT - S e-r(f)TXN(d1 - σ )

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 64.
  2. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 115-116.
  3. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 115-116.
  4. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 124-125.
  5. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 139-141.
  6. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 143-145.
  7. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 64-65.
  8. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 65-66.
  9. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 114.
  10. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 135.
  11. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 136.
  12. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 137.