Прејди на содржината

Валавичарски занает

Од Википедија — слободната енциклопедија
Музејска макета на Воденица и валавица - НУ Музеј на Македонија

Валавичарски занает — валање на волнени материјали.

Најважни фактори за развој на валавичарството се: бистра планинска вода која е без бигор, без наноси на песок и на земја, има константа температура, и проток низ цела година; изобилство на дабова и букова шума од кои се изработуваат делови за валавиците; превозните средства и патната структура; ткаенините од кои се изработувале јамболии.

Историја

[уреди | уреди извор]

Валавичарството е поврзано со појава и развој на овчарството и козарството, кои во Македонија се застапени од најстари времиња. Во бакарно време на територија на Македонија се откриени археолошки предмети кои потврдуваат дека тогашните луѓе се заминавале и со ткаене, а ткаените волнени материјали биле валани. Теофраст, авторот на „Карактери“, запишал дека татко му бил валавичар на платно.

Во 13-14 век, во манастирските повелби и другите документи се споменува и валавичарскиот занает.[1] Се претпоставува дека валавиците од село Вирово датираат од 17 век од времето на турското владеење, а се смета дека валајчарството било пренесено во Македонија многу одамна од Франција.[2] Во првата половина на 20 век во Македонија имало валавници во: Вирово, Белица, Дихово, Куратица, Плаќе и Свињиште, Црешнево, Пехчево, Злетово, Македонска Каменица и други места.

Во 1967 година во Кан, Франција, прикажан бил документарен филм за валавиците во режја на Мето Поповски, а по сценарио на Петре М. Андреевски. Снимени се многу документарни филмови за валавниците и валавичарите прикажани на радио и телевизија низ Македонија и во светот.

Постојат два вида на валавици, сува и водена валавица. Сувата валавица се состои од повеќе елементи како на пример: ставјало или сопирачка, регулатор, старец, вилина, ластовички, игли, копани, ковчег, деми, душеме, додавци, вретено, палци, гривни, колце, лактишта, спици, кутлици, ѕид од камен, ќутуци, перници, камења, казан или котел, скеле, стап, кревет и шобурка. Водената валавица, наречена и вир се состои од само четири елементи. Водената валавица е голем и специјално изработен сад во форма на превртен конус закопан во земја, со длабочина од околу 1,5 метри.

Валавичарите ги вршеле следните услуги: валање, бојадисување и перење на ткаенини. Најчесто се работело со јамболии, кои во некои краишта се нарекуваат веленца, во други дифтици, а на пример во велешко се нарекуваат ресави.

Јамболиите се изработувале традиционално со разбој, а тоа го правеле жените во семејството. Ткаењето се вршело во есенски и зимски периоди од годината. Освен јамболии се валале шајаци, постилачки, ткаенини исти како јамболии но без реси, и останати ткаенини. Бојадисувањето се вршело во казани со боја растворена во топла вода.

  1. Констаинов, М., Народите на светот, кн. 6 Македонци, Скопје, 1992, стр. 233
  2. Менде Солунчевски: Развојот на валавичарството во Вирово во дваесеттиот век како посебен вид на претприемништво и семеен бизниз, Демир Хисар, 2021, стр. 37