Вадисрце
„Вадисрце“ (француски: L’arrache-coeur) — роман на францускиот писател Борис Вијан од 1953 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Прв дел (21 глава)
[уреди | уреди извор]Психијатарот Жакмар се искачува по стрмен рид крај морскиот брег и пристигнува во домот на Анжел и Клемантина, која ја мачат силни породилни болки. Жакмар не може да ѝ помогне, но сепак, таа се пораѓа со три машки бебиња. Исцрпена од бременоста, таа го заклучила Анжел во една соба, не сакајќи да го види. Утредента, Жакмар го посетува блиското село, каде е сведок на необична сцена на лицитација на старци. Кога оди кај дрводелецот да го земе креветот за бебињата, тој гледа уште една необична случка — во работилницата се наоѓа ковчег со мртвото тело на чиракот при што дрводелецот го фрла ковчегот во селскиот поток во којшто плива старецот Слава кого селаните го плаќаат за да ги ваѓа фрлените трупови. Исто така, Жакмар присуствува на необична служба во селската црква во која доаѓа до остра кавга меѓу верниците и свештеникот, кој бара од селаните да живеат во раскош. Во меѓувреме, Жакмар започнува љубовна врска со слугинката во куќата, која упорно ги одбива неговите обиди да ја психоанализира.[1]
Втор дел (18 глави)
[уреди | уреди извор]Децата постепено напредуваат, а најмалото (Ситроен) веќе проодува, така што, во согласност со селскиот обичај, Клемантина ги потковува децата. При посетата на селото, Жакмар присуствува на сцената во која селаните немилосрдно мачат коњ. Не можејќи да најде човек согласен за психоанализата, Жакмор се сеќава на еден црн мачор, кој во една прилика му проговара пред црквата. По направената психоанализа, во Жакмор влегува менталната енергија на мачорот и тој започнува да се однесува како мачор. Набргу, селаните го убиваат црниот мачор. Во една прилика, Жакмор конечно ја принудува слугинката на Клемантина на разговор и таа му признава дека на 12-годишна возраст била силувана од татко ѝ. Одејќи често во селото, Жакмор открива дека во кројачкиот салон има фустани кои се потполно исти како оние што ги носи Клемантина, која никогаш не оди во селото. Во една прилика, тој го затекнува ковачот во кројачкиот салон и дознава дека тој ги нарачува фустаните. Малку подоцна, додека се наоѓа во собата на слугинката на ковачот (која му е нова љубовница), Жакмор ѕирка во собата на ковачот и здогледува необична сцена: во собата се наоѓа метална кукла во облик на Клемантина и ковачот води љубов со неа. Тогаш, Жакмор се присетува дека секој ден во 16:30, Клемантина се затвора во својата соба, каде ја зафаќаат сексуални фантазии. Во меѓувреме, по наговор на Жакмар, Анжел почнува да гради чамец и откако го завршува, ја напушта куќата, палејќи ја својата работилница во која живее во изминатите неколку месеци, одделен од Клемантина.[2]
Трет дел (30 глави)
[уреди | уреди извор]Минуваат веќе неколку години отккао Жакмор доаѓа во селото кон кое чувствува голема одбивност. Клемантина е целосно посветена на одгледувањето на децата при што е претерано загрижена да не им се случи некаква несреќа. Еднаш, Жакмор присуствува на приредбата во селската црква во која свештеникот боксува со својот помошник, кој го глуми ѓаволот. Публиката предизвикува нереди и ја прекинува приредбата, а во тепачката учествува и Жакмор, кој во меѓувреме почнува да се однесува како селаните. Во меѓувреме, тој успева да го убеди старецот Слава да се согласи на психоанализа. За да ги заштити децата, Клемантина повикува работници за да ги исечат дрвјата околу куќата. Играјќи во градината, децата јадат сини црви и така стекнуваат способност да летаат. Клемантина пак не е мирна и околу куќата подигнува ѕид од ништожност, а потоа гради и невидливо тло. По некое време, Жакор ја открива способноста на децата да летаат, но не ѝ кажува на мајка им. Во меѓувреме, умира Слава и Жакор го зазема неговото работно место во потокот. Најпосле, опседната од помислата дека на децата им се заканува смртна опасност, Клемантина го повикува ковачот, кој во куќата прави три кафези во кои ги затвораат децата.[3]