Прејди на содржината

Буребиста

Од Википедија — слободната енциклопедија
Буребиста
Статуа на Буребиста
Дакијски крал
На престол82/61–45/44 г. п.н.е.
НаследникКотисо
Починал(а)45/44 г. п.н.е.

Буребиста — крал на племињата Гети и Дакијци од 82/61 година п.н.е. до 45/44 г п.н.е. Тој бил првиот крал кој успешно ги обединил племињата на Дакиското Царство, кое ја сочинувало областа помеѓу реките Дунав, Тиса и Днестар, и денешна Романија и Молдавија. Во 7 и 6 век п.н.е. станал дом на тракиските народи, вклучувајќи ги Гетите и Дакијците. Од 4 век до средината на 2 век п.н.е. дакиските народи биле под влијание на културата на Келтите Ла Тене, кои донеле нови технологии со себе во Дакија. Некаде во 2 век п.н.е., Дакијците ги протерале Келтите од нивните земји. Дакијците често војувале со соседните племиња, но релативната изолација на дакиските народи на Карпатите им овозможила да преживеат, па дури и да напредуваат. До 1 век п.н.е. Дакијците станале доминантна сила.

Од 61 г. п.н.е. Буребиста извршил неколку освојувања со што ја проширил територијата на Дакија. Племињата Бои и Тауриски биле уништени во неговите походи, ги освоил Бастарните и веројатно народите Скордиски. Водел битки низ Тракија, Македонија и Илирија. Од 55 п.н.е. грчките градови на западниот брег на Црното Море биле освојувани еден по друг. Овие походи неизбежно кулминирале во конфликт со Рим во 48 година п.н.е., лпга Буребиста му ја дал својата поддршка на Помпеј. Ова, пак, го направило непријател на Јулиј Цезар, кој решил да започне поход против Дакија. Овој план пропаднал во 44 година п.н.е. кога Цезар бил убиен. Самиот Буребиста бил убиен во заговор од дакиската аристократија приближно во исто време.

По смртта на Буребиста, царството што тој го создал се распаднало на помали кралства. Од владеењето на Тибериј до Домицијан, активноста на Дакија била сведена на одбранбена состојба. Римјаните се откажале од плановите за инвазија против Дакија. Во 86 година н.е. дакискиот крал, Децебал, успешно го обединил Дакиското Царство под своја контрола. Домицијан се обидел да изврши избрзана инвазија против Дакијците што завршила со катастрофа. Втората инвазија донесла мир меѓу Рим и Дакија кој траел речиси една деценија, додека Трајан не станал цар во 98 година од нашата ера. Трајан исто така презел два похода на Дакија. Првиот поход, во 101–102 г. н.е., завршил со римска победа. Децебал бил принуден да се согласи на строгите услови за мир, но не ги почитувал, што довело до втора инвазија на Дакија во 106 г. н.е. со што завршила независноста на Дакиското Кралство.

Рани извори за Буребиста

[уреди | уреди извор]

Преживеани се само неколку антички извори за Буребиста: Страбон: Географика 7.3.5, 7.3.11 и 16.2.39 (кој го запишал како Биребистас и Боиребистас); Јордан: Гетика 67 (го запишал како Буруиста); мермерен натпис пронајден во Балчик, Бугарија (сега се чува во Националниот музеј во Софија), кој претставува декрет на граѓаните на Дионисопол за Акорнион[1] и друг натпис пронајден во Несебар.[2]

Владеењето на Буребиста

[уреди | уреди извор]
Илустрација на дакиска дава (град) откриена во Попешти, Ѓурѓу, Романија и потенцијален кандидат за местото на главниот град на Дакија во време на владеењето на Буребиста, Аргедава

За точниот датум кога Буребиста владеел со Дакијците се расправа меѓу научниците; Професорот од Универзитетот во Илиноис, Кит Хичинс, како датум за почеток на владеењето на Буребиста ја смета 82 г. п.н.е.,[3] додека историчарот Метју Бунсон и авторите Џон Мидлтон и Мајкл Шмиц сметаат дека почетен датум на владеењето на Буребиста е околу 61–60 п.н.е.[4][5][6] Историчарот Џон Кох наведува дека Буребиста основал царство некаде во текот на 1 век п.н.е. и дека околу 61 година п.н.е. Буребиста ги протерал Келтите и се преселил во областа околу средниот Дунав.[7]

Овој сојуз веројатно бил слабо централизирана држава, со воена организација слична на онаа на хеленистичките кралства.[8] Точниот степен на централизација е предмет на дебата, при што археолозите како Крис Локјир го негираат постоењето на држава, велејќи дека археолошките докази покажуваат регионална разновидност и само неколку трендови ширум регионот. Други, како што е историчарот Александру Дијаконеску, го оспоруваат ова и заклучуваат дека постоела централизирана политичка структура.[9]

Во планините Ораштие, Буребиста изградил систем од камени утврдувања на високо место; најважните од таквите ридски тврдини се наоѓаат денес во селата Костешти, Блидару, Пјатра Росие и Баница. Овие цитадели, кои прикажуваа грчка воена архитектура, заедно со присуството на Буребиста и неговите вооружени сили, служеле за внатрешно обезбедување на дакискиот народ.[10][8]

Почнувајќи околу 55 година п.н.е. Буребиста ги анектирал грчките градови на брегот на Црното Море, окупирајќи ги грчките тврдини од Олбија до Аполонија, како и Дунавската рамнина сè до Балканот.[3][8][11] Овие освоени градови биле: Олбија, Тирас, Хистрија, Томис, Калатис, Одесос, Месембрија, Аполонија и Дионисополис.[11] Меѓутоа, Дионисополис уживал добри односи со Буребиста.[8] Натпис од 48 година п.н.е. пронајден во Дионисополис и во чест на Акорнион од Дионисопол го опишува Акорнион како „прв и најголем пријател“ на Буребиста.[12] Акорнион бил испратен како амбасадор кај Помпеј за да побара титулата „крал на кралевите“ за Буребиста да се користи во хеленистичките кралства на Балканот и Блискиот Исток.[12]

Dacia
Дакиското кралство за време на владеењето на Буребиста и неговите соседи

Буребиста неизбежно влегол во конфликт со Рим.[4] За време на римската граѓанска војна од 49–44 г. п.н.е., Помпеј ја добил поддршката од Буребиста преку Акорнион од Дионисополис.[10] Самиот Помпеј ја препознал моќта на Буребиста и Дакија по нивните успешни освојувања против грчките црноморски градови.[3] Цезар, сепак, ставил крај на секој сојуз меѓу Помпеј и Буребиста во Битката кај Фарсал.[4] Цезар исто така бил свесен за растечката сила на Дакијците и планирал да води напад против Буребиста.[4] Буребиста во тоа време имал сила која можеби броела до 200.000 луѓе  иако е спорно дали оваа сила била вистинска воена сила или бројот на способни мажи во кралството.[12] Без оглед на тоа, Дакија била огромна сила што Цезар ја сметал како закана за Рим.[12] Цезар не успеал да ја започне својата планирана кампања, бидејќи бил убиен во 44 година п.н.е.,[10] но и Буребиста исто така бил убиен во граѓанско востание во 45 година п.н.е.[5] или во 44 година п.н.е.[6]

Буребиста можеби го надживеал Цезар за кратко време. Истата година кога бил убиен Цезар, Буребиста бил убиен во заговор од страна на дакиската аристократија, која сметала дека централизираната држава води до намалување на нивните привилегии. По неговата смрт, Дакиското кралство се распаднало, со исклучок на енклавата околу планините Орашти,[8][4] додека останатите станале различни помали кралства.[10] По смртта на Буребиста, кралството било поделено на четири дела, за да управува религиозната елита. До времето на Август, Дакија се распаднала на пет дела.[5][11]

Дакија по Буребиста

[уреди | уреди извор]
Dacia under Decebalus
Дакиското Кралство за време на владеењето на Децебал

По смртта на Буребиста, и помеѓу владеењето на Тибериј и владеењето на Домицијан, Дакијците биле принудени да бидат во одбранбена состојба, каде што нивната главна активност била да ги држат Римјаните надвор од дакиските територии.[5] Регионалните фракции што останале не претставувале значителна закана за Римското Царство, а римските извори престанале да ги спомнуваат плановите за римски инвазии во ова време.[6] За време на владеењето на Дурас кој владеел од 68 - 87 година од нашата ера, повторно се зголемила моќта на Дакија, а врвот го достигнала за време на владеењето на Декебал, кој владеел од 85/87-106 година.[5][3] Во тоа време дакиските племиња се обединиле уште еднаш, под власта на Децебал, и повторно претставувале закана за Рим.[6]

Владеењето на Децебал било со речиси постојана војна меѓу Дакијците и римските управи јужно од Дунав.[3] Околу 85 година од нашата ера нападите продолжиле во Мизија, Илирија и Македонија, што кулминирало со смртта на римскиот гувернер на Мезија, Опиус Сабиниј.[6] Како одговор, Домицијан започнал кампања истата година под команда на преторијанскиот префект Корнелиј Фуск. Домицијан ја игнорирал понудата на Децебал за мир, грешка поради која Римјаните претрпеле катастрофален пораз, губејќи го не само Фуск, туку и неговите сили и римските стандарди и воени машини.[6] Втората експедиција била во 88 година н.е., овој пат под команда на Тетиј Јулијан. Овој поход бил донекаде победнички, бидејќи двете страни претрпеле огромни жртви во битката. Меѓутоа, бунтовите и пребегствата го принудиле Домицијан да преговара за брз мировен договор со Децебал во 89 година од нашата ера.[6] Овој мир имал придобивки и трошоци за двете страни: Рим морал да плати финансиски данок и да обезбеди технолошка помош за Дакија; во замена, Дакија станала провинција на Рим, одвојувајќи го Рим од другите завојувани племиња.[6]

Овој мир траел околу една деценија, додека Трајан станал цар во 98 година од нашата ера.[3][6] Веднаш откако станал цар, Трајан отпатувал до границата што се протегала од Панонија до Мизија, каде што работел на зајакнување на утврдувањата.[3] Во 101–102 година од нашата ера, Трајан собрал војска од 150.000 луѓе за да испрати против војската од 50.000 луѓе на Децебал. Армијата била поделена на два дела и на две точки долж границата навлегла на територијата на Дакија. Колоните се сретнале кај Тибискум и заедно марширале кон Сармизегетуза. Во Тапае се сретнале и ја поразиле дакиската сила. Ова за возврат го принудило Децебал да бара мир. Трајан се согласил, но наметнал остри услови против Дакијците. Децебал не успеал да ги исполни условите на мирот, и во 105 година Трајан започнал втор поход против него.[3] До 106 година Трајан го завршил освојувањето на Дакија, со што завршило и нејзиното постоење како независно кралство.[3][5]

Наследство

[уреди | уреди извор]
Поштенска марка од Романија од 1980 година, означена како „2050 години од создавањето на првата централизирана и независна дакиска држава под раководство на Буребиста“

Сликата на бестрашни и благородни Дакијци како претходници на современите Романци била користена од националистичките движења во доцните 1920-ти и 1930-тите години. Од една страна, Дакијците често се користеле во дискурси кои тврделе дека романскиот народ има етнички чисто потекло. Меѓутоа, во исто време, наместо тоа, се претпочитаа Римјаните кога целта била да се прикаже Романија како цивилизирана и космополитска нација.[13]

Во 1960-тите години биле подигнати статуи за двајцата водачи на Дакиското Кралство, Буребиста и Децебал. Тоа дошло како дел од постепен процес на одвојување на Социјалистичка Романија од Советскиот Сојуз. Статуите ги прикажуваат кралевите како борци за слобода, а на национално ниво се одржувале прослави за годишнините од античките битки. Дополнително, две филмски продукции финансирани од владата биле создадени како дел од истиот процес. И двата филма се фокусираат на историјата на Дакија во 1 и 2 век од нашата ера и подвизите на Децебал, додека Буребиста е речиси игнориран.[14]

Почнувајќи од 1970-ти години, режимот на Николае Чаушеску користел националистички и сомнителни толкувања на античката историја (протохронизам) за да го легитимира своето владеење.[15] Во 1980 година, романската влада прогласила прослава на 2.050 годишнина од основањето на „унитарната и централизирана“ дакиска држава на Буребиста, правејќи споредби со Романија на Чаушеску, и тврдејќи дека државата има непречено постоење од Буребиста до Чаушеску.[15] Истата година излегол епскиот филм Буребиста (1980) заснован на животот на кралот, и го прославил како романскиот pater patriae.[15] Оваа комеморација го натерала печатот да ги забележи „сличностите“ меѓу Буребиста и Чаушеску, па дури и професионалните историчари како Јон Хорациу Крисан зборувале за Буребиста на сличен начин како што партиските активисти зборувале за Чаушеску.[15]

Буребиста и неговите потомци биле сметани за вистински предци на нивната нација од страна на романските националисти. Историчарот Ласло Курти го опишува ова како имагинарна историја, и забележува дека за време на режимот на Чаушеску оваа алтернативна историја била користена во политиката. Во 1984 година, братот на претседателот Чаушеску, Илие Чаушеску, објавил трактат во кој се наведува дека: „Археолошките докази дефинитивно го покажуваат непрекинатиот етнички, политички и воен континуитет на Романците“.[16] Курти забележал дека слични политички средства се користеле од страна на Унгарците за да го промовираат своето барање за истиот Трансилвански регион, кој бил дел од Романија.[16]

  1. Hanson & Haynes 2004.
  2. Brodersen 2020.
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Hitchins 2014.
  4. 1 2 3 4 5 Bunson 2014.
  5. 1 2 3 4 5 6 Middleton 2015.
  6. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Schmitz 2005.
  7. Koch n.d.
  8. 1 2 3 4 5 Pippidi 1976.
  9. Liu 2005.
  10. 1 2 3 4 Phang и др. 2016.
  11. 1 2 3 Mugnai 2016.
  12. 1 2 3 4 Oltean 2007.
  13. Popa & Stoddart 2014.
  14. Morcillo, Hanesworth & Marchena 2015.
  15. 1 2 3 4 Boia 2001.
  16. 1 2 Kürti 2001.

Литература

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]