Брзи и бесни (филм од 2001)
„Брзи и бесни“ | |
---|---|
![]() Плакатот на филмот | |
Режисер | Роб Коен |
Продуцент | Нил Х. Мориц |
Сценарист | Гари Скот Томпсон Ерик Бергквист Дејвид Ајер |
Главни улоги | Пол Вокер Вин Дизел Мишел Родригес |
Музика | BT |
Кинематографија | Ериксон Кор |
Монтажа | Питер Хонес |
Студио | Universal Pictures[1] |
Дистрибутер | Universal Pictures |
Премиера | 22 јуни 2001 г. (САД) |
Времетраење | 106 минути[2] |
Земја | ![]() |
Јазик |
|
Буџет | 38 милиони долари |
Бруто заработка | 207,3 милиони долари |
Следен | Брзи и бесни 2 |
Брзи и бесни (англиски: The Fast and the Furious) — американски акционен филм од 2001 г., режиран од Роб Коен според сценариото на Гари Скот Томпсон, Ерик Бергквист и Дејвид Ајер, засновано на статијата „Racer X“ од списанието Vibe, напишано од Кен Ли. Тоа е првиот дел од франшизата „Брзи и бесни“, во кој Вин Дизел ја игра улогата на Доминик Торето, а Пол Вокер улогата на Брајан О'Конер, додека Мишел Родригес и Џордана Брустер играат споредни улоги. Во филмот, поради новиот бран на кражби на камиони, О'Конер, полицаец, работи под покритие и се зближува со Торето, местен уличен возач, за да го истражува овој случај.
Брзи и бесни започнал да се развива на крајот на 1998 г., откако Коен и продуцентот Нил Х. Мориц ја прочитале статијата за незаконски улични трки во Њујорк објавена во Vibe.[3] Во истата година, Томпсон и Бергквист го напишале оригиналното сценарио, а веднаш потоа го ангажирале Ајер. За улогите на О'Конер и Торето биле разгледувани различни глумци: Вокер бил избран во 1998 г., а потоа Дизел во почетокот на 1999 г., и двајцата учествувале во вистински улични трки како дел од подготовките за филмот.[4][5] Главните снимки започнале во јули 2000 г. и завршиле во октомври истата година, при што местата на снимањето во најголем дел го вклучувале Лос Анџелес и околните области во Јужна Калифорнија.[6] Името на филмот е позајмено од истоимениот филм на Џон Ајрленд и Едвард Семпсон од 1954 г.
Првобитно, Брзи и бесни требало да излезе ширум светот во март 2001 г., но бил одложен до летото. Премиерата на филмот се одржала на 18 јуни 2001 г. во театарот Ман вилиџ во Лос Анџелес, а на 22 јуни филмот бил прикажан во Соединетите Американски Држави од страна на Universal Pictures. Филмот добил потврди одзиви од критичарите и гледачите поради акционите сцени, а изведбите на Вокер и Дизел се сметале за нивни пробивни улоги. Брзи и бесни бил трговски успех, заработувајќи 207 милиони долари ширум светот, што го направил 19-ти најпрофитабилен филм во 2001 г. По него следувало продолжението Брзи и бесни 2 (2003).
Содржина
[уреди | уреди извор]Група разбојници ограбуваат камиони со домаќински апарати. Полицијата во Лос Анџелес и ФБР знаат само дека злосторниците се возат во три црни коли Honda Civic со неонски светла. Најверојатно, разбојниците се некои од месните улични тркачи.
Брајан О'Конер е полицаец што работи под прикривање. Тој се обидува да ги најде злосторниците меѓу тркачите во Лос Анџелес. За таа цел, се приклучува на бандата на Доминик Торето, верувајќи дека тој е свесен за случувањата. Брајан учествува во трка и ја губи својата кола од Доминик. Потоа, Доминик за малку ќе биде фатен од полицијата, но Брајан го спасува и тие успеваат да избегаат од потерата. Изненадно, ги стигнува бандата на Џони Тран — стар непријател на Торето. По разговорот, тие ги застрелуваат изгубените коли и заминуваат. На забавата, О'Конер дознава дека му должи на Доминик нова кола. Потоа се запознава со пријателите на Доминик: Винс, кој се сомнева во Брајан дека е полицаец, Леон и Џеси, кои се однесуваат неутрално, Лети — девојката на Доминик, и сестрата на Доминик — Мија, која му се допаѓа. Брајан носи оштетена Toyota Supra, која подоцна ќе ја обнови за да учествува во „Војните на трките“ (англ. Race Wars). Постепено, тој стекнува почит од сите членови на бандата, освен Винс, и започнува врска со Мија. Нападите на камионите продолжуваат. О'Конер ја насочува полицијата кон Џони Тран, кој се покажува како невин. Агентот Билкинс, кој го следи неговиот напор, му се заканува со отказ.
Вината на Торето станува сѐ поочигледна. На „Војните на трките“, Џеси става свој Volkswagen Jetta на коцка и ја губи на Џони Тран. Меѓутоа, наместо да му ја предаде колата, Џеси заминува во непознат правец. Тран ја бара неговата кола и го обвинува Доминик за тоа што го предал на полицијата. Торето го тепа Тран. Ноќта, бандата на Доминик сака да оди на задача. Нема да ги запре ниту исчезнувањето на Џеси, ниту молбите на сестрата Мија. Тие заминуваат, а Брајан ѝ признава на Мија дека е полицаец и дека треба да го спаси нејзиниот брат, бидејќи камионџиите сега се подготвени за напади. Заедно со неа, тој заминува да го побара Доминик. Обидувајќи се да го ограбат камионот, Доминик и екипата не успеваат. Камионџијата е вооружен и се брани од разбојниците. Винс се здобива со рани од кабел и прострелна рана во страната од сачмарка. Возачот ја отфрла Лети од патот и ја уништува колата на Доминик, но Брајан и Мија му доаѓаат на помош. Брајан го спасува Винс од камионот и повикува вртолет, откривајќи се себеси. Винс го носат, а Доминик, Мија, Леон и Лети заминуваат дома. Доминик ги испраќа двајцата последни на безбедно место, а самиот сака да го побара Џеси, додека Тран не стигне до него. Потоа, Брајан се појавува и вели дека полицијата ќе го најде Џеси порано. Доминик му се заканува со сачмарка. Во тој миг, доаѓа Џеси и го моли Доминик за прошка. Неочекувано, Тран и неговиот брат Ленс пристигнуваат на моторцикли и го убиваат Џеси. Брајан и Доминик се упатуваат по нив и ги убиваат двајцата. Потоа организираат трка во која речиси ќе ги удри воз. По ова, Доминик налетува на камион и ја уништува колата, но преживува. Брајан му ги дава клучевите од Toyota Supra, и тој заминува.
По одјавната шпица се прикажува сцена каде Доминик вози низ Мексико.
Улоги
[уреди | уреди извор]Глумец | Улога |
---|---|
Пол Вокер | Брајан О'Конер |
Вин Дизел | Доминик Торето |
Мишел Родригес | Лети Ортис |
Џордана Брустер | Мија Торето |
Рик Јун | Џони Тран |
Чед Линдберг | Џеси |
Џони Стронг | Леон |
Том Бери | агентот Билкинс |
Тед Левин | наредникот Танер |
Џа Рул | Едвин |
Вито Ругинис | Хери |
Стентон Ратлиџ | Мјуз |
Ноел Гуљеми | Хектор |
Р. Џ. Де Вера | Дени Јамато |
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „The Fast and the Furious“. AFI Catalog of Feature Films. Архивирано од изворникот 26 мај 2024. Посетено на 2017-08-04.
- ↑ „The Fast and the Furious“. Box Office Mojo. Архивирано од изворникот 12 август 2019. Посетено на 5 октомври 2021.
- ↑ „Meet the Writer Who Made 'The Fast and the Furious' Possible“. www.yahoo.com (англиски). Архивирано од изворникот 2022-12-28. Посетено на 2022-12-28.
- ↑ Variety. „Vin Diesel: 7 Things You Don't Know About Me“. YouTube (англиски). Архивирано од изворникот 2015-03-31. Посетено на 2022-12-28.
- ↑ „The Fast and the Furious“. EW.com (англиски). Архивирано од изворникот 2022-10-14. Посетено на 2022-12-28.
- ↑ Mitchell, Elvis (2001-06-22). „FILM REVIEW; Getaway Drivers, Take Note: This One's Made for You“. The New York Times. Архивирано од изворникот 2020-05-08. Посетено на 2022-12-28.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]![]() |
„Брзи и бесни (филм од 2001)“ на Ризницата ? |