Брезов свиркач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Брезов свиркач
Willow Warbler Phylloscopus trochilus.jpg
За снимкава Пеење , За снимкава Повик 
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Phylloscopidae
Род: Phylloscopus
Вид: Брезов свиркач
Биномен назив
Phylloscopus trochilus
(Linnaeus, 1758)
Подвидови
  • P. t. trochilus (Linnaeus, 1758)
  • P. t. acredula (Linnaeus, 1758)
  • P. t. yakutensis (Ticehurst, 1935)
Жолто: размножување (само лето)
Сино: зимување
Светлосино: миграција.

Брезовиот свиркач (науч. Phylloscopus trochilus) е вообичаено и широкораспространето грмушарче што се размножува низ северна и умерена Европа, од Ирска до источен Сибир. Го има и во Македонија. Таа е исклучиво птица преселница чија популација речиси целосно зимува под Сахара, во Африка.[2][3]

Тоа е птица на отворени шумски предели со дрвја и покриена земја за гнездење, вклучувајќи ги најважно брезите, евлите и врбите. Гнездото обично го градат близу земјата, често во ниската вегетација. Како и повеќето грмушарчиња, и овој се храни со инсекти.[3]

Опис[уреди | уреди извор]

Брезовиот свиркач е типично грмушарче, долго 11 - 12.5 см и тешко 7 - 15 грама. Одозгора е зеленкавокафеаво, а одоздола жолтеникавобело. Младенчињата се пожолти одоздола од возрасните. Многу е слично на еловиот свиркач, но птицата што не пее може да ја разликуваме по светлорозовикавожолтите нозе, за разлика од темнокафеавите или црни кај еловиот, подолгиот и посветол клун, поелегантната форма и подолгите примарни пердуви на крилјата. Песната му е едноставен повторувачки опаѓачки свиреж, додека повикот за контакт е двосложно ху-ит, за разлика од едносложното хвит кај еловиот свиркач.[2][3][4][5]

Подвидови[уреди | уреди извор]

Има три подвида, кои се разликуваат во степенот на зелена и жолта боја на пердувите од запад кон исток, со птиците во централниот дел кои имаат покафеавкави тонови, а источните подоминантно зелени:[2]

  • Phylloscopus trochilus trochilus (Linnaeus, 1758); се размножуваат во Европа, од Пиринеите до Алпите, со исклучок на Скандинавија, зимуваат во западна Африка;
  • Phylloscopus trochilus acredula (Linnaeus, 1758); се размножуваат во северна Скандинавија, на исток до западен Сибир, зимуваат во централна Африка;
  • Phylloscopus trochilus yakutensis (Ticehurst, 1935); се размножуваат во источен Сибир, зимуваат во источна и јужна Африка.

Однесување[уреди | уреди извор]

Сите птици од овој вид се преселници, а подвидот P. t. yakutensis патува над 12.000 км од Сибир до јужна Африка, што е еден од најдолгите патишта за птица со таа големина.[2][4]

WillowWarbler.jpg

Живеалиштето на брезовиот свиркач се младите, отворени, џбунести шуми, со мали дрвја, вклучувајќи ги и плантажите со насади стари 10-20 години. Особено ги претпочита брезите, евлите и врбите, со многу лишаи, во близина на вода, како и грмушки од капини кои ги користи за криење на гнездото. Користи и млади и отворени зимзелени шуми.[4][6]

Размножување[уреди | уреди извор]

Сексуалната зрелост ја достигнуваат на едногодишна возраст. Сезоната на парење трае од мај до јули. Гнездото, изградено од мов и тревки, со покрив, е добро скриено во грмушки или трева. Женката одеднаш несе 4-7 јајца кои ги инкубира две недели. По испилувањето, младенчињата остануваат во гнездото уште две недели. Животниот век на оваа птица може да достигне 12 години.

Статус[уреди | уреди извор]

Најбројна популација од овој вид има во Скандинавија, каде е најчеста птица, со над 1.100 пара на км².[2] Во Европа има околу 56.000.000-100.000.000 пара, или 168.000.000-300.000.000 поединци, што е 25-49% од глобалната популација. Многу приближна бројка на вкупната светска популација би била 343.000.000-1.200.000.000 поединци. И иако популацијата е во благо опаѓање, поради широката распространетост и големиот број птици, според Црвениот список на МСЗП, класифициран е како вид со најмала загриженост. [7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Phylloscopus trochilus. Црвен список на загрозени видови на МСЗП. Верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. конс. 16 July 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Hoyo, J. del, et al., eds. (2006). Handbook of the Birds of the World, vol. 11. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 649. ISBN 84-87334-22-9. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Baker, Kevin (1997). Warblers of Europe, Asia and North Africa (Helm Identification Guides). стр. 256–259. ISBN 0-7136-3971-7. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Snow, D. W.; & Perrins, C. M. (1998). Птиците на западен палеарктик (Concise Edition издание). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X. 
  5. Возраст и пол (PDF) од Javier Blasco-Zumeta
  6. RSPB Woodland Management For Birds – Willow Warbler
  7. BirdLife International 2012. Phylloscopus trochilus. In: IUCN 2013. IUCN Red List of Threatened Species. Version 2013.1. <www.iucnredlist.org>. Downloaded on 13 September 2013.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]