Браќата Блуз (филм од 1980)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Браќата Блуз (англиски: The Blues Brothers) – американски филм од 1980 година, во режија на Џон Лендис, кој е и автор на сценариото, заедно со Ден Ајкројд. Главните улоги ги играат Џон Белуши и Ден Ајкројд, а во филмот настапуваат и бројни музички ѕвезди, како: Џејмс Браун, Кеб Келовеј, Реј Чарлс, Арета Френклин, Џон Ли Хукер, итн.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Џејк Блуз (го игра Белуши) само што е пуштен од затвор. Него го пречекува брат му, Елвуд (го игра Ајкројд) со стар полициски автомобил, по што заедно одат во домот за сираци каде што пораснале. Чесната сестра која раководи со домот им соопштува дека ако во рок од 11 дена не го платат данокот во износ од 5.000 долари, домот ќе биде продаден. За да се смират, браќата Блуз одат во баптистичка црква каде проповеда свештеникот Клеофус Џејмс (го игра Браун). Таму, сите заедно пеат една песна и тогаш Џејк го погаѓа божјата светлина и нему му доаѓа идејата тој и брат му да ја обноват својата поранешна музичка група, да одржат добротворен концерт и така да го спасат домот за сираци. Одејќи кон евтината хотелска соба на Елвуд, нив ги запира полицијата, по што започнува луда потера во која Џејк и Елвуд уништуваат еден трговски центар. Кога се сместуваат во хотелската соба, наеднаш одекнува голема експлозија што го разурнува хотелот, но браќата Блуз остануваат живи. Подоцна, тие присилуваат цел одред нео-нацисти да се фрли во реката, со што го навлекуваат и нивниот гнев. Откако најпосле ќе ја оформи својата група, Џејк им го обезбедува првиот настап, лажно претставувајќи се дека се групата што треба да настапи таму. Поради тоа, покрај полицијата и нео-нацистите, сега и музичката група поаѓа во потрага по нив, со цел да им се одмазди за измамата. Сепак, Џејк успева да го уцени својот поранешен менаџер да им обезбеди настап во една голема концертна сала и браќата Блуз, помогнати од децата кои живеат во домот за сираци, го рекламираат својот настап во околината. Меѓутоа, одејќи кон концертната сала, тие остануваат без бензин, а потоа предизвикуваат пожар во една бензиска пумпа. Нивниот концерт е многу успешен, а тие добиваат аванс од еден музички менаџер, обезбедувајќи доволно пари да го платат данокот и да им платат на членовите на групата. иако целата концертна сала е преплавена од полицајци, Џејк и Елвуд успеваат да избегаат, а во меѓувреме ја среќаваат свршеницата на Џејк, која сака да го убие бидејќи тој не се појавил на закажаната свадба. Возејќи кон Чикаго, нив ги следат бројни полициски автомобили како и нео-нацистите, но тие доаѓаат до даночната канцеларија. Во последен миг, Џејк и Елвуд го плаќаат данокот и го спасуваат домот за сираци, но тогаш нив ги опколува огромен број полицајци и војници и браќата Блуз се уапсени. На крајот од филмот, тие приредуваат успешен концерт во затворот.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „HRT (пристапено на 5.10.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-11-07. Посетено на 2017-10-06.
  2. „HRT (пристапено на 5.10.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-11-07. Посетено на 2017-10-06.