Брајчински манастир

Координати: 40°54′17″N 21°10′05″E / 40.90472° СГШ; 21.16806° ИГД / 40.90472; 21.16806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Брајчински манастир
Конаците на манастирот
Информации
Целосно имеМанастир „Св. Петка“ - Брајчино
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXV век
Посветен наСвета Петка
ЕпархијаПреспанско-пелагониска
Цркви„Св. Петка“
Личности
Место
МестоБрајчино, Општина Ресен, Преспа, Македонија Македонија
Координати40°54′17″N 21°10′05″E / 40.90472° СГШ; 21.16806° ИГД / 40.90472; 21.16806
Видливи остатоци1 црква, конаци, помошни објекти
Отворен за јавностада
Други информации(Подмочанско-љубојнска парохија)

Брајчински манастирманастир околу 500 метри источно од преспанското село Брајчино, подигнат на ливадеста висорамнина. Неговиот комплекс го сочинува црквата „Св. Петка“ со живопис на грчко писмо, зграда со конаци и чешма со лековита света вода.

Црквата „Св. Петка“ е еднокорабна, скромна по димензии и со тространа апсида. Живописот во црквата е правен во две фази и тоа, првата во XVI и втората во XVIII век.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Не се знае точната година на неговата изградба, но се претпоставува дека е изграден во XV век. Црквата била живописана во две фази XVI и XVIII век).

На 1 јануари 1902 година при престојот на една просјачка група од Прилепско, манастирот бил изгорен и подолго време бил запуштен. Во 1985 година, конаците биле обновени.[2]

Објекти[уреди | уреди извор]

Фреска на Архангелот Михаил во манастирската црква
Фреска на Пророкот Еремија од западниот ѕид на наосот во манастирската црква
Црква

Главната и единствена манастирска црква е посветена на Света Петка.[3] За неа не се зачувани сигурни податоци од кои може да се види кога била подигната. На западниот влез од наосот, од внатрешната страна, се наоѓа натпис кој е современ со подигањето и живописувањето на црквата. Меѓутоа, делот од текстот, во кој најверојатно се споменува годината во која е изградена или живописана црквата, е уништен. Денешната состојба на архитектурата и живописот од црквата Св. Петка упатува на податокот дака црквата, во извесен период на време, била запуштена, а монашкиот живот замрен. На северниот ѕид се гледаат остатоци од мали фрагменти кои му припаѓале на првобитниот живопис, како и фрагменти налепени на камењата од постарите урнати ѕидови на црквата (јужна страна). Мајсторите ѕидари при обновувањето на црквата ги користеле истите и ги вградувале во нив. Освен тоа, при обновувањето на црквата била проширена на југ, за околу 35-45 см.

Тогаш се вршени делумни интервенции на источната страна (калканот). Црквата претставувала мала по димензии градба, со полукружна апсида однадвор. Апсидата однатре има неправилно издолжен, елипсовиден облик и таа е асиметрично поставена. Жртвеникот и ѓаконикот, соодветно на големината на архитектурата, имале форма на ниши.

Судејки по решенијата на калканите, односно фреско-декорацијата, не била засводена. Таа однадвор е едноставно решена.

Конаци

Околу манастирската црква има конаци кои потекнуваат од поново време, но се изградени во традиционален стил. Конаците се градени во 1910 година, на остатоците на опожарениот конак од XIX век. Денес, за да се дадат се подобри услови за луѓето кои доаѓаат тука, а некои и преспиваат, сè е обновено, конаците, фасадата, чардаците, скалите, има кујна, две трпезарии, гостинска соба за дневен престој, владичка соба, три соби за преспивање со нови кревети и чиста постелнина. Првата иницијатива за враќање на стариот сјај се појавила во 1978 година, кога жителите на селото сами ја почнале обновата на конаците, без донации, а главното обновување почнало во 1995 година, кога селскиот одбор одлучно дал иницијатива да се обнови црквата и конаците.

Света вода

Чешмата со света вода се наоѓа веднаш до црква и цела година е пресушен, само малку протекува на 7 август, вечерта спроти празникот, и на 8 август кога се слави празникот на манастирот, повторно секнува. Многу е посетувана од страна на жени кои немаат пород, верувајќи дека со помош на водата ќе успеат да забременат.

Туризам[уреди | уреди извор]

Во овој манастир е развиен манастирскиот туризам. Самите конаци се регистрирани како хостел кои располагаат со сместувачки капацитет од вкупно 20 легла распоредени во неколку соби со автетнтичен амбиент. Има посебни туш кабини, тоалети и во целост опремена кујна.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешност

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Манастирите и Црквите во Брајчино. Архивирано од изворникот на 2016-12-22. Посетено на 2014-08-12.
  2. Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 60. ISBN 9789989920554. Посетено на 22 ноември 2016.
  3. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]