Бранч

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Obroci.jpg
Овие статии се дел од
серијалот oброци
Општопознати оброци...
ПојадокБранчMал ручек
ЧајРучекВечера
Останати оброци...
Втор појадок
Илевенсез
Тифин
Десерт
Ужина
Видете исто така...

Кујна | Кујни


Бранч (brunch, кованица од breakfast и lunch(eon)) е оброк кој се јаде во доцна изутрина, помеѓу појадокот и малиот ручек, како замена за двата оброка. Истиот се јаде кога некој станува предоцна за појадок или како посебно планиран оброк. Изразот е портманто од англиските зборови breakfast (македонски: појадок) и lunch (македонски: мал ручек). Бранчот може да се служи по некое утринско, или пред некое пладневно збиднување, како свадба или спортски настан. Обично бранчот е поопуштен оброк од појадокот или малиот ручек и затоа се сметаа соодветен за помали прослави.

Некои ресторани и хотели служат бранч, особено за викенди и празници. Таквите бранчови обично се со шведска маса, но и мени-јадења можат да се нарачаат наместо или заедно со шведската маса. Оброкот се состои од стандардни појадочни јадења како јајца, палачинки, виршли, сланина, шунка, овошје, печива и слично. Меѓутоа, истиот може да се состои и од било која друга храна. Шведските маси може да имаат големи печења од месо или живина, ладни морски плодови како шкампи и чадена риба, салати, супи и чорби, зеленчукови јадења, многу видови на печива и најразлични десерти.

Бранчот дим сум е популарен оброк во кинеските ресторани ширум светот. Се состои од голем избор на полнети пао (земички), кнедли и други солени или слатки јадења кои можат да бидат парени, фритирани или печени. Гостите си ги бираат јадењата од количките кои поминуваат, а кујната константно прави и служи свежи јадења.