Бразилско Царство
Бразилско Царство ― држава од 19-тиот век чија територија го зафаќала денешен Бразил Бразил и (до 1828 година) Уругвај. Основана била во 1822 година, а во 1889 била заменета со република. во 1889 година. Власта била репрезентативна парламентарна уставна монархија на чело со царот Педро I и неговиот син Педро II.
По окупацијата на Португалија од страна на Наполеон, , најважната од португалските колонии. После тоа, Бразил добил самоуправа под власта на португалската династија Браганца . Враќањето на власта во Лисабон по неговото ослободување од Наполеон предизвика протести, а Бразил стекна независност од Португалија, иако под власта на гранка на португалското кралско семејство.
По инвазијата на Наполеон на Португалија, португалското кралско семејство се преселило во егзил во Бразил, најважна колонија на Кралството Португалија, и во 1808 бразилскиот град Рио де Жанеиро станал седиште на Португалското Царство. Кралот Јован VI подоцна се вратил во Португалија, и го оставил неговиот најстар син и наследник, Педро, како регент да владее со Кралството Бразил. На 7 септември 1822 година, Педро прогласил независност на Бразил и, по успешната војна против кралството на неговиот татко, на 12 октомври бил прогласен за прв цар на Бразил под името Педро I. Новата држава била огромна, ретко населена и етнички разновидна.
За разлика од повеќето соседни шпанско-американски републики, Бразил имал политичка стабилност, брз економски раст, уставно загарантирана слобода на говор и почитување на граѓанските права на своите поданици, но со законски ограничувања за жените и робовите, кои се сметале за сопственост, а не за граѓани. Дводомниот парламент на царството бил избиран по релативно демократски методи за тоа време.
По неуспешната Цисплатинска војна против Обединети Покраини на Рио де ла Плата од 1828 година се отцепила покраината Цисплатина (подоцна Уругвај). Во 1826 година, и покрај неговата улога во бразилската независност, Педро I станал крал на Португалија. Педро I Абдицирал од бразилскиот престол на 7 април 1831 година и веднаш заминал за Европа за да ја вратам неговата ќерка на португалскиот престол. Цар на Бразил станал неговиот петгодишен син Педро II. Бидејќи бил малолетен, била создадена слаба регентска управа. Педро II, откако го презел раководењето со кралството успеал да донесе мир и стабилност во земјата, која станала меѓународна сила во подем.
Иако последните четири децении од владеењето на Педро II биле обележани со постојан внатрешен мир и економски просперитет, тој не направил ништо за опстанок на монархијата по неговата смрт. Наследник на престолот била неговата ќерка Изабел, но Педро II и владејачките класи сметале дека за царскиот престол не е прифатлива жена мажена за странец.[1] [1] Рамнодушноста на монархот и неговата наследничка за иднината на царството и децениската политичка стабилност довеле до тоа, дел од новата политичка класа, под влијание на американскиот републиканизам и позитивизам, да нема причина да ја брани монархијата.[1] По 58-годишно владеење, на 15 ноември 1889 година, царот бил соборен со ненадеен државен удар предводен од клика на воени водачи чија цел била формирање на република предводена од воен диктатор, и ја основале „Републиката на мечот“.
Историја
[уреди | уреди извор]Независност и раните години
[уреди | уреди извор]На 22 април 1500 година, морепловецот Педро Алварес Кабрал пристигнал на брегот на територијата која подоцна ќе стане позната како Бразил.[2] Во 1532 година територијата била населена од Португалци, а во следните 300 години тие полека се проширувале на запад додека не стигнале до речиси денешните граници на Бразил.[2] Во 1808 година, војската на францускиот цар Наполеон I ја нападнала Португалија, и го принудила португалското кралско семејство - Династијата Браганца, огранок на илјадагодишната династија Капет - во егзил. Кралското семејство се преселило во бразилскиот град Рио де Жанеиро, кој станал неофицијално седиште на Португалското Царство.[3]
Во 1815 година, португалскиот престолонаследник Дом Јован (подоцна Дом Јован VI), како регент, го создал Обединетото Кралство Португалија, Бразил и Алгарвес, со што го подигнал статусот на Бразил од колонија во кралство. Следната година, по смртта на неговата мајка, Марија I од Португалија, тој седнал на португалскиот престол. Во април 1821 година се вратил во Португалија и го оставил неговиот син принцот Дом Педро, да владее со Бразил како негов регент.[3] [2] Португалската влада веднаш презела чекори да ја отповика политичката автономија која Бразил ја стекнал 1808 година.[3] [2] Можноста од губење на ограничената контрола врз локалните работи предизвикало широко распространето негодување кај Бразилците. На 7 септември 1822 година, Хосе Бонифасио де Андрада, заедно со други бразилски водачи, го убедиле Педро да прогласи независност на Бразил од Португалија.[2] [3] На 12 октомври, принцот бил прогласен за Педро I, прв цар на новосоздаденото Царство Бразил.[2] [3] Вооружените воени единици лојални на Португалија се спротивставиле на прогласувањето независност. Низ цела земја започнала Војната за независност, а битки се воделе во северните, североисточните и јужните региони. Последните португалски војници се предале во март 1824 година, [2] [3] а Португалија ја признала независноста на Бразил во август 1825 година.[3]
На почетокот од 1825 година во покраината Цисплатина избувнало востание за отцепување од Бразил, а потоа имало обид на Обединетите Покраини Рио де ла Плата (подоцна Аргентина) да ја припојат Цисплатина. Овие настани го втурнале царството во Цисплатинска војна: „долга, неславна и на крајот залудна војна на југот".[3] Во март 1826 година, Јован VI починал и Педро I ја наследил португалската круна, накратко станал крал Педро IV од Португалија и веднаш абдицирал во корист на неговата најстара ќерка Марија II.[3] Состојбата во Бразил се влошила во 1828 година кога во војната на југот завршила така што Бразил ја изгубил Цисплатина, која станала независна република Уругвај.[3] Истата година во Лисабон, Марија II била соборена од престолот од принцот Мигел, помлад брат од Педро I.[3]
Царството, исто така, се соочило со проблеми со Генералното собрание, основано во 1826 година. Педро I, и мнозинството пратеници во законодавниот дом, се залагале за независно судство, народно избран законодавен дом и влада на чело со царот кој ќе има широки извршни овластувања и прерогативи.[1] Други пратеници се залагале за слична структура, но со помалку влијателна улога за монархот и законодавната власт да доминира во политиката и управувањето.[1] Борбата за тоа дали доминантен во власта ќе биде царот или од парламентот се прелеала во расправи за воспоставување на владината и политичка структура од 1826 до 1831 година.[3] Не можејќи истовремено да се справи со проблемите во Бразил и Португалија, царот на 7 април 1831 година абдицирал во корист на неговиот син, Педро II, и веднаш заминал за Европа за да ја врати својата ќерка на португалскиот престол.[3]
Регентство (1831-40)
[уреди | уреди извор]По заминувањето на Педро I, шеф на државата станало петгодишно момче. Царството во следните дванаесет години требало да биде без силна извршна власт, затоа што, според Уставот, Педро II не можел да ја практикува власта како цар додека не стане полнолетен, односно до 2 декември 1843 година. [3] Во меѓувреме со земјата бил избран да владее регент. Бидејќи Регенцијата немала некои од овластувањата на царот и била целосно подредена на Генералното собрание, таа не можела да го пополни вакуумот во извршната власт.[3]
Регенцијата била неспособна да ги реши споровите и ривалствата меѓу државните и покраинските политички фракции. Со надеж дека ако им се даде поголема автономија на провинциските и месните власти ќе го задуши се поголемото незадоволство, Генералното собрание во 1834 година изгласало уставен амандман, наречен Ato Adicional (Дополнителен акт). Наместо да го запре хаосот, новата моќ само ги потхранувала амбициите и соперништвото кај фракциите. Избувнало насилство низ целата земја.[1] Партиите жестоко се бореле за власт во покраините и општините, бидејќи ако една партија доминирала во покраините, исто така, добивала контрола врз изборниот и политичкиот систем. Партиите кои ги загубиле изборите се обиделе насилно да ја преземат власта, и како резултт на тоа имало неколку бунтови. [3]
Политичарите кои дошле на власт во текот на 1830-тите веќе се запознале со тешкотиите и замките на владеењето. Според историчарот Родерик Џеј Барман, во 1840 година „тие веќе ја изгубиле сета вера во својата способност сами да управуваат со земјата. Го прифатија Педро II како авторитетна фигура чие присуство беше незаменливо за опстанокот на земјата.“ [1] Некои од овие политичари (кои во 1840-тите ќе ја формираат Конзервативната партија) сметале дека на земјата ѝ е потребна неутрална фигура - некој кој ќе може да застане над политичките фракции и ситните интереси.[1] Се залагале за цар кој ќе биде позависен од законодавниот дом за разлика од уставниот монарх замислен од Педро I, но сепак со поголеми овластувања од оние за кои се залагале нивните противници на почетокот на Регенцијата (кои подоцна ја формирале Либералната партија).[1] Меѓутоа, либералите поднеле иницијатива за намалување на законската граница за стекнување на полнолетство на Педро II од осумнаесет до четиринаесет години. Царот бил прогласен за способен да владее во јули 1840 година.[1]
Консолидација
[уреди | уреди извор]По започнувањето на владеењето на Педро II во 1840-тите, Бразил бил обединет, бунтовите биле задушени и биле донесени многу закони. Конзервативците имале мнозинство во законодавниот дом, а местењето избори организирани од власта било честа појава. Во 1842 година, на пример, Педро II ја искористил својата „задржувачка моќ“ и го распуштил новоизбраниот парламентарен состав во кој мнозинство имале либералите и закажал нови избори, на кои преку полнење на гласачките кутии со лажни гласачки ливчиња победиле конзервативците.
За да ги постигнат своите цели, либералите се здружиле со група високи службеници во палатата, „Дворската фракција“. Дворниците биле дел од внатрешниот круг на царот и имале воспоставено влијание врз него, [1] што овозможило назначување на низа либерално-дворски кабинети. Нивната доминација, сепак, била краткотрајна. Во 1846 година, Педро II бил физички и психички созреан. Веќе не бил несигурното 14-годишно момче потресувано од озборувања, тајни заговори и други манипулативни тактики;[1] слабостите на младиот цар избледеле и до израз дошла неговата сила на карактер. [1] Тој успешно го решил влијанието на дворјаните така што ги отстранил од својот внатрешен круг.[1] Тој, исто така, се дистанцирал од либералите, кои додека биле на функција се покажале како неефикасни и во 1848 година ги повикал конзервативците да формираат влада.[1]
Царот и новоименуваниот конзервативен кабинет во периодот од 1848 до 1852 година се соочиле со три кризни состојби.[1] Првата криза била околу спротивставените мислења поврзани со нелегалниот увоз на робови. Увозот на робови бил забранет во 1826 година како дел од договорот со Британија.[1] Но, трговијата со луѓе продолжила со несмалено темпо, а откако британската влада во 1845 година го усвоила Законот од Абердин ги овластила британските воени бродови да го запленат секој бразилски брод за кој ќе се утврди дека е вклучен во трговијата со робови.[1] Додека Бразил се соочувал со овој проблем, на 6 ноември 1848 година избувнало Прајеирскиот бунт, судир меѓу месните политички фракции во покраината Пернамбуко. Бунтот бил задушен во март 1849 година. Тоа бил последен бунт во царството, а по задушувањето започнал период на четириесетгодишен внатрешен мир во Бразил. На 4 септември 1850 година бил објавен Законот Eusébio de Queirós, со кој власта добила широки овластувања за борба против илегалната трговија со робови. Оваа нова алатка требало да го прекине увозот на робови во Бразил. Веќе во 1852 година увозот бил потполно прекинат, а Британија установила дека трговијата е потисната.[1]
Третата кризна состојба бил судирот со Аргентинската Конфедерација за надмоќ на териториите во непосредна близина на Рио де ла Плата и слободната пловидба по тој воден пат.[1] Уште од 1830-тите, аргентинскиот диктатор Хуан Мануел де Росас ги поддржувал бунтовите во Уругвај и Бразил. Бразилското Царство не можело да изнајде решение за заканата од Росас до 1850 година,[1] по што бил склучен сојуз меѓу Бразил, Уругвај и незадоволните Аргентинци.[1] Овие настани ја предизвикале Платинската војна која завршила во февруари 1852 година со соборување на аргентинскиот владетел.[1] [4] Успешното справување на царството со овие кризи значително ја зголемило стабилноста и престижот на државата, а Бразил станал хемисферична сила.[5] На меѓународно ниво, Европејците гледале како земјата ги отелотворува познатите либерални идеали, како слободата на печат и уставното почитување на граѓанските слободи. Нејзината претставничка парламентарна монархија, исто така, била во целосна спротивност со диктатурите и нестабилноста, карактеристични за другите држави во Јужна Америка во овој период.[6]
Индустриски раст
[уреди | уреди извор]На почетокот од 1850-тите, Бразил уживал внатрешна стабилност и економски просперитет.[1] Инфраструктурата на државата брзо се развивала. Биле изградени железници, електрични телеграфски и паробродски линии кои го обединувале Бразил во кохезивна целина.[1] Во септември 1853 година, на успешниот конзервативен кабинет му истекол мандатот, а Хонорио Хермето Карнеиро Леао, Маркиз од Парана, станал мандатар за формирање нов кабинет. [7] Царот Педро II сакаше да спроведе амбициозен план, кој станал познат како „Помирување“,[8] за зајакнување на улогата на парламентот во решавањето на политичките спорови во земјата.[7] [1]
Парана поканил неколку либерали да се приклучат во конзервативните редови и именувал некои од нив за министри. Новиот кабинет, иако бил многу успешен, од почетокот бил соочен со силно противење од ултраконзервативните членови на Конзервативната партија кои не ги прифаќале новите министри од Либералната партија. Тие сметале дека кабинетот станал политичка машина преполна со преобратени либерали кои не ги споделуваат идеалите на партијата и биле заинтересирани само за јавните функции.[9] И покрај ова, Парана покажал истрајност во надминувањето на пречките и неуспесите.[1] [10] Меѓутоа, починал во септември 1856 година, а неговиот кабинет опстоил на власт до мај 1857 година [10]
Конзервативната партија се поделила на два дела: од една страна биле ултраконзервативците, а од друга, умерените конзервативци кои го поддржале Помирувањето.[10] Ултраконзервативците биле предводени од Хоаким Родригес Торес, виконт на Итабораи, Еузебио де Кеирос и Паулино Соарес де Соуса, прв виконт на Уругвај — сите тие биле поранешни министри во кабинетот 1848–1853 година. По смртта на Парана, тие ја презеле контролата врз Конзервативната партија.[10] По 1857 година, ниту еден кабинет не останал долго на власт. Владите брзо паѓале поради немањето мнозинство во Домот на пратеници.
Останатите членови од Либералната партија, многу ослабната по падот на нивната влада во 1848 година и катастрофалниот бунт во Прајеира од 1849 година, ја искористиле, внатрепартиската борба во Конзервативната партија за повторно да станат силна партија при креирањето на државната политика. Во 1860 година ѝ задале тежок удар на владата откако успеале да освојат неколку места во Домот на пратеници.[10] Многу умерени конзервативци пребегнале и се обединиле со либералите, при што формирале нова политичка партија, Прогресивна лига.[10] Конзервативците не можеле да ја задржат власта затоа што немале владејачко мнозинство во парламентот. Тие поднеле оставка, и во мај 1862 година Педро II именувал прогресивен кабинет. [10]
Парагвајска војна
[уреди | уреди извор]Во 1863 година, британскиот конзул во Рио де Жанеиро за малку ќе предизвикал војна со тоа што на Бразил му дал ултиматум поради два помали инцидента.[11] Бразилската влада одбила да постапи според ултиматимут, а конзулот издал наредба британски воени бродови да го заробат бразилски трговски бродови како отштета.[12] Бразил почнал да се спрема за војна,[13][14] и на крајбрежната стража ѝ била дадена дозвола да пука кон секој британски воен брод кој ќе се обиде да зароби бразилски трговски бродови.[15] Во јуни 1863 година, бразилската влада ги влошила дипломатските односи со Британија.[16]
Додека војна со Британската Империја била на повидок, Бразил своето внимание морал да го насочи и кон своите јужни граници. Во Уругвај започнала уште една граѓанска војна во која како спротивставени страни биле тамошните политички фракции.[17] Бразилците во Уругвај поседувале околу 400 големи имоти (estancias), кои заземале околу една третина од територијата на земјата. По избувнувањето на граѓанската војна, многу Бразилци биле убиени, а нивниот имот ограбен.[8] Бразилската влада одлучила да интервенира и во декември 1864 година бразилска војска го нападнала Уругвај, со што започнала краткотрајната Уругвајска војна.[18] Франциско Солано Лопес, претседателот на Парагвај, кон крајот на 1864 година се обидел да ја искористи ситуацијата во Уругвај за неговата држава да ја наметне како регионална сила. Во ноември 1864, наредил запленување на бразилски цивилен пароброд, што било повод за започнување на Парагвајската војна, а потоа го нападнал Бразил.[4] [8]
Она што на почетокот требало да биде кратка и директна воена интервенција довело до целосна војна во југоисточниот дел на Јужна Америка. Сепак, не дошло до војна на два фронта (со Британија и со Парагвај), затоа што во септември 1865 година, британската влада испратила пратеник кој јавно се извинил за кризата меѓу двете монархии.[19] [8] Парагвајската инвазија од 1864 година довела до многу подолг конфликт од очекуваното, а вербата на народот во Бразил дека нивната влада е способна да ја води војната полека ја снемувало.[1] Исто така, уште од своето основање, Прогресивната лига се соочувала со внатрепартиски конфликт меѓу фракциите формирани од поранешни умерени конзервативци и од поранешни либерали.[1] [10]
Кабинетот поднел оставка, а царот во јули 1868 година за нов мандатар го именувал веќе остарениот виконт на Итабораи, со што конзервативците се вратиле на власт.[1] Ова придонело двете прогресивни крила да ги закопаат секирите, и ја прекрсиле партијата во Либерална партија. Третото, помало и најрадикално прогресивно крило во 1870 година се прогласило за републиканска опција - злокобен сигнал за монархијата.[10] Како и да е, „владата од виконтот од Итабораи била многу поспособна од кабинетот што го заменил“[1] и војната со Парагвај завршила во март 1870 година со победа за Бразил и неговите сојузници.[1] Во војната загинале преку 50.000 бразилски војници,[20] а трошоците за војна биле единаесеткратно поголеми од годишниот буџет на владата.[20] Меѓутоа, земјата била толку просперитетна што владата го исплатила воениот долг за само десет години.[21] [22] Војната исто така беше го поттикнало домашното производство и економскиот раст.[1]
Апогеј
[уреди | уреди извор]Дипломатската победа над Британската Империја и воената победа над Уругвај во 1865 година, проследена со успешното завршување на војната со Парагвај во 1870 година, го означила почетокот на „златното доба“ на Бразилското Царство. [23] Бразилската економија растела со забрзано темпо; со започнало со железнички, бродски и други проекти за модернизација; имало наплив на доселеници.[1] Царството станало познато како модерна и прогресивна држава, втора по Соединетите Американски Држави во Америка; тоа имало политички стабилна економија со добар инвестициски потенцијал. [23]
Во март 1871 година, Педро II го именувал конзервативниот Хосе Паранхос, виконт од Рио Бранко за шеф на кабинет чија главна цел била да се донесе закон за итно ослободување на сите деца родени од робинки.[1] Контроверзниот предлог-закон бил претставен во Домот на пратеници во мај и се соочил со „одлучна опозиција, која добила поддршка од околу една третина од пратениците и која се обидела да влијае на јавното мислење против мерката“.[1] Предлог-законот бил изгласан во септември и станал познат како „Закон за слободно раѓање“.[1] Успехот на Рио Бранко, сепак, сериозно ја оштетил долгорочната политичка стабилност на царството. Законот „ги разединил конзервативците, една партиска фракција ги поддржала реформите на кабинетот на Рио Бранко, а друга - позната како ескравократи (македонски: робократи) - биле жестоки противници“, и формирале нова генерација ултраконзервативци.[1]
„Законот за слободно раѓање“, и неговата поддршка од Педро II било причина за губење на безусловната лојалност на ултраконзервативците кон монархијата.[1] Конзервативната партија и порано се соочувала со поделби, односно во текот на 1850-тите, кога целосната поддршка на царот за политиката на помирување придонела за подемот на прогресивците. Ултраконзервативците предводени од Еузебио, Уругвај и Итабора, кои се спротивставиле на помирувањето во 1850-тите, сепак сметале дека царот е неопходен за функционирањето на политичкиот систем: царот бил врховен и непристрасен арбитар кога земјата била пред политички ќорсокак.[1] За разлика од нив, оваа нова генерација на ултраконзервативци не се сеќавала на регентството и првите години од владеењето на Педро II, кога имало надворешни и внатрешни закани за опстојување на царството; тие знаеле само за просперитет, мир и стабилна администрација.[1] За нив - и за владејачките класи општо - повеќе не било важно присуството на неутрален монарх кој можел да ги решава политичките спорови. Понатаму, откако Педро II јасно зазел политичка страна по прашањето за ропството, тој ја компромитирал својата позиција како неутрален арбитер. Младите ултраконзервативни политичари не гледале причина да ја поддржат или да ја бранат царската функција.[1]
Одбивање
[уреди | уреди извор]На слабостите во монархијата им требало многу години за да станат воочливи. Бразил продолжил со својот просперитет во текот на 1880-тите, при што брзо се развивале економијата и општеството, заедно со првиот организиран притисок за правата на жените (кои ќе напредуваат бавно во следните децении).[24] За разлика од тоа, писмата кои ги напишал Педро II откриваат човек кој со возраста се изморил од светот, и кој е сѐ повеќе отуѓен од актуелните настани и со песимистички поглед.[1] Тој вредно ги извршувал своите формални должности како цар, но често без ентузијазам и веќе не интервенирал активно за одржување на стабилноста во земјата.[1] Историчарите семтаат дека неговата сѐ поголема „рамнодушност за судбината на царството“ [25] и неговата неактивност да го заштити царскиот систем откако тој се нашол под закана се „главна, а можеби и единствена, причина“ за распаѓањето на монархијата.[1]
Немањето наследник кој би можел да обезбеди нова насока исто така било закана за опстанокот на бразилската монархија. Наследник на царот била неговата најстара ќерка принцезата Изабел, која немала интерес, ниту очекувала да стане монарх.[1] И покрај тоа што Уставот дозволувал женско наследување на престолот, Бразил сè уште бил традиционално општество во кое доминирале мажи, а преовладувале мислењето дека само машки монарх би можел да биде шеф на државата.[1] Педро II, [1] владејачките кругови [1] и поширокиот политички естаблишмент сметале дека женски наследник е несоодветен, а самиот Педро II сметал дека смртта на неговите два сина и немањето машки наследник се знак дека царството е предодредено да пропадне.[1]
Уморен цар кој веќе не се грижел за престолот, наследник кој немал желба да ја преземе круната, сѐ понезадоволна владејачка класа која ја отфрлала царската улога во државните работи: сите овие фактори ја навестувале претстојната пропаст на монархијата. Средства за соборување на царскиот систем набрзо се појавиле во редовите на Армијата. Републиканизмот никогаш не процветал во Бразил (освен во одредени елитистички кругови), [1] [25] и имал мала поддршка во покраините.[26] Сè поголемата комбинација на републикански и позитивистички идеали меѓу помладите и средните офицери во армијата, сепак, почнал да станува сериозна закана за монархијата. Овие офицери претпочитале републиканска диктатура, за која сметале дека ќе биде супериорна во однос на либералната демократска монархија. [4] [1] Започнувајќи со мали акти на непослушност на почетокот на 1880-тите, незадоволството во армијата се зголемило во обем и дрскост во текот на деценијата, бидејќи царот бил незаинтересиран и политичарите се покажале неспособни повторно да ја воспостават власта на владата над војската.[1]
Пад
[уреди | уреди извор]Државата уживаламногу голем меѓународен престиж во текот на последните години од царството. [27] Додека Педро II се лекувал во Европа, на 13 мај 1888 година парламентот го изгласал, а принцезата Изабел го потпишала Златниот закон, со кој во Бразил целосно се укинува ропството.[1] Предвидувањата за економски проблеми и недостигот на работна рака како резултат од укинувањето на ропството се покажале како неосновани.[1] Сепак, крајот на ропството бил последен удар за верувањето дека круната е неутрална, и како резултат ултраконзервативците почнале експлицитно да го поддржуваат републиканизмот.[25] Тие биле поддржани од богатите и моќни фармери на кафе кои имале голема политичка, економска и социјална моќ во земјата.[28]
За да избегне републиканска револуција, владата се обидела да поттикне понатамошен развој и зела кредит кој на Бразил му бил лесно достапен поради неговиот просперитет. Владата им одобрила огромни заеми со поволни каматни стапки на сопствениците на плантажите и доделувала титули и помали почести за да им се допадне на влијателните политички фигури кои биле незадоволни.[1] Владата, исто така, индиректно почнала да го решава проблемот со непослушната војска преку ревитализација на претходно укинатата Национална гарда.[1]
Мерките што ги презела владата ги вознемирила цивилните републиканци и позитивистите во војската. Републиканците увиделе дека ова ќе ја поткопа поддршката за остварување на нивните цели и одлучиле да преземат акција.[1] Реорганизацијата на Националната гарда започнала во август 1889 година, а нејзиното создавање ги натерало дисидентите во офицерскиот кор да размислуваат за очајни мерки.[1] За двете групи, републиканците и војската, дошол моментот „сега или никогаш“.[1] Иако мнозинството Бразилци немале желба за менување на обликот на владеење во земјата,[29] републиканците почнале да вршат притисок врз армиските офицери да ја соборат монархијата.[30]
Тие извршиле државен удар и на 15 ноември 1889 година прогласиле република.[31] Неколкумината сведоци на настаните не сфатиле дека се работи за револуција.[30] [25] Историчарката Лидија Бесуше забележала дека „ретко има толку мали револуции“. [32] За време на државниот удар Педро II не покажал емоции, како да не бил загрижен за исходот.[1] Тој ги отфрлил сите предлози од политичарите и воените водачи за задушување на бунтот.[33] На 17 ноември царот и неговото семејство биле испратени во егзил.[4] Иако имало голема монархистичка реакција по падот на царството, таа била целосно потисната, [34] а ниту Педро II ниту неговата ќерка не поддржале реставрација.[1] И покрај тоа што не знаел за планираниот државен удар, поради пасивното прифаќање на ситуацијата од страна на царот, политичкиот естаблишмент го поддржал крајот на монархијата во корист на република. Тие не знаеле дека цел на пучистите било создавање на диктаторска република, а не на претседателска или парламентарна република.[25]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 1,23 1,24 1,25 1,26 1,27 1,28 1,29 1,30 1,31 1,32 1,33 1,34 1,35 1,36 1,37 1,38 1,39 1,40 1,41 1,42 1,43 1,44 1,45 1,46 1,47 1,48 1,49 1,50 1,51 1,52 1,53 1,54 1,55 1,56 1,57 1,58 1,59 1,60 1,61 Barman 1999.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Viana 1994.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 Barman 1988.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Carvalho 2007.
- ↑ Levine 1999.
- ↑ See:
- ↑ 7,0 7,1 Vainfas 2002.
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 Lira 1977, Vol 1.
- ↑ See:
- ↑ 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 10,7 10,8 Nabuco 1975.
- ↑ See:
- ↑ See:
- ↑ Calmon 1975, стр. 680.
- ↑ Doratioto 2002, стр. 98, 203.
- ↑ Calmon 1975, стр. 684.
- ↑ See:
- ↑ See:
- ↑ See:
- ↑ Calmon 1975.
- ↑ 20,0 20,1 Doratioto 2002.
- ↑ Calmon 2002.
- ↑ Munro 1942.
- ↑ 23,0 23,1 Lira 1977, Vol 2.
- ↑ See:
- ↑ 25,0 25,1 25,2 25,3 25,4 Lira 1977, Vol 3.
- ↑ See:
- ↑ Topik 2000.
- ↑ See:
- ↑ Ermakoff 2006.
- ↑ 30,0 30,1 Schwarcz 1998.
- ↑ See:
- ↑ Besouchet 1993.
- ↑ See:
- ↑ Salles 1996.
Користена литература
[уреди | уреди извор]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Бразилско Царство на Ризницата ?