Браво маестро (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Браво маестро (хрватски: Bravo maestro) е југословенски филм од 1978 година, во режија на Рајко Грлиќ. Сценариото е дело на Срѓан Карановиќ и Рајко Грлиќ. Главните улоги ги толкуваат: Раде Шербеџија, Александар Берчек, Кораљка Хрс, Радојка Шверко, Божидар Бобан, Анте Вицан, Звонимир Лепетиќ, Младен Будишчак, Изет Хајдархоџиќ, Злата Петковиќ итн. Филмот трае 99 минути и е снимен во боја, со 35 милиметарска камера. Главен камерман е Живко Залар, а продукцијата е на „Croatia film“ и „Jadran film“. Музиката за филмот е дело на Бранислав Бране Живковиќ. Монтажата е дело на Живка Топлак, костимографијата на Рикард Гумзеј, а сценографијата на Динка Јеричевиќ и Дражен Јурачиќ. Премиерата на филмот се одржала на 8 февруари 1978 година. За својата улога во филмот, Раде Шербеџија ја добил наградата на Филмскиот фестивал во Пула, „Златна арена“ за најдобар актер.[1].

Содржина[уреди | уреди извор]

Во филмот се зборува за деградацијата на личноста и распадот на личниот и општествениот морал, прикажани преку ликот на младиот композитор Витомир Безјак (го игра Шербеџија). Тој дипломирал на музичката академија во 1960-тите како еден од најдобрите студенти. И покрај пофалбите кои ги добива од сите страни, Витомир безуспешно се труди да пронајде некоја работа, па живее боемски живот и компонира. Истовремено, тој раскинува со својата девојка и прифаќа ангажман како учител по клавир. Така, тој се вљубува во богатата вдовица Ива Будиќ (ја игра Кораљка Хрс) чиј син го подучува и потоа се жени со неа, со што успева да влезе во богатото семејство на еден висок државен раководител. Користејќи ги врските, Витомир станува познат, иако тој не може да компонира успешно како во минатото. Набргу, неговиот брак се распаѓа, а тој продолжува да гради општествена кариера, прифаќајќи различни функции, со што постепено стекнува власт. Но, на пробата на неговото долгоочекуваната опера, се открива дека неговото дело е плагијат...[2] [3]

Награди[уреди | уреди извор]

  • На Филмскиот фестивал во Пула во 1978 година, филмот добил неколку награди: Голема сребрена Арена во конкуренција за најдобар филм; Златна арена за најдобар актер, за Раде Шербеџија; Златна арена за камера, за Живко Залар; диплома на жирито за маска, доделена на Станислав Зариќ; наградата на списанието Малдост за најдобра режија.
  • На Канскиот фестивал, во 1978 година, филмот бил прикажан во официјалната конкуренција.
  • На Филмскиот фестивал во Врњачка бања, во 1978 година, филмот ја добил втората награда за сценарио.
  • Истата година, на филмскиот фестивал во Ниш, Младен Будишчак бил награден со диплома.[4].

Наводи[уреди | уреди извор]