Прејди на содржината

Бојнички замок

Координати: 48°46′56″N 18°34′26″E / 48.78222° СГШ; 18.57389° ИГД / 48.78222; 18.57389
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бојнички замок
Bojnický zámok
Бојнице
Словачка

Бојничкиот замок над градот Бојнице во Словачка
Тип замок
Координати 48°46′56″N 18°34′26″E / 48.78222° СГШ; 18.57389° ИГД / 48.78222; 18.57389
Изграден 12 век
повторно изграден 1889-1910
Тековна
состојба
комплетно реновиран после пожарот во 1950 година
Тековен
сопственик
Словачка
Отворен за
јавноста
Да
Под управа на Кралство Унгарија, Словачка

Бојнички замок (словачки: Bojnický zámok, унгарски: Bajmóci vár) – средновековен замок во Бојнице, Словачка. Тој е романтистички замок со одредени оригинални готски и ренесансни елементи изградени во 12 век. Бојничкиот замок е еден од најпосетуваните замоци во Словачка, годишно го посетуваат стотици илјади посетители, а исто така е популарна сцена за снимање фантастични филмови и бајки.

Историја

[уреди | уреди извор]

Бојничкиот замок првпат се споменува во пишани записи во 1012 година, во документ на Зоборската опатија. Првично бил изграден како дрвена тврдина и постепено дрвото било заменето со камен, со надворешните ѕидишта обликувани според нерамниот карпест терен. Негов прв сопственик бил Матеј III Чак, кој го примил во 1302 година од кралот Вацлав III од Унгарија. Подоцна, во 15 век, бил во сопственост на кралот Матјаш Корвин, кој му го дал на својот незаконски син Јанош Корвин во 1489 година. Матјаш сакал да го посетува Бојнице и тука работел на своите кралски декрети. Практикувал да ги диктира под саканата липа, која денес е позната како „Липата на кралот Матјаш“. По неговата смрт замокот станал сопственост на семејството Запоља. Турзовците, најбогатото семејство на север во Кралството Унгарија, го стекнале замокот во 1528 година и презело негова голема реконструкција. Поранешната тврдина била преобразена во ренесансен замок. Од 1646 година, сопственици на замокот станува семејството Палфи, кое продолжило да го обновува замокот.

Конечно, последниот прочуен сопственик на замокот од семејството Палфи, грофот Јанош Ференц Палфи (1829-1908), направил комплексна романтистичка реконструкција од 1888 до 1910 годна и ја создал денешната прекрасна имитација на француските замоци од долината на Лоара. Тој не само што го градел замокот, туку исто така бил архитект и графички дизајнер. Го искористил својот добар уметнички вкус и љубов за собирање уметнички дела. Тој бил еден од најголемите собирачи на антиквитети, таписерии, цртежи, слики и скулптури во неговото време. По смртта и долгите расправии, неговите наследници продале многу драгоцени уметнички дела од замокот, а потоа, на 25 февруари 1939 година, го продале замокот, бањата и околното земјиште на чешкиот претприемач Јан Антонин Бата (сопственик на компанија за чевли Бата).

По 1945 година, кога имотот на Бата бил конфискуван од владата Чехословачка, замокот станал седиште на неколку државни институции. На 9 мај 1950 година, во замокот избувнал огромен оган, но бил повторно изграден на сметка на владата. По оваа реконструкција тука бил отворен музеј специјализиран за документација и презентација на ерата на архитектонските неостилови. Музејот Бојнице денес е дел од Словачкиот национален музеј.

Замокот е познат по своите атракции, вклучувајќи ги популарните Замок на бајките, Меѓународниот фестивал на духови и души и Летниот музички фестивал. Романтичниот замок е исто така популарна локација за снимање филмови-бајки, како „Фантагиро“. Во 2006 година, замокот привлекол околу 200.000 посетители. Тој е домаќин на најпопуларниот музеј во Словачка и е прикажан во многу филмови.

Паркот на замокот

[уреди | уреди извор]
Липовото дрво на кралот Матјаш, старо околу 700 години, едно од најстарите документирани дрва во Словачка

Бојничкиот замок се наоѓа во парк кој се одликува со бројни видови дрвја. Во паркот се наоѓа и зоолошка градина, најстарата и најпосетуваната во Словачка. Паркот на замокот продолжува во форма на парк-шума во Стражовските Планини.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]