Прејди на содржината

Бојкот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Луѓе што повикуваат на бојкот на рестораните на KFC, Мичиген, 2007 г.

Бојкот (англиски: boycott) — вид политичка и економска борба што подразбира целосен или делумен прекин на односите со одредено лице, организација или претпријатие.[1][2] На пример: одбивање да се заснова работен однос, одбивање да се купуваат производи од тоа претпријатие и слично — односно секој прекин на односите со некого во знак на протест против нешто.

Во меѓународните односи, според Повелбата на ОН, бојкотот е една од присилните мерки (без употреба на вооружена сила) за зачувување на мирот. Се состои во одбивање на една држава да одржува односи со некоја друга држава или група држави.

Поимот е именуван според презимето на англискиот управник Чарлс Бојкот, против кого во 1880 г. ирските закупци за првпат ја примениле оваа мерка.

Познати бојкоти

[уреди | уреди извор]

Еден од првите познати бојкоти, уште пред појавата на самиот збор „бојкот“, бил организиран од аболиционистичкото движење во Англија на крајот на XVIII век. Членовите на движењето одбивале да конзумираат шеќерна трска и други производи од ропски труд, и на крајот успеале да убедат голем дел од лондонската елита дека пиењето чај со шеќер е аморално. Ова послужило како еден од поттиците за укинување на ропството во Британската Империја во 1833 г.

Првиот формален бојкот организиран на државно ниво бил општонационалниот еднодневен бојкот на еврејските фирми и продавници на 1 април 1933 г. во Нацистичка Германија.

Бојкотите често се користат од националноослободителните движења и во борбата за граѓански права. На пример, во првата половина на XX век, кинеските националистички движења (Движење 4 мај, Гоминдан и др.) редовно организирале бојкоти на јапонски производи во знак на протест против политиката на Јапонската Империја кон Кина. Махатма Ганди во 1921 г., за време на борбата за независност на Индија, ги повикал Индијците да ги бојкотираат британските фирми и образовни институции. Бојкотите на месно ниво (против конкретни организации што вршеле расна дискриминација) биле еден од основните методи во борбата за граѓански права на Афроамериканците во САД во 1950-тите и 1960-тите години.

Широко познати се и бојкотите на Олимписките игри. На пример, САД и низа нивни сојузници ја бојкотирале Летната олимпијада во Москва во 1980 г. поради влезот на советските трупи во Авганистан во 1979 г. Како одговор на тоа, СССР и повеќето социјалистички земји ја бојкотирале Летната олимпијада во Лос Анџелес во 1984 г.

Економски бојкоти

[уреди | уреди извор]
  • Бојкот на компири во ЈАР
  • Еден од најмасовните бојкоти во поновата историја бил организиран во арапските земји во 2006 г. против данските прехранбени производи, како последица на познатиот скандал со карикатурите.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]