Прејди на содржината

Босозоку

Од Википедија — слободната енциклопедија
Група босозоку во 2013 г.

Босозоку (јап. 暴走族; букв. „група за несовесно возење“) — јапонска младинска поткултура поврзана со видоизменети мотоцикли. Првата појава на овие типови моторџиски банди била во 1950-тите. Популарноста го достигнала својот врв со приближно 42.510 члена во 1982 г. Нивниот број драстично опаднал во 2000-тите, со помалку од 7.297 члена во 2012 г.[1] Подоцна, во 2020 г., собир на босозоку што некогаш привлекувал илјадници члена имал само 53 члена, при што полицијата изјавила дека поминувало многу време откако последенпат морале да приведат толку многу луѓе.[2]

Стилот на босозоку традиционално вклучува комбинезони слични на оние на физичките работници или кожни воени јакни со широки панталони и високи чизми. Оваа униформа станала позната како токо-фуку (јап. 特攻服; букв. „облека за специјален напад“) и често е украсена со слогани испишани со канџи. Типични додатоци на оваа униформа се хачимаки, хируршки маски и закрпи на кои е прикажано Знамето на изгрејсонцето. Членовите на босозоку се познати по тоа што земаат јапонски патни мотоцикли и им додаваат модификации како што се преголеми оклопи, подигнати управувачи свртени навнатре, големи потпирачи за седишта, раскошни бои и видоизменети ауспуси. Стиловите на босозоку црпат вдахновение од чоперите, поткултурата гризер и теди-бој.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Пред босозоку биле каминаризоку, додека младите воени ветерани се приспособувале на животот во Јапонија по Втората светска војна.

Босозоку првично започнале како групи воени ветерани што се враќале од Втората светска војна. Непослушната поткултура настанала во 1950-тите кога млади пилоти се вратиле од Втората светска војна.[4] Многу ветерани се соочиле со тешкотии при повторното приспособување кон општеството по војната, а некои се свртеле кон правење сопствени автомобили и активности слични на банди по градските улици за да добијат доза адреналин. Овие рани босозоку црпеле вдахновение од американската поткултура гризер и увезените западни филмови; босозоку станале познати по нивните многубројни сличности со старата американска моторџиска култура.[5] Многу помлади поединци започнале да го сметаат овој начин на живот за многу привлечен, особено маргинализираните лица што барале промена. На крајот, овие младежи го презеле идентитетот, станувајќи основа за современиот босозоку.[6]

Седумдесеттите години од минатиот век биле периодот кога поимот босозоку првпат навистина почнал да се појавува. Овој период се одликувал со вистински немири меѓу полицијата и многу од овие младински групи. Поимот босозоку всушност не бил создаден од овие моторџиски банди, туку подоцна бил широко прифатен и користен од овие различни групи.[5] Во 1980-тите и 1990-тите, босозоку често организирале масовни возења, во кои до 100 моторџии крстосувале заедно полабаво и масовно по автопат или главен пат. Моторџиите минувале низ патарините без да застанат и ги игнорирале полициските обиди да ги задржат. Новогодишната ноќ била популарна пригода за овие масовни возења. Моторџиите понекогаш ги удирале автомобилите и им се заканувале или ги тепале сите возачи или минувачи што ќе им се нашле на патот или ќе го искажеле своето неодобрување за однесувањето на моторџиите. Учеството во бандите го достигнало својот врв од 42.510 члена во 1982 г. Ова го направило босозоку доминантен облик на малолетничко престапништво во рамките на Јапонија.[6]

Бројките постепено почнале да опаѓаат по врвот во 1980-тите. Се известува дека до 1990-тите низ земјата имало околу 28.000 босозоку.[7] Во 2004 г., јапонската влада усвоила ревидиран закон за сообраќај на патиштата што ѝ дала поголема моќ на полицијата да апси моторџии што возат несовесно во групи. Со зголемените апсења и кривични гонења, учеството на босозоку брзо опаднало. Од 2010 г., полицијата известила дека новиот тренд меѓу босозоку бил да возат заедно во многу помали групи и да возат скутери наместо тешко видоизменети мотоцикли. Префектурата Аичи имала најголем број возачи, а по неа следувале Токио, Осака, Ибараки и Фукуока.[8] До 2015 г., низ цела Јапонија имало само 6.771 пријавен активен босозоку.[6] Во 2013 г., Националната полициска агенција ги прекласифицирала моторџиските банди босозоку како организации „псевдојакуза“.[9]

Особености

[уреди | уреди извор]
Босозоку на ноќно возење

Босозоку обично се на возраст меѓу 16 и 20 години.[5] Познати се по својот стил што во голема мера ја подражава културата на гризерите во Соединетите Држави. Ова вклучува фризура во стилот пампадур, униформи токо-фуку, кои често биле видоизменети и извезени комбинезони вдахнати од оние што ги носеле физичките работници за време на епохата на Втората светска војна, широки панталони и воени чизми.[10] Униформите токо-фуку често биле извезени со разни слогани и големи, сложени дизајни. Тие се сметале за симбол на статус за многумина, симболизирајќи ја и нивната гордост кон самите себе и нивната сила.[11] Тие често се носеле отворени на предната страна, со завиткани завои околу половината. Покрај тоа, често биле придружувани од заоблени очила за сонце и тасуки.[10]

Зборот босозоку се применува и за моторџиската поткултура со интерес за приспособување на мотоцикли, честопати незаконски, и правење врева преку отстранување на ауспусите на нивните возила за да произведат повеќе бучава. Овие групи на босозоку понекогаш возат без кациги за мотоцикли (што во Јапонија е незаконски), а исто така се впуштаат во опасно или несовесно возење, како што е лавиринтско движење низ сообраќајот и минување на црвени светла. Друга активност е возењето со прекумерна брзина по градските улици, обично не за трки на улица туку повеќе за возбуда. Со многу вклучени мотори, првиот е управуван од водачот, кој е одговорен за настанот и не смее да биде престигнат. Јапонската полиција ги нарекува мару-со (полициски код マル走 или 丸走) и повремено испраќа полициски возила да ги следат групите мотори со цел да спречат можни инциденти, кои можат да вклучуваат: многу бавно возење низ предградијата со брзина од 10 до 15 км/ч, создавајќи главно нарушување додека мавтаат со царски јапонски знамиња и започнувања тепачки што можат да вклучуваат оружје (како што се дрвени мечеви, метални цевки, бејзболски палки и молотови коктели).[12]

  1. Osaki, Tomohiro (18 April 2013). „Documentary chronicles disappearing world of 'bosozoku'. The Japan Times.
  2. „Police crackdowns fast making hot-rodder spectacles a fading memory“. Japan Today. 19 October 2021.
  3. Callahan, Kat (4 October 2014). „The Bosozoku Are Japan's Disappearing Rebels Without a Cause“. Jalopnik.
  4. Davis, Antonix. „Bosozoku“. haenfler. Посетено на 18 October 2022.
  5. 1 2 3 Callahan, Kat (October 4, 2014). „The Bosozoku Are Japan's Disappearing Rebels Without A Cause“. Jalopnik.
  6. 1 2 3 Osaki, Tomohiro (Dec 14, 2016). „Japan's 'bosozoku' bikers a vanishing rebel breed“. The Japan Times.
  7. Kaplan, David E (2019). Yakuza : Japan's Criminal Underworld. University of California Press. стр. 124–126. ISBN 978-0520953819.
  8. „Aichi biker gangs up but downsized“. The Japan Times (англиски). 2010-07-17. Посетено на 2020-11-14.
  9. „Tokyo cops accuse Chinese Dragon member in gashing of man with broken bottle“. TokyoReporter (англиски). 2017-06-29. Посетено на 2020-11-14.
  10. 1 2 John (2012-03-26). „The Rise and Fall of Bosozoku“. Tofugu (англиски). Посетено на 2020-11-14.
  11. „Worn to be wild: Tokkōfuku combat uniforms“. Deep reads from The Japan Times (англиски). Посетено на 2020-11-14.
  12. Sato, Ikuya (1986). 'Bosozoki' and Yankee: Anomy and Parody in the Affluent Society (PhD). The University of Chicago. OCLC 14085189. ProQuest 303443061.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]