Боро Митриќевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Резиме[уреди | уреди извор]

Боро Митриќевски (1927), вајар

Македонскиот вајар Боро Митриќевски е творец кој верува дека вајарството е начин да се збогати и да се облагодари човековото постоење, не ја изгубил таа надеж ниту во крајот на ова нечовечко столетие. Оттука Митриќевски и денес предимно ја обработува човечката фигура и лик. Своето ликовно образование Боро Митриќевски го започна во втората половина на петтата деценија во Училиштето за применета уметност. Тука првите професеионални знаења тој ги доби од втемелувачот на модерната македонска скулптура Димо Тодоровски (1907-1983). Овој вајар тогаш одгледуваше реалистичко вајарство, во кое се насетуваа и одделни посткубистички и експресионистички решенија. Оттука Митриќевски својот афинитет за дрвото и мермерот како материјали, ќе го развива подоцна. Главното влијание на Тодоровски врз Митриќевски се искажа во поттикнувањето на ученикот скрупулозно да го почитува занаетот. Студиите на Академијата за ликовна уметност во Загреб, Митриќевски ги заврши во 1954 година, во класата на вајарот Вања Радуш. И од нагласената експресивност на Радуш или од други вајари на загрепската школа (Аугустинчиќ, Кршниќ) нема нагласени трагачи во подоцнежните творби на Мириќески.

Основни биографски податоци[уреди | уреди извор]

БОРО МИТРИЌЕВСКИ е роден на 10.05.1927 година во Варош, Прилеп. Основно образование завршил во Прилеп, а уметничка школа завршил во Скопје 1948/49 година, каде што ги добива првите познавања за скулптурата од проф. Димо Тодоровски. Потоа студира на Академијата за ликовна уметност во Загреб. Дипломирал на истата Академија 1954 година во класата на вајарот Вања Радуш. По завршувањето на студиите извесно време работи како ликовен педагог, потоа како слободен уметник. Од 1979 до 1984 година е директор на Уметничката галерија во Скопје, на која што функција и се пензионирал. На 26.07.1997 година е примен за редовен член во Македонската Академија на Науките и Уметностите. Студиски патувања: Франција, Англија, Грција, Русија, Египет, Шпанија, Германија. Австрија (Виена), Њујорк, Канада (Торонто), Полска, Шведска.

Ликовно – творечки дел[уреди | уреди извор]

Лепезата мотиви што ги обработува Митриќевски од почетоците на своето постакадемско творештво, е несомнено широка. Воедно речиси паралелно се појавија дела што обработиле човечка (женска и машка) фигура или некое животинско тело. Митриќевски доста рано ќе се провери и во портретот. До тие негови ангажмани македонската скулптура во овој век ги беше изодела некои од своите први етапи, започнати во мал број дела веќе пред Втората светска војна (1941). Од 1945 година до средината на шестата деценија кога почнува да твори Митриќевски, во Македонија се одгледуваше фигуративно вајарство во кое полека навлегуваа влијанија од медитеранскиот ареал и некои аспекти на европското модерно творештво. Со своите први обиди Митриќевски веднаш се најде среде тие пориви и сосема спонтано стана и член на македонската авангардна ликовна група “Мугри“ основана во 1960 година. Таа сакаше навистина да “зазори“ модерното ликовно творештво во Македонија, во тој миг понагласено воведно во сликарството. Според делата настанати од 1954 до 1958 година Митриќевски тогаш работи прво во реалистички академски манир, видлив е во низа портрети, фигури и актови (Глава I, Портрет, Акт, Цар Самуил–скица, Портрет на музичар, Глава на Славко Јаневски, Торзо и др.) изработени во гипс, бронза, алуминиум. Меѓу сите се изделува “Портрет на Драгутин Аврамовски – Гуте“ (гипс, 1960), во неговите синтетично, повеќе сугерирани детали, е изскажана вајарска култура што авторски општи со многу поттици без да им подлегне. Во одделни творби Митриќевски веќе дотогаш откри и настојување да обработи личности од подалечната и тековната историја. Постепено се беше упатил и кон поинаков вајарски израз. Од 1960, а особено по 1963 година, по скопскиот катастрофален земјотрес од таа година, процесите на осовременување на сета македонска ликовна култура станаа многу поинтезивни. Митриќевски ги следеше со симпатии, умееше и да се сообрази со нив, на пример при изведба на некои споменици или скулптура во простор. Но остана приврзан за човечкото тело и лик како најцелосна можност за своето авторско дејствување. Творбите на Митриќевски (во дрво и мермер) беа прикажани во земјата и во странство на групни и самостојни изложби. На оваа сегашната доминираат негови дела изведени во дрво, а настанати во 1960 година наваму. Во низа дела на Митриќевски стремежот кон примордијален израз е подвлечен со неколку основни интервенции. Така женското тело најчесто бива речиси пирамидално издолжено и стеснето во горниот дел (до малите глави), тоа предизвикува изразителна деформација на целиот ваков склоп. Додатните вешти и неконвенционални дејствија, длабење врежување, гребење на материјалот, така ја дообработуваат фактурата за со тоа, а не со симулирање на граѓата на телата и ликовите, да се сугерира добата или физичката состојба на мотивот (“Старица, дрво 1964). Во некои машки претстави преобразбите се понамеливи. Телата се грубо “цепени“ вертикални, избраздени со графизми, сурово “сакатените“ делови и екстремитетите се слободно поставени. Овие енергично “скалапени“ машки маси, се применети и во грубите брановидно извиени тела на “Љубовници“ (1972). Потоа во впечатливо едноставната и необработената вертикала на “Мајка“ (1967/68). А и во интелегентно и возбудливо изобличените и како да се мумифицирани – фосилизирани фигури и ликови во “Тифусари“ (1974). Сите се веројатно една од најважните епизоди во творештвото на Митриќевски. На неа се надоврзуваат некои карактеристични петстави на историски личности. Така македонските просветители заедничката претсава на Светите браќа Кирил и Методиј (1974), неколку ликови на Свети Климент (се до големата дрвена скулптура во МАНУ и бронзениот споменик во Скопје, 1990), седнатите или стоечки фигури на Марко Цепенков или Кирил Пејчиновиќ, Мириќески ги доживува бе патетика, глориозност. Тоа е интелегентно сообразување со духовната и етичка сила на овие личности со нивниот социјален, верски или световен статус, со времето во кое живееле и нивната улога во националната и културна еманципација на Македонија. Митриќевски ги претставува како физички кревки човечки суштества, без идеализација на нивниот изглед но во нивните рудиментирани телесни показатели е содржина несомнена евокативна сила.