Прејди на содржината

Бориево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бориево

Воздушен поглед на селото

Бориево во рамките на Македонија
Бориево
Местоположба на Бориево во Македонија
Бориево на карта

Карта

Координати 41°25′23″N 22°45′54″E / 41.42306°N 22.76500°E / 41.42306; 22.76500
Регион Југоисточен
Општина Ново Село
ОбластСтрумичко Поле
Население742 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.2433
Повик. бр.034
Шифра на КО27010, 27510
Надм. вис.207 м
СлаваМала Богородица
Бориево на општинската карта

Атарот на Бориево во рамките на општината
Бориево на Ризницата

Бориево — село во Општина Босилово, во областа Струмичко Поле, во околината на градот Струмица.

Селото е скоро целосно споено со соседното Моноспитово.

Потекло и значење на селото

[уреди | уреди извор]
Сретселото

Името на селото првпат е запишано како Боруево во пишани документи во XIV век (1343 г.) и низ годините се сретнува под слични варијанти (Бориево, Боруево, Борјово). Името доаѓа од личното име Боруј или Бориј образувано со суфиксот -ово.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во средишниот дел на рамништето на Струмичкото Поле, со најквалитетен бонитет на земјиштето. Селото е сместено во јужниот дел на подрачјето на Општина Босилово.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 207 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 15 километри.[3]

До селото може да се стигне преку локални асфалтирани патишта од државниот пат А4 со исклучување кај селото Турново или од регионалниот пат 1404 преку селото Моноспитово.

Историја

[уреди | уреди извор]
Поглед на селската црква

Бориево е стара селска населба која потекнува од средниот век. На почетокот селото било мало, подигнато на брегот на Моноспитовското Блато, во месноста „Жабарник“. Старите жители на ова село на тој простор се занимавале со лов, риболов и сточарство. Поради мочурливото земјиште, земјоделството не било застапено. Според едно предание, претходниците на бориевчани ја напуштиле првобитната местоположба на селото, веднаш по Битката на Беласица во 1014 година, кога Самуиловата војска била победена од војската на византискиот цар Василиј II.

Причина за напуштањето на населбата во месноста „Жабарник“ била појавата на болест (веројатно маларија) од која најмногу умирале децата. Прв на ова место каде што денес е сместено Бориево се населил човек по име Борил. Подоцна околу неговата куќа се населиле и други семејства, па така се оформувала мала селска населба која во чест на првиот жител Борил, ја нарекле Борилово. Со името Борилово, селото се спомнува, сè до доаѓањето на Османлиите.[4]

Османлиите селото започнале да го нарекуваат Бориево. Легендата вели дека во селото имало изградено кула во која ги обучувале војниците, кои секое утро ги пробудувала војничката труба – „бурија“. Така, според оваа легенда, од овој збор произлегло и името Бориево.

Во текот на Горноџумајското востание кај селото се одвила битка против Османлиите.[5] Во битката врховистичката чета ранила еден таксилдар, а убила една жандар и падарот од селото. Во текот на престрелката загинал еден четник, а четата со себе по повлекувањето го повела машкото население. Поради пукањето во Бориево дошло до организирање на башибозлук од страна на Турците од селата Турново, Еднокуќево и Секирник. Башибозлукот набргу се нашол во Бориево, а таму дошла и една потера од 50 души од Банско. Селото било ограбено, а десетина селани биле претепани до смрт. На 18 ноември во Бориево дошла потера од 40-50 души од Ново Село под команда на Али Ефенди. Биле уапсени 16 селани и однесени во Ново Село каде што биле мачени за да предадат пушки.[5]

По крајот на Балканските војни, селото било вклучено во составот на Царство Бугарија. По крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС, заедно со Струмичкиот регион, додека по крајот на Втората светска војна, во рамките на СФРЈ.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото не е многу голем и зафаќа простор од 4,3 километри квадратни. На него доминира обработливото земјиште на површина од 426,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 14,2 хектари, а на шумите само 3,2 хектари.[3]

Во минатото во селото работела земјоделска задруга, а денес во него има продавници и угостителски објекти.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948439    
1953536+22.1%
1961681+27.1%
1971754+10.7%
1981793+5.2%
ГодинаНас.±%
1991853+7.6%
1994889+4.2%
2002926+4.2%
2021742−19.9%

Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година селото се состоело од 20 семејства и 65 жители Македонци.[6][7]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 275 жители Македонци.[6][8]

Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 352 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 64 македонски патријаршисти. Освен тоа, во селото работело и едно егзархиско училиште.[6][9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[10]

Бориево имало позитивен популациски биланс по Втората светска војна и поради тоа преминало од средно во големо село. Во 1961 година селото броело 681 жител, а во 1994 година бројот се зголемил на 889 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, селото Бориево броело 926 жители, од кои 925 Македонци и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 742 жители, од кои 654 Македонци, 1 останат и 87 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 275 352 439 536 681 754 793 853 889 926 742
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште во селото

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Бориево било село во Струмичката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Босилово, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Босилово.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Босилово во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Турново, во која покрај селото Бориево, се наоѓале и селата Иловица, Радово, Секирник, Турново и Штука. Во периодот 1950-1952 постоела Општина Моноспитово во која влегувале селата Бањско, Бориево и Моноспитово.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1823 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на културата.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 759 гласачи.[18] На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 768 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Поглед на главната селска црква
Цркви[20]
Реки[21]
  • Водочница — река низ селото, притока на Струмица; и
  • Бучо — мала река низ селото, притока на Струмица.

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Бориево

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Во селото постои спортско игралиште, на кое игра локалниот фудбалски клуб.

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 65-66. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 34. Посетено на 14 февруари 2026.
  4. КОЛЕТКТИВНАТА МЕМОРИЈА ЗАЧУВАНА ВО ТИПИЧНИТЕ ОБИЧАИ И ТРАДИЦИИ НА ОПШТИНА БОСИЛОВО
  5. 1 2 Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 225.
  6. 1 2 3 Како што е општопознато, Македонците во отоманскиот период од различни автори, но особено во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  7. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 188-189.
  8. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 февруари 2026.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2021-03-05. Посетено на 3 ноември 2020.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 20. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]