Богородица - композиција „Благовештение“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Оваа икона која заедно со иконата Архангел Гаврил, ја сочинува композицијата „Благовештение“, потекнува од 11 век, додека оковот помеѓу 1108 - 1120 година. Оковот е од позлатено сребро, сликана е со темпера на штица, а димензиите и се 111,5 x 67 cm. Првобитно и припаѓала на црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент) во Охрид. Денеска се наоѓа во Галеријата на икони, Охрид.

Состојба[уреди | уреди извор]

На неколку места по лицето на Богородица видливи се оштетувања на боениот слој на мали површини. Ист е случајот и со боениот слој на левата рака. Хитонот и мафорионот биле делумно пресликани. Еден од петте медалјони врз оковот на горниот дел од рамката недостига. На долниот дел од рамката, кој неспорно имал исто така пет медлјони, останал само еден, а од другиот е зачувана само една четвртина. Кон истиот долен дел е додадено парче оков од некоја друга икона, со орнаментика што се разликува од орнаментиката на иконскиот оков. Оригиналниот метален ореол, загубен или отстранет поради оштетување, подоцна е заменет со нов. Замената е извршена во XIX век.

Иконографија[уреди | уреди извор]

Во основата на сижето се наоѓа текстот на евангелистот Лука. (Види толкувања за иконата "Архангел Гаврил").

Потекло[уреди | уреди извор]

Кон кој црква или верска установа припаѓале овие икони, не е познато. Нивните димензии покажуваат дека се работи за поголем објект на чијшто иконостас тие би можеле да бидат поставени. Во XI век, во Охрид, таков објект била црквата Св. Софија, или архиепископската резиденција.

Фактот што низ вековите врз иконите не се наталожи подебел слој прав и саѓи наведува на помислата дека иконите биле поставени во голем објект или пак, што е уште поверојатно, во некоја од просториите на архиепископската резиденција, каде што не биле изложени на поголема концентрација на саѓи од свеќи и кандила. Зачувувањето на металните окови, исто така, зборува во прилог на претпоставката дека иконите можеби се наоѓале во архиепископското седиште, дотолку повеќе што е познато дека “Благовештение“ се појавува на еден мливдул од периодот на XIV век, на кој е испишано името на архиепископот Прва Јустинијана Григориј.

Конзервација[уреди | уреди извор]

Во конзерваторската постапка, изведена во лабораторијата на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата - Скопје, извршено е лесно чистење од саѓи и прав. Меѓутоа, не е симнат боениот слој од подоцна извршеното пресликување на хитонот и мафорионот на Богородица.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]