Боб Рос
| Боб Рос | |
|---|---|
Боб Рос слика | |
| Роден(а) | Роберт Норман Рос 29 октомври 1942 Дејтона Бич, Флорида, САД |
| Починал(а) | 4 јули 1995 (возр. 52) Орландо, Флорида, САД |
| Почивалиште | Спомен-парк Вудлон |
| Занимање |
|
| Сопружник |
|
| Деца | 2 |
| Потпис | |
| Страница bobross.com | |
Роберт „Боб“ Норман Рос (англиски: Robert "Bob" Norman Ross; Дејтона Бич, Флорида, 29 октомври 1942 — Орландо, Флорида, 4 јули 1995) — американски сликар, наставник по сликарство и телевизиски водител. Бил творец и водител на „Радоста на сликањето“, образовна телевизиска програма што се прикажувала од 1983 до 1994 г. на каналот PBS во САД, како и во Канада, Латинска Америка и Европа. Подоцна, Рос станал нашироко познат поради своето посмртно присуство на семрежјето.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Рани години
[уреди | уреди извор]Боб Рос е роден на 29 октомври 1942 г. во градот Дејтона Бич, Флорида, САД, во семејството на Џек и Оли Рос, кои работеле како столар и келнерка, соодветно. Своето детство го поминал во Орландо, Флорида. Во адолесцентна возраст, се грижел за разни повредени животни, како што се оклопници, змии, алигатори и верверички; една од верверичките подоцна се појавила во неколку епизоди од неговата телевизиска програма. Имал полубрат по име Џим, кого го спомнувал накратко во своите емисии. Рос го напуштил средното училиште по 9-то одделение. Додека работел како столар со татко му, изгубил дел од показалецот на левата рака, што, сепак, не го спречило да ја држи палетата додека сликал.
Боб се заинтересирал за сликање на 18-годишна возраст, додека служел во Американските воздухопловни сили. Посетувал многу курсеви на универзитети низ Америка и ја измислил сопствената сликарска техника „Bob Ross Wet-on-Wet Technique“.
Почнувајќи од 1981 г., Боб Рос посетил многу градови во Америка, каде што ги подучувал другите на својата сликарска техника. Во 1982 г. била прикажувана првата програма со Боб Рос. Вкупно, тој издал повеќе од 450 програми, со вкупно 93,5 милиони примероци, и се појавил на телевизија во 403 емисии. Неговите програми се познати во Јапонија, Мексико, Јужна Кореја, Велика Британија, Германија, Белгија, Австрија, Русија, Канада и други земји.
Смрт
[уреди | уреди извор]Рос, кој пушел цигари поголем дел од својот возрасен живот, се соочувал со неколку здравствени проблеми и очекувал дека ќе почине предвреме. Починал на 52-годишна возраст, на 4 јули 1995 г. во Орландо, Флорида, поради усложнувања поврзани со лимфом. Неговиот пепел е погребан во Спомен-паркот Вудлон во Гот, Флорида, под спомен-плоча со натпис: „Боб Рос; телевизиски сликар“. Рос ја чувал својата дијагноза во тајност од пошироката јавност, и неговиот лимфом не бил познат надвор од неговиот круг на семејството и пријателите до неговата смрт. Во мигот на неговата смрт, тој подготвил седум слики за потенцијалната 32-ра сезона од својата програма „Радоста на сликањето“.
Според условите за основање на Bob Ross Inc., смртта на кој било партнер на компанијата повлекува рамномерна поделба на акциите меѓу преостанатите партнери. Смртта на Рос и неговата втора сопруга ги оставила Ковалски како единствени сопственици на фирмата, кои, според гласовите, се обиделе да го убедат Рос да им ги пренесе правата на своето наследство. Меѓутоа, Рос ги исклучил Ковалски од завештанието, оставајќи им ги своите средства на синот Стив и на полубратот Џими Кокс. На крајот, Ковалски го добиле судскиот спор.
Откако Ковалски се пензионирале, нивната ќерка Џоан почнала да раководи со компанијата, активно развивајќи ја марката Рос од 2010-тите. Таа исто така се договорила со Стив Рос и Џими Кокс за правото да го користат името и ликот на Боб, што му овозможило на Стив да ја продолжи својата кариера како сликар.
Личен живот
[уреди | уреди извор]Рос бил женет трипати и имал две деца: едно дете од врска што ја имал во адолесцентна возраст, и синот Роберт Стивен „Стив“ Рос од неговата прва сопруга Вивијан Риџ. Стив, исто така надарен сликар, периодично се појавувал во програмата „Радоста на сликањето“ и станал сертифициран инструктор на Рос. Бракот на Рос и Риџ завршил со развод во 1977 г., наводно поради неверство на Рос. Рос и неговата втора сопруга Џејн немале заеднички деца, а во 1992 г. Џејн починала од рак. Во 1995 г., два месеци пред неговата смрт, Рос се оженил по третпат, со Линда Браун.
Рос бил многу повлечен во однос на својот живот и многу ја претпочитал приватноста. Некои од малкуте интервјуа со неговиот близок круг на пријатели и семејството можат да се најдат во документарецот на PBS од 2011 г., „Боб Рос: Среќниот сликар“. Други разговори биле уништени како дел од правниот спор меѓу семејството на Рос и компанијата Bob Ross Inc. Компанијата Bob Ross Inc. до ден-денес управува со неговата интелектуална сопственост.
Сликарска техника
[уреди | уреди извор]Рос ја користел техниката на маслено сликарство „мокро на мокро“ (или „ала прима“) — сликање врз тенок основен слој на уште неисушена маслена боја. Сликата можела да се работи без претходно сушење. Во оваа техника се користел ограничен комплет на алатки и бои, што не барало големи инвестиции во скапа опрема. За чистење на четките, Рос често препорачувал да се користи разредувач за боја (минерален алкохол без мирис). Комбинацијата на методот „мокро на мокро“ со употреба на големи четки од еден и два инчи, како и сликарски ножеви, му овозможувало на уметникот брзо да заврши пејзажна сцена.
Главна тема на сликите на Боб Рос во оваа техника била природата. Во 2014 г., блогот FiveThirtyEight анализирал 381 епизода во кои Рос сликал во живо и дошол до заклучок дека 91 % од сликите на Рос содржеле барем едно дрво, 44 % облаци, 39 % планини и 34 % планински езера. Според сопствените проценки, Рос создал повеќе од триесет илјади слики. Во неговите дела ретко можело да се сретнат луѓе или знаци на човечки живот. Во ретки случаи, сликал колиба, понекогаш со оџак, но без чад и, можеби, празна.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Bob Ross Was an Internet Celebrity Before the Internet | Motherboard“. web.archive.org. 2016-02-24. Архивирано од изворникот на 2016-02-24. Посетено на 2021-08-28.CS1-одржување: неподобна URL (link)
- ↑ Buchanan, Larry (2019-07-12). „Where Are All the Bob Ross Paintings? We Found Them“. The New York Times. Архивирано од изворникот на 2021-08-26. Посетено на 2021-08-28.