Прејди на содржината

Благој Васков

Од Википедија — слободната енциклопедија
Благој Васков
Роден(а)Благој Панчев Васков
4 февруари 1912
Велес, Скопски Вилает, Отоманско Царство
Починал(а)22 септември 1983 (возр. 71)
Скопје, Социјалистичка Република Македонија
УстановаЗагрепски универзитет
Родител(и)Панче Васков (татко)

Благој Панчев Васков (Велес, 4 февруари 1912 — Скопје, 22 септември 1983) — македонски ветеринар и редовен професор во Земјоделскиот факултет. Учествувал во основањето на Институтот за сточарство. Објавил над 75 труда и дела за ветеринарството. Учесник во Народноослободителната борба.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Благој Васков е роден на 4 февруари 1912 година во градот Велес, тогаш дел од Отоманското Царство. Произлегува од велешкото револуционерно семејство Васкови. Неговиот татко Панче Васков бил деец на националното движење и член на Македонската револуционерна организација. Чичко му Петар Васков бил ликвидиран од турски аскери кај село Лаџаќој. Неговиот помлад чичко Јордан Васков бил мајор во војската на Царството Бугарија. Додека неговиот најстар чичко Иван Васков бил просветителен деец во Солунската машка гимназија и борец во Македонско-одринските доброволни чети.

Благој Васков стекнал основно образование во неговиот роден град. Планирал да продолжи со више образование но почнала Априлската војна и Македонија паднала под Бугарска фашистичка окупација. Благој Васков се приклучил во Комунистичката партија на Југославија и учествувал во Народноослободителната борба. Во 1943 година се приклучил во Комунистичката партија на Македонија и бил назначен за раководител во Третата оперативна зона на партијата.[1] По ослободувачката борба на Велес, Васков бил дел од првиот состав на Велешкиот народноослободителен одбор. Дончо Мирчев бил претседател/градоначалник а Благој Васков негов заменик.

По Втората светска војна, Благој Васков се запишал во Загрепскиот универзитет каде дипломирал по ветеринарство. На 12 август 1945 година било основано Македонското лекарско друштво. Васков не бил дел од првиот состав но се приклучил во истата година.[2] Во 1947 година, Благој Васков бил назначен за заменик-министер за земјоделство и шумарство.[3] Истата година учествувал во основањето на Земјоделскиот факултет каде почнал да работи.[4] Благој Васков бил редовен професор и три пати декан.[3] Работел истовремено во Институтот за сточарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.[5]

Автор е на училишни учебници по анатомија и биохемија. Од 1949 година до 1973 година објавил над 75 трудови и дела за ветеринарство, сточарство, анатомија, исхрана и друго. Истовремено функционирал како инспектор за квалитетот на храна.[6] Починал на 22 септември 1983 година во градот Скопје.[3]

  1. ↑ Извештај на Вера Ацева, секретар на Третиот областен комитет на КПМ до Централниот комитет на КПМ (30 април 1943) — с. Куманичево, Витачево
  2. ↑ Топузовска, Габриела (2015). „Формирање на медицинскиот факултет во Скопје и неговите почетоци“ (PDF). Историја. L: 366.
  3. 1 2 3 Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 247. ISBN 978-608-203-023-4.
  4. ↑ Сотировски, Кирил (2017). 70 години Шумарски факултет во Скопје (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 14. ISBN 978-9989-132-20-9.[мртва врска]
  5. ↑ Настова, Родне (2017). Монографија, 65 години јубилеј 1952-2017 на Институтот за сточарство (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 20. ISBN 978-9989-9688-4-6.
  6. ↑ Палешевски, Боне (2002). 50 години јубилејна на Институтот за сточарство (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 35, 44, 63–75.