Прејди на содржината

Благоја Дончев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Благоја Дончев

Благоја Дончев (21 јануари 1951 во Вељуса23 октомври 2021 во Скопје) — македонски градежен инженер и стопанственик.

Бил долгогодишен претседател на Управниот одбор и генерален директор на Адинг АД Скопје.

Дипломирал на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Професионалниот пат го започнал во 1980 година, минувајќи низ сите скалила на компанијата Адинг. Најпрво работел како инженер во лабораторијата, потоа на неколку одговорни раководни позиции, а од 1990 година е избран за директор за техничка примена и инженеринг работи со комерција, односно до 2006 година паралелно ги извршувал и заменичките функции во Управниот одбор на компанијата.

Во 2006 година станал претседател на Управниот одбор и генерален директор на Адинг АД Скопје. Оваа функција ја извршувал 15 години во континуитет, а новиот мандат го започнал во јули 2021 година.

Добитник е на низа награди и признанија за општествено одговорни практики, но и од областите на бизнисот и менаџментот во земјава и странство. Негово последно позначајно признание е добиената награда „Креатори на столетието“[1] во 2019 година на Средна и Југоисточна Европа за животно дело во развојот на претприемништвото во Македонија.

Во 2004 година бил главен иницијатор за создавање на списанието за градежништво, архитектура и екологија „Порта 3“.[2]

Благоја Дончев зел активно учество и давал постојана поддршка на Стопанската комора на Македонија, како и на поновите мешовити комори како македонско-руската, македонско-бугарската и слични коморски здруженија.

Благоја Дончев починал на 70-годишна возраст, оставајќи зад себе семејство со сопруга, две ќерки и нивните фамилии.

  1. „Стопанска комора на Северна Македонија“. www.mchamber.mk (англиски). Посетено на 2025-11-28.
  2. „ИН МЕМОРИАМ: Благоја Дончев – визионер и мечтател“. Порта3. Посетено на 28 ноември 2025.