Прејди на содржината

Битолски Санџак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Битолски Санџак
Manastir Sancağı
Санџак на Отоманското Царство
1465–1912
Знаме Грб
Знаме Грб
Местоположба на Битолски Санџак
Местоположба на Битолски Санџак
Битолскиот Санџак на крајот на 19 век
Главен град/седиште Битола
Историја
 - Основана 1465
 - Укината 1912
Население
 - 1900[1] 384,127 жит.
Денес во Македонија, Грција

Битолски Санџак (турски: Manastir Sancağı) – санџак во Румелискиот Пашалак (1465–1867) и потоа во Битолскиот Вилает (1874–1912). Административното седиште било во Битола.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Стопанството во Битолскиот Санџак во периодот од 1878 до 1912 година било речиси целосно доминирано од земјоделството, кое претставувало основна економска гранка и општествена база на Османлиската империја. Целокупното османлиско општество во текот на XIX век минувало низ мноштво реформи, односно низ еден изнуден процес на модернизација.

Во тој контекст, со донесувањето на Рамазанскиот закон од 1858 година официјално бил укинат тимаро-спахискиот систем и бил воведен чифлигарскиот систем. Чифличките стопанства главно се создавале со трансформација на старите феудални поседи во чифлизи, по пат на купопродажба, насилство и узурпација. Една од новостите што ги донело чифлигарството биле различните облици на ползување на земјата и организацијата на човечкиот потенцијал за обработка на земјоделското земјиште. Новите аграрноправни облици што биле воведени биле исполицата, ќесимот и музареата. Со договорот за исполица чифликсајбијата се обврзувал на одредено или неодредено време на чифлигарот-исполџија да му даде за обработување дел од чифликот заедно со соодветните стопански згради за живеење. Исполџијата бил обврзан да ги обработи добиените земји, приносот да го подели со чифликсајбијата и по престанокот на договорот да му ја врати земјата и зградите во онаква состојба во каква ги добил. Со договорот за ќесим чифликсајбијата се обврзувал да му даде под закуп дел од чифликот, а ќесимџијата се обврзувал да го плати договорениот ќесим и по истекот на договорот да ја врати земјата. Музареата претставувала вид на ортаклама во која едната страна ја давала работната сила, а другата земјата; овој облик бил регулиран со Меџелето од 1860 година, а производите најчесто се делеле подеднакво меѓу учесниците. Најниско на општествената скала се наоѓале момоците, организирани во тајфи, кои склучувале договор со сопственикот за обработка на земјата. Тие не поседувале никаков имот и преживувале единствено нудејќи го својот труд. Покрај паричниот надоместок, момокот добивал и мала обработлива површина (момочки параспур) што смеел да ја обработува за свои потреби во слободното време. Договорениот „ак“ обично се состоел од 80–100 килограми жито, 100–120 гроша во пари и одредена количина други намирници.

Околу осумдесет проценти од населението живеело во селата, организирани во задруги на чие чело стоел најстариот или најспособниот член задолжен за распределба на обврските и управување со финансиите. На територијата на санџакот постоеле вкупно седумстотини и осум села. Според податоците на Васил К’нчов, Битолската Каза опфаќала двесте шеесет и шест села распоредени во четири нахии, Прилепската Каза сто четириесет и едно село заедно со мариовската нахија, Кичевската каза сто и осумнаесет села, Охридската Каза сто и пет села, а Леринската Каза седумдесет и осум села. Санџакот се протегал преку плодните котлини Пелагонија и Преспа, како и делумно преку Кичевската котлина. Почвата, иако речиси воопшто не се ѓубрела, давала задоволителни приноси на пченица, зеленчук и разни видови овошје. Обработката на земјата се вршела исклучително со рачен труд и влечна сила на говеда, магариња, коњи и биволи. Најраспространета алатка бил дрвениот плуг, поради неговата лесна конструкција и поради слабоста на влечните животни кои тешко можеле да влечат потешки железни плугови. Железниот плуг се појавил за првпат во Прилеп во 1883 година кај земјопоседниците Мојсо Илиев и Диме Коров.

И покрај природната плодност, селанството живеело на работ на егзистенција. Главните причини за тоа биле концентрацијата на земјата во рацете на големите земјопоседници, техничката заостанатост, честите отсуства од работа поради бројните религиозни празници, суеверија и обичаи, како и тешките даночни обврски што ја одземале речиси целата годишна продукција. Земјоделската дејност останала крајно инертна и речиси непроменета иако санџакот бил простор каде што се судирале западните влијанија со традиционалниот ориентален начин на производство. Оваа стагнација, во услови на социјални и политички превирања, ја претворила селската маса во фактор на нестабилност што придонел за општата економска и политичка криза на империјата во нејзините последни децении.

Образование

[уреди | уреди извор]

Образованието во селата на Битолскиот Санџак во периодот 1878–1912 година претставувало едно од најсложените и најполитизираните прашања во османлиска Македонија. За разлика од градските средини, каде постоела релативно развиена мрежа на државни училишта, селските населби биле значително запоставени од османлиската власт. Според законските одредби, секој милет имал право да организира сопствено образование, што соседните балкански држави вешто го искористиле за ширење на своите национални пропаганди преку училишниот систем.

Првите световни училишта во селата од Битолскиот Санџак се појавуваат во втората половина на XIX век. Најраните примери се регистрирани во Тополчани (1864), Крушево (1865), манастирите во Лисолај и Топлица (1867), како и во Смилево, Селце и Бешево (1868). Наставата во овие училишта се изведувала на народен словенски јазик. Според податоците на Бобчев, околу 1873 година во Македонија постоеле приближно 117–120 училишта со околу 10.000–12.000 ученици, што укажува на постепено ширење на образовната мрежа.

Грчки (патријаршиски) училишта

[уреди | уреди извор]
Грчката машка гимназија во Битола

Грчката (патријаршиска) просветна пропаганда била најстара на овие простори. Првите грчки училишта биле отворени во Трново (1844) и Магарево (1847). Иако грчкиот јазик долго време доминирал во црковните ќелијни училишта, неговата употреба во световните училишта се соочувала со значителни пречки, бидејќи бил неразбирлив за најголемиот дел од селското население. По создавањето на Бугарската егзархија, грчката мрежа останала присутна, но нејзиниот обем и влијание значително се намалиле. Различните статистики од крајот на XIX и почетокот на XX век (Скрјабин, К’нчов, Бранкоф, грчката статистика од 1905) даваат многу противречни бројки – од неколку десетици до над двесте училишта – што сведочи за силниот политички карактер на податоците.

Католичко училиште

[уреди | уреди извор]

Во Битола унијатско – католичко училиште се отворило во 1859 година. Го отворила католичката заедница во овој град. Училиштето се наоѓало во центарот на градот, на најубавата улица. Тоа било солидно уредено, имало широка и убава бавча, во која учениците шетале навечер. Наставата била бесплатна и се изведувала на мајчиниот јазик. Учениците добивале бесплатна храна и облека. Со училиштето раководеле католичкиот свештеник Павек и еден Полјак, а во него предавале и други католички свештеници и калуѓери, извесно време и Васил Манчев од Свиштов. Во него учеле од 100 – 200 ученици и ученички од Битола, околните села и селата од Тиквешко. Ова училиште го споменуваат и англиските патописци Макензи и Ирби кои ја посетиле Битола во 1863 година, а подоцна во 1866 година и Рајко Жинзифов.

Бугарски (егзархиски) училишта

[уреди | уреди извор]
Бугарско првоначално (основно) мешано училиште „Миладиновци“ во село Цер, 8 август 1912 година.

Бугарската (егзархиска) пропаганда доживува силен подем по 1870-тите години. Таа ја искористила непријателската атмосфера кон грчкиот јазик и добила значителна финансиска поддршка од бугарската држава. Во 1881 година биле издвоени 100.000 лева, во 1885 година над половина милион, а во 1890 година дури 5 милиони лева за Македонија и Одринско. Според официјалната статистика на Бранкоф од 1905 година, во Битолскиот Санџак постоеле 154 егзархиски училишта. Грчката статистика за истата година наведува значително повисока бројка (187), што повторно ја истакнува недоверливоста на изворите.

Српски училишта

[уреди | уреди извор]

Српската просветна пропаганда била најслаба од сите. До почетокот на XX век нејзиното присуство во селските средини на Битолскиот Санџак останало ограничено. Во 1903 година во охридско-дримколскиот крај се споменуваат пет училишта, а во 1905 година различните извори наведуваат меѓу 15 и 32 српски училишта. Самите српски власти биле свесни за слабиот успех надвор од градските центри.

Романски училишта

[уреди | уреди извор]

Романската (влашка) пропаганда се развивала паралелно со грчката, особено во населбите со влашко население. Првото романско училиште било отворено во Трново во 1864 година од Димитар Атанасеску. Во некои села, како Маловиште, истовремено постоеле повеќе училишта од различна провениенција, што доведувало до директна конкуренција. Според грчката статистика од 1905 година, во Битолскиот Санџак имало 25 романски училишта.

Во целина, статистичките податоци за бројот и територијалната распределба на училиштата се крајно противречни и силно политизирани. Тие можат да послужат само за исцртување на општата слика. Училиштата биле најприсутни во последните три децении од постоењето на Османлиската Империја, но нивната организација останала слаба. Основната цел на повеќето училишта – без разлика дали биле државни или пропагандни – не била културното и образовното издигнување на населението, туку создавање на национална припадност и подготовка за идни територијални претензии. Како резултат на тоа, најголемиот дел од селското население долго време останал во состојба на ниска писменост и ограничено знаење.

Подединици

[уреди | уреди извор]

Во 1880 година Битолскиот Санџак ги опфаќал следните подединици наречени кази:[2]

И следните мудурлуци:

Подединиците, кази, на Битолскиот Санџак ги опфаќале (пред 1908):[3]

Демографија

[уреди | уреди извор]

Според рускиот конзул во Битолскиот Вилает, Александар Ростковски, вкупното население во 1897 година во санџакот изнесувало 308.996 жители, при што Ростковски населението го поделил во следните групи:[4]

  • Словени-егзархисти: 151.863
  • Словени-патријаршисти: 51.749
  • Словени-муслимани: 8.251
  • Албанци-муслимани: 45.259
  • Албанци-христијани: 723
  • Власи (Ароманци): 22.681
  • Турци, Отоманци: 24.923
  • Евреи: 4.270
Панаѓур пред црквата „Св. Недела“ во Битола снимен од браќата Манаки, помеѓу 1905-1912

Според отоманскиот попис од 1906/07 година, вилаетот имал вкупно население од 824.828 луѓе, етнички составено како:[5]

  1. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика. София: Държавна печатница, 1900.
  2. Vakalopoulos, Kostandinos A. Modern History of Macedonia (1830-1912), Thessaloniki, 1988, p. 75
  3. „Ottoman Provinces before 1908“ (PDF). Наводот journal бара |journal= (help)
  4. „Jedna statistika iz srednje Maćedonije“. Nova Iskra (15–16): 251. 26 July 1899.
  5. Kemal Karpat (1985), Ottoman Population, 1830-1914, Demographic and Social Characteristics, The University of Wisconsin Press, p. 168-169