Битка кај Плиска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Битка кај Плиска
Дел од Византиско-бугарски војни
The Great Basilica Klearchos 2.jpg
Плиска
Датум 26 јули 811
Место Плиска
Исход бугарска победа
Завојувани страни
Бугарија Византија
Команданти и водачи
Крум Никифор I 
Сила
62,000[1] (uncertain) 60,000–80,000 (estimated)[2][3]
Жртви и загуби
непознато целата армија, вклучувајќи го императорот

Битката кај Плиска се одвила на 26 јули 811 година во близина на Плиска, денешна Бугарија, помеѓу силите на Византиската империја и силите на Бугарија. Битката е дел од Византиско-бугарските војни, а завршила со победа на Бугарите и убиство на византискиот император Никифор I.

Позадина[уреди | уреди извор]

Во периодот 808-809 година хан Крум го поддржал бунтот на Бугарите во долината на реката Струма, приклучувајќи им ги земјите кон својата држава. Во 809 година бугарските војски предводени од хан Крум, ја зазеле византиската тврдина Сердика. Одговорот на византискиот император не задоцнил кога во почетокот на 811 година Никифор I организирал воен поход кон Плиска, главниот град на бугарските ханови.

Кан Крум презел дипломатски мерки за мир, но Никифор го отфрлил неговиот преедлог "поради сопствените злонамери и поради едномислието на своите советници"[4]. Императорот лично ги повел тагмите по Стара Планина[5] и на бугарска територија влегол на 20 јули 811 година. Во наредните три дена, Никифор пристигнал пред портите на бугарската престолнина Плиска и започнал со нејзина опсада.

Византиската воена кампања се одликувала со невидени злосторства над локалното население, кое било подложено на колење без разлика на пол и возраст. Крум повторно се обратил кон него со следниве зборови: "Ете, ти победи. И затоа, земи, што ти е потребно, и оди си со мир". На тој начин Крум сакал да ја заштити земјата од понатамошни злосторства и разрушување. Но, византискиот император опседнат од успесите, не сакал да слушне за мир.

Подготовка[уреди | уреди извор]

Откако византискиот император ја ограбил и уништил резиденцијата на Крум, заминал кон Константинопол како победник. Додека византискиот император бил зафатен со целосната пропаст и уништување на Плиска, Крум ги мобилизирал сите расположливи сили и се подготвил за одмазда. Тој бил разгневен, како од одбивањето на царот да склучи мир, така и од невидените злосторства, грабежи и самоволие од византиските сили. Бугарите ги опколиле влезовите и излезите на планинските премини со дрвени бедеми и направиле заседи во тесните грла.

Кога Никифор научил дека патот за повлекување е отсечен започнал очајнички да зборува: „Дури и да бевме крилести, никој да не се надева дека ќе побегне од пропаста.“ Крум ја собрал војската и во текот на ноќта спроти сабота, 26 јули 811, ги нападнал византиските војници.

Битка[уреди | уреди извор]

Во теснините на Врбишкиот превој се случило страшно колење. Рано наутро, Бугарите се нафрлиле врз шаторот на Никифор, каде што тој бил убиен. Во нападот освен императорот загинале многу истакнати големци и војводи, како патрициј Теодосиј Саливара, стратегот на источните војски патрициј Роман и стратегот на Тракија. Многу офицери и безброј многу војници загинале во планинските теснини. Летописецот Теофан забележил: "Целата христијанска убавина загина!". Ставракиј, синот на Никифор, тешко ранет во грбот, успеал да избега жив и во големи страдања пристигнал во Адријанопол (Едрене). По неколку недели починал во Константинопол.

Поразот на император Никифор во Врбишкиот превој на 26 јули 811 година ја избавило Бугарија од страшна опасност. Бугарите успеале да ја зацврстат својата територија на запад, заедно со Сердика и се обезбедиле од идни напади од страна на Византија.

Последици[уреди | уреди извор]

Бугарскиот хан се прославил како победник над византискиот император. Битката претставувала спектакуларна воена и политичка победа, бидејќи Никифор I бил вториот византиски император, по Валенс 400 години порано, во целата десетвековна византиска историја, еден император да биде убиен во битка. Последниот император Константин XI исто така загинал од непријателското оружје, но тоа се случило при падот на главниот град Константинопол во 1453 година, кога судбината на некогашната империја веќе била решена.

Според летописот, кога била отсечена главата на Никифор, Крум го исчистил неговиот череп и со гордост наздравувал со него кога пиел со неговите советници.

Поразот на Византија во битката кај Плиска имало големи последици. Угледот на византискиот император бил намален а за имеријата следувале тешки години. По славната победа на Крум, Бугарската империја започнала да има голема улога во југоисточниот дел на Европа.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Scriptor Incertus, p.148-149
  2. Ivanov, Ivo (јуни 2007 г). The Address of a Victory. „Bulgarian Soldier“ том  6: Online Edition (in Bulgarian). http://bgsoldier.eamci.bg/Scripts/isapiVWB.dll/theme?THEMEID=87232. 
  3. Military history of Bulgaria
  4. Цитат на хронистот Теофан.
  5. Еден од ретките такви случаи, според бугарскиот византолог Мутафчиев, 1935 г.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Theophanes the Confessor, Chronicle, Ed. Carl de Boor, Leipzig.
  • John Skylitzes, Synopsis Historion, translated by Paul Stephenson.
  • Nikephoros Patriarch of Constantinople, Short History, C. Mango, ed., Dumbarton Oaks Texts 10, 1990.
  • Васил Н. Златарски, История на българската държава през средните векове, Част I, II изд., Наука и изкуство, София 1970.