Битка кај Алинци (Прва балканска војна)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Битката кај Алинци била битка помеѓу српската и отоманската војска во Првата балканска војна. Во неа учествувале и Македонци како дел од српските воени единици.

Според директивата на српската Врховна команда од 31 октомври, Дринската и Моравската дивизија од првиот повик по навлегувањето во Прилеп требало да чекаат нова наредба. Поради тоа, Дринската и Моравската дивизија на 5/6 ноември се распоредиле во реонот на Пештерица, а коњаничката дивизија самоиницијативно влегла во Прилеп. На 6 октомври месното население ја известило командата на Коњаничката дивизија дека во реонот на Галичани се забележани турски претстражни делови. Командата на 1. армија му наредила на 4. коњанички полк да го извиди правецот кон Алинци.

Таа наредба не била извршена. Командата повторно и наредила на Дринската дивизија да формира еден одред и заедно со Коњаничката дивизија да изврши извидување на правецот кон Битола. Командантите на Дринската и на Моравската дивизија наместо да постапат по наредбата, тие ги довеле дивизиите од реонот на Пештерица до близината на Прилеп и овде долго се договарале која дивизија прва да влезе и да ја започне свеченоста на влегувањето во Прилеп. На 6 ноември во 8.30 часот започнало дефилето, а околу 10.00 часот една турска артилериска батерија од 13. Низамска дивизија отворила оган врз еден ескадрон од Коњаничката дивизија, кој штотуку излегол од Прилеп за да го извиди правецот кон Битола.

Српската војска веднаш излегла од Прилеп и ги распоредила единиците: Моравската дивизија лево од патот во реонот на селото Коњари а Дринската десно, во реонот на село Волково и село Лагово. Од тие позиции српската војска го започнала настапувањето кон Штавичка река, која се протегала паралелно со позициите кај Алинци. На линијата Кадино Село-Галичани-Беровци-Рувци, српските сили биле изложени на силен артилериски оган и претрпеле големи загуби. Во тоа време српската артилерија успеала да запоседне соодветни позиции и да ја неутрализира турската артилерија.

Користејќи го огнот на артилеријата, нападот го започнала и пешадијата настапувајќи кон Омет и Кобел. Турската артилерија започнала да се повлекува што влијаело негативно кај пешадијата. Околу 15.00 часот, 6. пешадиски полк во чиј состав имало и Македонци, извршил јуриш и се пробил во првите одбранбени редови на турските позиции. Потоа јуриш извршиле и другите пешадиски единици а турските сили почнале да се повлекуваат преку Црна Река кон Битола. Околу 16.30 часот се повлекле и силите од позициите кај Цуцулин и Алинци и со тоа борбите кај Алинци биле завршени.

Во некои извори оваа борба се нарекува бојот кај Бакарно Гумно, бојот кај Алинци или Алинска битка. Во борбите кај Алинци српските загуби изнесувале 1.378 луѓе, а само 6. полк загубил 28 офицери и 1.000 војници. Турските загуби изнесувале 500 луѓе. Големата загуба кај српската војска е последица на недисциплината, слабото извидување, погрешното известување, непотребната парада во Прилеп и поради други слабости во српското командување.[1]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Референци[уреди | уреди извор]

  1. Милутин Лазаревиќ, Српско-турски рат 1912 године, к. III, Београд, 1931.