Битие (библиска книга)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Битие (Библија))

„Битие“ или „Прва книга Мојсеева“ — првата книга на Стариот завет од Библијата.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата започнува со описот на создавањето на светот: најпрвин, Бог ги создава светлината (денот) и темнината (ноќта), а потоа и небото, земјата, морињата, растенијата, небесните тела, животните и најпосле, човекот. Сето тоа, Бог го завршува во текот на шест дена, а седмиот ден го благословува како ден за одмор. Бог го создава човекот од прав и го населува во Едемската градина, а потоа го заспива и од реброто ја создава жената. Господ им забранува на луѓето да јадат од плодовите на дрвото на познавањето на доброто и на злото, но по наговор на змијата, тие каснуваат од плодот. Господ ја проколнува змијата, жената ја осодува на породилни маки, а човекот го осудува на мачен живот исполнет со работа. Тогаш, првиот човек Адам ја нарекува својата жена Ева. Господ, пак, ги брка Адам и Ева од рајот и поставува херувим да го чува неговиот влез. Адам и Ева ги добиваат синовите Каин и Авел, а Каин го убива својот брат поради што е проколнет од Бога. Подоцна, на Адам и Ева им се раѓа синот Сит и така се множат нивните потомци кои се одликуваат со долговечен живот.[1]

Господ гледа дека луѓето се лоши и се кае што ги создал, па одлучува да го истреби целиот жив свет на земјата. Меѓутоа, тој се сожалува на праведниот Ное и нему му ја кажува својата намера, советувајќи го да направи голем ковчег за да го засолни своето семејство, но му наредува да земе примероци од секој животински вид. Потоа, непрекинато врне во текот на 40 дена и целата земја е потопена, па умираат сите живи суштества. Ковчегот на Ное запира на планината Арарат, а водата постепено се повлекува. Ное му принесува жртва на Бога, кој најпосле се смилува и му дава завет на Ное дека повеќе нема да ги уништува луѓето, а како знак на својот завет го определува виножитото. Подоцна, од потомците на тројцата синови на Ное се разгрануваат бројни народи ширум земјата.[2]

Сите луѓе на земјата зборуваат на ист јазик и сложно го градат градот Вавилон и во него, кула до небото. За да ги спречи во намерата, Господ им ги меша јазиците и луѓето повеќе не можат да се разберат, па ја запираат градбата и се растураат низ целата земја. Во тоа време живее еден од потомците на Сим, синот на Ное, кој се вика Аврам и кој е оженет со Сара, но тие немаат пород. По налог на Бога, Аврам, Сара и нивниот внук Лот се населуваат во земјата Хананска, а оттаму заминуваат во Египет, каде Сара му се допаѓа на фараонот и тој ја зема во својот двор, но Господ го казнува и фараонот е принуден да го пушти Арвам да си оди во својата земја. Аврам и Лот се многу богати и се разделуваат на разни страни, а Господ му ја ветува земјата на Аврам и на неговото потомство. Подоцна, за време на една војна меѓу царевите е заробен Лот, а Аврам дознава за тоа и го ослободува. Бидејќи Сара е неплодна, Аврам добива син со слугинката кого го нарекува Исмаил. Господ му се јавува на Аврам, ветувајќи му син и бројно потомство, тој ќе биде татко на сите народи. Тогаш, Аврам станува Авраам. Истовремено, по налог на Бога, Авраам, Исмаил и сите други мажи се обрежуваат.[3]

Во друга прилика, Господ повторно му се јавува на Авраам и му ја кажува намерата да ги уништи градовите Содом и Гомор чии жители се многу грешни. Два ангела одат во Содом, каде им дава гостопримство праведниот човек Лот, поради што го напаѓаат жителите на градот. Тогаш, ангелите ги ослепуваат напаѓачите, Лот и неговото семејство ги носта надвор од градот, а потоа Господ ги уништува Содом и Гомор. Меѓутоа, кога Лотовата жена се врти за да ја погледне глетката на уништувањето, Господ ја скаменува. Потоа, двете Лотови ќерки го опијануваат татко си и забременуваат со него.[4]

На стогодишна возраст, Авраам го добива синот Исак. По наговор на Сара, тој ја брка слугинката со неговиот син Исмаил, но за нив се грижи Бог. Во една прилика, Бог бара од Авраам да му го принесе Исак како жртва. Авраам го носи синот на едно место и кога се подготвува да го заколи, Господ во последен миг го спречува во намерата. По некое време умира Сара и Авраам ја погребува во една пештера. Потоа, тој го испраќа слугата во Месопотамија за да му најде жена на Исак, кој така се жени со Ревека. Авраам, пак, се преженува и умира во длабока старост, а го погребуваат заедно со жена му Сара. Исто така, и Исмаил доживува длабока старост и умира. Ревека ги раѓа синовите Исав и Јаков при што Исав му е миленик на Исак, додека Ревека е наклонета кон Јаков. Исак станува многу богат, а Господ му го потврдува заветот даден на Авраам. Во една прилика, Исав му го продава својот прв син на Јаков, а подоцна, служејќи се со измама, Јаков му се претставува на слепиот Исак како Исав и така го добива неговиот благослов да биде господар на имотот, поради што Исав се заканува дека ќе го убие. Исак го испраќа синот Јаков во Месопотамија за да си најде жена. Патем, тој заспива и сонува скали до небото по кои се искачуваат ангелите и тогаш него го благословува Господ. Јаков оди кај вујко му (братот на Ревека), каде му се допаѓа неговата ќерка Рахил. За да се ожени со неа, тој мора да служи седум години. Ноќта, по свадбата, вујко му ја испраќа постарата ќерка Лија во собата на Јаков, а тој е принуден да служи уште седум години за да ја добие Рахил. Така, Јаков се стекнува со две жени, кои му раѓаат многу деца, а истовремено, тој успева многу да се збогати.[5]

По дваесетгодишна служба кај вујко му, Јаков ненадејно си заминува дома. Патем, тој дознава дека брат му Исав го чека со придружба од 400 луѓе. Сакајќи да го одоброволи брата си, Јаков му подарува многу добиток. Тогаш, Јаков здогледува војска божја, а потоа се бори со Бога, кој му го исчашува колкот на Јаков, а по борбата му го дава името Израил. Најпосле, Јаков и Исав се среќаваат и се помируваат. Потоа, Јаков се населува во еден град, а синот на кнезот се вљубува во ќерката на Јаков, Дина, и спие со неа. Воден од љубовта кон неа, момчето и кнезот се согласуваат на условите што ги поставува Јаков, но браќата на Дина во знак на одмазда ги убиваат сите мажи во градот. По некое време, умира жената на Јаков, Рахил, а потоа и татко му Исак (на возраст од 180 години). Исав, кој исто така поседува големо богатство, се иселува од земјата Хананска со своето многубројно потомство кое дава владетели на многу градови.[6]

Омилениот син на Јаков е Јосиф поради што му завидуваат браќата. Еден ден, тие го фрлаат во една јама, а потоа го продаваат на трговците, а на Јаков му кажуваат дека Јосиф бил раскинат од ѕверовите. Трговците го носат Јосиф во Египет, каде го продаваат на еден дворјанин на фараонот. Меѓутоа, Господ го зема Јосиф под своја заштита и набргу господарот му го предава на Јосиф целиот свој имот на управување, зашто Јосиф се покажува како многу способен човек. Меѓутоа, жената на господарот упорно му се додворува на Јосиф, а откако тој ја одбива, жената го наклеветува кај својот сопруг и Јосиф завршува в затвор. Таму, тој им ги толкува соновите на двајца дворјани на фараонот и тие навистина се остваруваат: едниот се враќа во служба кај фараонот, додека другиот е обесен. Две години подоцна, фараонот сонува два сона и го повикува Јосиф да ги протолкува, а тој му кажува дека земјата ја очекуваат седум родни години проследени со седумгодишен глад. Тогаш, фараонот го назначува Јосиф за управник на целата земја, а тој собира голема залиха жито, па кога настапува периодот на глад, Јосиф им продава жито на сите околни земји.[7]

Гладот ја зафаќа и земјата Хананска, па Јаков ги испраќа своите синови (освен најмалиот) во Египет за да купат жито. Јосиф веднаш ги препознава своите браќа, но не им се кажува, а тие не го препознаваат него и му се поклонуваат како на господар, токму како во сонот што го сонил Јосиф во минатото. Јосиф ги затвора браќата, обвинувајќи ги дека се разузнавачи, но по три дена ги ослободува, задржува еден брат како заложник, а другите ги испраќа во родниот крај за да му го донесат најмалиот брат. Кога браќата повторно се враќаат во Египет, Јосиф им се открива, богато ги наградува и им порачува да ги донесат татко им Јаков и нивните семејства за да се спасат од гладот што ќе трае уште долго време. Така, Јаков, заедно со своето потомство и со целиот имот, се сели во Египет каде од фараонот добива плодна земја. Гладот продолжува и во следните неколку години, па египетскиот народ е принуден да купува жито со својот добиток, потоа со имотот, а најпосле луѓето му стануваат робови на фараонот кој така станува сопственик на целата земја. По 17 години минати во Египет, 147-годишниот Јаков умира, а пред смртта ги благословува децата на Јосиф, а потоа ги повикува своите 12 синови, кажувајќи им ја нивната судбина. Притоа, тој им дава завет на синовите да биде погребан во гробницата на неговите родители и некое време по смртта, Јосиф го пренесува телото на Јаков во семејната гробница, придружуван од голема погребна поворка. Јосиф и неговите браќа продолжуваат да живеат во Египет, а Јосиф умира на возраст од 120 години.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 9-13.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 14-18.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 18-24.
  4. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 24-26.
  5. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 27-41.
  6. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 41-48.
  7. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 48-55.
  8. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 55-66.