Бислимска Клисура

Бислимска Клисура — мала клисура на реката Пчиња што се протега од вливот на Кумановска Река до селото Пчиња[1]. Долга е 6,5 км. Оддалечена е 5 км од градот Куманово
Всечена е во варовнички карпи со јурска старост. Има стрмни страни, на одредени места речиси вертикални, така што на некои места наликува на кањон. Во клисурата се наоѓаат десетина пештери и пропасти, долги до 90 м. Најдолга пештера е Студен Пештер (90 м), а најдлабока пропаст е Маркова Куќа, длабока околу 40 м. Со својот пештерски накит, најинтересна е Лишков Пештер, во јужниот дел на клисурата (2 км спротиводно од с. Пчиња). Покрај пештерите и пропастите, овде релјефот е многу интересен, со бројни шкрапи, вртачи, суводолици, раседи и сл. Во Бислимска клисура има разновиден растителен и животински свет (лилјаци, соколи, орли, влекачи — особено поскоци и др.).
Во средишниот дел на клисурата и во пештерите има остатоци од антички градби, веројатно од римскиот период. По сите свои карактеристики, Бислимската Клисура заслужува да биде заштитено подрачје, особено имајќи предвид дека е се наоѓа мошне близу до градот Куманово. Сепак таа е доста деградирана од загадените води на Пчиња, кои доаѓаат од Куманово.
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Подземни карстни форми во Бислимска Клисура. Географски разгледи кн. 34. Андоновски Т., Милевски И., Скопје, 1999
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Уживајте во патешествието по интересната Бислимска Клисура кај Куманово — мошне опширен напис за клисурата од д-р Ивица Милевски на порталот „ИГЕО“