Бирлик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Бирлик (турски: Birlik – „единство“) — поранешен македонски весник, орган на НОФМ, а потоа орган на ССРНМ, на турски јазик, како гласило на турската националност во ДФМ/НРМ/СРМ/РМ[1]. Првиот број бил отпечатен во Печатницата „Гоце Делчев“ на 23 декември 1943 година во Скопје и е првиот весник на турски јазик во Македонија кој се печати со латински букви[2]. Првин излегувал како месечник, потоа на петнаеест дена, на десет дена, еднаш неделно и секој втор ден (од 1971), во тираж од 2.000–3.000 примероци. Главни и одговорни уредници биле: Даут Нурети, Шукри Рамо, Мустафа Карахасан, Фахри Мехмед-Каја, Неџати Зекерија, Ариф Аго, Вефки Хасан и Дрита Карахасан. Како дел на НИП „Нова Македонија“, долго време го користел заедничкиот информативен сервис, но имаше и свои дописници низ Македонија, со написи за политичките, економските, културните и другите проблеми, со нагласка на општествениот равиток на турската народност во Македонија.

Весникот имал значајно влијание за оформувањето на јавното мислење на Турците во Македонија. Прераснувајќи во новинско-издавачка куќа, весникот ги издавал и детските списанија „Севинч“ (тур.: Радост, 1952) и „Томурџук“ (тур.: Пупка, 1957), како и списанието за општествени прашања и уметност „Сеслер“ (1965)[3]. Весникот излегувал сè до 1998 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 433-434
  2. „Бирлик“. Turkisc Media Organization. Посетено на 2010-05-13.[мртва врска]
  3. Д-р Боро Мокров – М-р Томе Груевски, Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје, 1993, 124