Бирковата приказна

Од Википедија — слободната енциклопедија

Бирковата приказна - расказ на рускиот писател Александар Грин.

Содржина[уреди | уреди извор]

Група пријатели водат општ разговор и еден од нив (со име Бирк) почнува да раскажува за својата неверојатна случка. Иако млад, на возраст од 24 години, тој бил апатичен, животот му бил здодевен, а неговата рамнодушноста била толку голема што дури и глетката на бруталната смрт на една девојка на улицата не му оставила никаков впечаток. Поради тоа, една летна ноќ помислил да изврши самоубиство, но тогаш ја видел својата сенка на ѕидот и тоа го спречило да ја оствари намерата. Потоа, во текот на шест дена, Бирк воопшто не излегувал од собата. Една ноќ, тој се разбудил и излегол надвор на прошетка. Кога стигнал до мостот, тој сретнал двајца непознати луѓе за кои веднаш претпоставил дека се крадци кои планираат да извршат грабеж. Скришум, почнал да ги следи до влезната порта на една зграда и тогаш им пристапил, со молба да му дозволат да им се придружи. Исплашени, крадците излегле, а Бирк видел дека вратата е отворена и, возбуден од желбата за биде крадец, влегол внатре. Потоа, некое време стоел во ходникот, обземен од противречни чувства и најпосле, одлучил да влезе во еден стан. Внатре, тој ја препознал сопствената соба и се видел себеси како лежи во креветот. Тогаш, вчудовидениот Бирк го разбудил домарот и го замолил да ја прегледа собата. Кога домарот му рекол дека внатре нема никого, Бирк му ја покажал скршената брава на влезната порта како доказ за неуспешниот обид за кражба.[1]

Осврт кон расказот[уреди | уреди извор]

„Бирковата приказна“ спаѓа во групата фантастични раскази на Грин во кои невозможното се остварува во можни околности, т.е. каде дејството е раскажано потполно реалистично, а потоа со еден неочекуван пресврт реалистичното се превртува во фантастично. Така, овој расказ почнува сосема во стилот на Грин - со воведно излагање за апатичноста, меланхолијата и желбата за осаменост, следува сосема реална приказна за несоницата и за ноќната прошетка во која Бирк среќава двајца крадци кои се подготвуваат да ограбат една куќа. Така, поголемиот дел од расказот е сосема можен, без фантастични елементи, а граничната точка го претставува моментот кога, по бегството на крадците, самиот Бирк добива желба да стане крадец и влегува во куќата. Тогаш, неговата состојба станува необична, на границата на можноста, но не е нестварна, туку станува збор само за необична состојба на човековата психа. Оттука, и овој дел од расказот го доживуваме како необично, но сепак реалистично раскажување. Вистинскиот пресврт и преминот во фантастичното настапува кога Бирк влегува во сопствениот стан и се гледа себеси како лежи на креветот. Со оваа поента се менува карактерот на целиот расказ и тој станува фантастичен и она што претходно изгледало како реално станува нестварно, плод на фантастичната замисла на авторот. Така, целото ноќно доживување на Бирк се претвора во фантастика.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 19-35.
  2. Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 165-157.