Биполарно растројство

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Биполарно растројство
Comedy and tragedy masks without background.svg
Биполарното растројство се карактеризира со епизоди на депресија и манија
Класификација и надворешни извори
Специјалност Психијатрија
МКБ-10 F31
МКБ-9 296.0, 296.1, 296.4, 296.5, 296.6, 296.7, 296.8
OMIM 125480 309200
DiseasesDB 7812
MedlinePlus 000926
eMedicine med/229
MeSH D001714

Биполарното растројство е психијатриска состојба дефинирана како повторувачки епизоди на значително нарушување на расположението. Овие нарушувања може да се случат во еден спектрум кој се движи од ослабувачка депресија до незауздана манија. Поединците кои страдаат од биполарно растројство вообичаено искусуваат флуидни состојби на манија, хипоманија или она што се нарекува мешана состојба поврзана со депресивни епизоди.

Во основа, болеста се состои од две фази кои периодично се менуваат: манија (хиперактивност, восхитеност, радост, чувство на семоќ) и депресија (пасивност, чувство на безволност, безвредност, немоќ, тага и очајување).

Во текот на манијата, поединците често донесуваат непромислени одлуки, без да внимаваат на последиците. Нивната потреба за спиење е видливо намалена додека траат маничните фази. Во текот на депресијата, поединците може често да плачат, да имаат негативен поглед кон животот, и слаб контакт со очи со други луѓе.

Овие клинички состојби се разликуваат од нормалните промени на расположението. Растројството има потподелби: биполар I, биполар II, и циклотомично растројство, при што биполар I и II можат да доведат до рапидна цикличност на расположението во текот на годината.

Исто така нарекувано биполарно афективно растројство до скоро, неговото сегашно име е од понов датум и се однесува на кружењето меѓу "високи" и "ниски" епизоди; и го заменува стариот термин манично-депресивни психози, назив кој го дал Емил Крепелин (1856 - 1926) во доцниот деветнаесетти и почетокот на дваесеттиот век. Тој е германски психијатар и се смета за основач на модерната научна психијатрија. Новиот термин е создаден за да биде неутрален, и да се избегне стигмата кај пошироката јавност која доаѓа од спојот на зборовите "манија" и "депресија".

Симптомите најчесто се појавуваат во раната зрелост. Дијагнозата се засновува на искуствата кои ги пренесува лицето, како и на набљудувано однесување. Епизодите на болеста се поврзани со емотивна болка и нарушувања, како и се релативно висок ризик од самоубиство. Студиите покажуваат дека генетиката, раното опкружување, невробиологијата, и психолошките и социјалните процеси се важни фактори кои можат да придонесат за појава или спречување на оваа болест. Тековното психијатриско истражување е фокусирано на улогата на невробиологијата, но не е пронајдена јасна органска причина за појава на болеста. Биполарното растројство најчесто се лекува со медикаменти и/или терапија или советување. Воглавно, медикаментите се од групата на лекови наречена „стабилизатори на расположението", а особено литиум и натриум валпроат; ова се група на неповрзани лекови кои се користат како превентива од понатамошни епизоди на болеста. Антиколвулзивите (антиепилептични лекови) исто така се користат во лекувањето. Карбамазепинот ефективно делува во третирање на маничните епизоди, има и голема корист во третирање на циклотомичното растројство. Помалку ефективен е во превенција на рецидив спрема литиум или натриум валпроат. Ламотригинот има ефикасност во третирање на биполарното растројство, но неговата ефикасност е поголема во потешка депресија. Антипсихотичните лекови, понекогаш наречени невролептици, особено оланзапинот, се користат при лекувањето на маничните епизоди. Користта од употреба на антидепресиви во депресивните епизоди не е докрај разјаснета. Кратко користење на бензодијазепини може да биде препишано во прилог со други лекови додека „стабилизаторите на расположението" да почнат да дејствуваат. Во посериозни случаи кога постои ризик кон лицето и кон други, се препорачува и недоброволна хоспитализација; ова се случаи кога постојат силни манични епизоди со опасно однесување или депресивни епизоди со идеи за самоубиство. Задржувањата во болница се поретки и траат помалку одошто во минатото.

Некои истражувања покажуваат значајна корелација помеѓу креативноста и биполарното растројство. Сепак, односот помеѓу растројството и креативноста е сѐ уште многу нејасен.