Биоразновидност на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Балканскиот рис е критично загрозен вид
Молики во Националниот парк „Пелистер“

Македонија содржи голем дел од биоразновидноста на континентот, иако со својата површина од 25.713 км² зафаќа само 0,26% од неговата територија. Како таква, разновидноста на видовите во Македонија е поголема од 54 до 264 пати (кај рибите односно птиците) од просечната европска разновидност. Содржајноста на разновидноста во земјата во однос на целиот континент е: 33,64% кај васкуларните растенија, 14% кај слатководните риби, 20,3% кај водоземците, 25,2% кај влекачите, 64% кај птиците и 29% кај цицачите. Државата опфаќа 70-90% од вкупната разновидност на Балканскиот Полуостров.[1]

Според Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски план за период (2018–2023), на национално ниво се утврдени: 2.095 алгални таксони, над 2.000 видови габи, 450 вида лишаи, над 500 таксони на мовови, 3.500 видови од флората, 85 видови риби, 14 водоземци, 32 видови влекачи, 334 птици и 85 видови цицачи.[2] Критично загрозени се 6 видови габи, 6 видови растенија и 1 вид цицач.[3]

За клучни екосистеми во земјата се сметаат шумските, планинските, сувите тревести и водните.

Габи и лишаи[уреди | уреди извор]

Габите во Македеонија се од доста разнородно потекло, иако голем дел се мошне малку проучени. Досега се регистрирани 1.053 видови на габи и 354 видови лишаи, но ниеден ендемски вид од двете групи.

Алги[уреди | уреди извор]

Алгите се особено разновидна група на организми. Еколошки најважни се зелените, силикатните и модрозелените алги. Забележани се вкупно 2.169 видови, највеќето силикатни.

Флора[уреди | уреди извор]

Ендемската алшарска темјанушка (Viola allchariensis) на поштенска марка

Богатството на македонската флора се должи на повеќето флористички елементи (терциерни реликти, средоземни, грчко-малоазиски, илирски, кавкаски, средноевропски, евроазиски, аркто-алпски и космополити) и висок степен на ендемизам.[1] Опфаќа 210 фамилии, 920 родови и околу 3.700 видови. Најбројна група се скриеносемениците со околу 3.200 видови, па мововите со 398 и папратите со 45 видови.

Од вкупно 115 ендемски растенија во земјата, 114 се скриеносеменици. Од нив 109 се дикотиледони, а 5 се монокотиледони. Со најголем удел на ендемизам се одликуваат следиве фамилии:[1]

Фауна[уреди | уреди извор]

Македонскиот речен рак (Austropotamobius torrentium macedonicus) живее во незагадените потоци и реки во Македонија

Фауната на Македонија исто така се одликува со голема разновидност (10.354 видови), предизвикана од разновидното зоогеографско потекло на елементите, како и на присуството на реликтни и ендемски облици.

Во земјата има 668 ендемски животни, што претставува 6,45% од вкупниот број на забележани видови. Најзастапени во разновидноста се членконогите, со вкупно 8.234 видови, од кои 383 се ендемски. Разложено на одделни типови, степенот на ендемизам кај животните во Македонија е следниов:[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Анализа и валоризација на биодиверзитетот на национално ниво (PDF). Скопје: УНДП. 2010. ISBN 978-9989-188-66-4. (македонски)
  2. Националната стратегија за биолошка разновидност со Акциски план за период (2018–2023), Скопје, 2015, 24 стр.
  3. Завод за статистика, „Статистика на животната средина, 2024“, 40-44 стр.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]