Прејди на содржината

Вид (биологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Биолошки вид)
Разните нивоа на системот на научна класификација.ЖивотДоменЦарствоКоленоКласаРедСемејствоРодВид
Разните нивоа на системот на научна класификација.

Зголеми
Зголеми
Хиерархијата на осумте главни таксономски рангови во биолошката класификација. Поситните меѓурангови не се прикажани.

Биолошкиот вид (лат. species) е систематска единица, група од единки со заеднички морфофизиолошки, биохемиски и одлики во однесувањето, кои се способни за заемно вкрстување, со што даваат плодно потомство, закономерно распространето во пределите на еден определен ареал и подложно на влијанието од факторите на животната средина. Видот е реално постоечка генетички неделива единица на живиот свет, основна структурна единица во системите од организми и квалитативна етапа во еволуцијата на животот.

Својства

[уреди | уреди извор]

Еден вид може да се оддели од друг по низа својства:

  • Морфолошкиот критериум дозволува разграничување на разните видови по надворешните и внатрешните својства;
  • Физиолошко-биохемискиот критериум се фокусира на нееднаквоста во хемиските својства на разните видови;
  • Географскиот критериум сведочи за тоа дека секој вид преовладува во својот ареал;
  • Еколошкиот дозволува да се разликуваат видовите по комплексот на абиотички и биотички услови, во кои тие се создале и приспособиле на животот;
  • Репродуктивниот критериум обусловува репродуктивна изолација на еден вид од друг, па дури и блискусродствени.

Секој вид претставува посебен генетички систем, репродуктивно изолиран од другите видови.

Како резултат на нееднаквите услови на животната средина, секоја единка од еден вид во пределите на ареалот се распоредува на помали единици - популации. Реално видот постои како популација.

Видовите можат да бидат монотипни - со слабо диференцирана внатрешна структура, карактеристични се за ендемитите. Политипните видови се одликуваат со сложена внатревидова структура.

Внатрешно видовите можат да бидат поделени на подвидови - географски или еколошки одликувани делови на видот чии единки под влијание на факторите на средината во процесот на еволуција се здобиле со забележителни морфофизиолошки особености кои ги разликуваат од другите делови на истиот вид. Во природата, единките од разните подвидови на еден вид можат слободно да се вкрстуваат и да даваат плодно потомство.