Билјанини Извори

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
За други значења на поимот Билјанини Извори видете на појаснителната страница
Билјанини Извори во декември 2020 г.

Билјанини Извори — извор на вода во Охрид, најпознат по легендите поврзани околу него.

Билјанини Извори всушност е преливот на вода во базенот што се наоѓа над отворите каде што таа истекува. Еден дел од базенот се користи за потребите на водоводот во Охрид, еден дел за потребите на Хидробилошки завод за вештачко одгледување рибен подмладок и за обезбедување чиста вода. Откако ќе се задоволат тие потреби, вишокот на вода се излива над отворите на Билјанини Извори.

Разгледница од 1930 година

Наоѓалиштето кај Билјанини Извори и самите извори преку лето го посетуваат до сто илјади домашни и странски туристи.[1]

Легенди[уреди | уреди извор]

За бистрата вода на Билјанините извори, македонскиот народ пропеал многу песни. Имено, некогаш во дворецот под езерото кај Студенчишта, живеела вилата Езерка, ќерка на дедо Караорман. Вилата Езерка царувала над езерото и постојано им пречела на рибарите, превртувајќи ги нивните чамци а уловената риба ја враќала во езерото. Таа била многу завидлива и еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Ја однела во својот дворец за да си поигрува со неа. Убавата Билјана цела ноќ плачела од тага и нејзините солзи се претвориле во извори, кои понатаму биле наречени Билјанини извори. Дедо Чун за да ја победи вилата Езерка направил голем чамец. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Вилата Езерка не можела да го преврти овој голем чамец и со него дедо Чун ја спасил убавата Билјана. Така, по дедо Чун големиот чамец го нарекле чун кој по својата лика е единствен на светот.

Билјана платно белеше[уреди | уреди извор]

Во старо време во древниот град Охрид живеела преубавата мома Билјана. Таа била толку убава што сите застанувале да ја погледнат нејзината убавина. Еден ден отишла мома Билјана кај изворите да го бели платното. Откако го избелила платното во бистрите изворски води го пружила на белиот песок да се суши. Тогаш, оттука поминувал караванот со 20 винари. Водачот на караванот под око ја гледал Билјана, вчудоневиден од оваа боженсвена убавина го сопрел караванот пред белото платно. Тогаш мома Билјана им рекла на винарите: „Кротко терајте карванот да не ми платно згазите“.

Билјана платно белеше на охридските извори
Ми поминаа винари, винари белограѓани.
Винари белограѓани, да не ми платно згазите,
платното ми е даровно,
за свекор и за свекрва.
Билјано, моме убаво, ако ти платно згазиме
со вино ќе го платиме, со вино лута ракија.
Винари, белограѓани, не ви го сакам виното,
тук ви го сакам момчето што напред тера карванот
и носи кепче над око.
Билјано моме убаво
момчето ни е таксано
за него вино носиме, вино и лута ракија.

Наводи[уреди | уреди извор]