Билјана платно белеше

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Билјана платно белеше“
Песна
Јазикмакедонски
Жанрмакедонска народна музика
Композитор(и)непознат, со разни
современи аранжмани

Билјана платно белеше — македонска романтична песна за љубовта и убавината.[1][2]

Оваа народна песна е и главна тема на Деста руковет (Песни од Охрид)[1] на Стеван Стојановиќ Мокрањец, најголемиот српски композитор од преминот од 19 во 20 век.

Опис[уреди | уреди извор]

Песната опишува настан од „охридските извори“, а Билјана би можела да биде секоја млада девојка која таму си го белела платното. Одењето до најблискиот извор било секојдневна обврска за секоја жена кога водата била подалеку од домашното огниште. Притоа мора да се има предвид дека значаен дел од социјалниот живот на месното население се одвивал околу изворите; таму се раѓале многу познанства и љубовни приказни.

Другиот клучен лик во песната е млад винар. Тој во љубовната драма зазема пасивен став, оставајќи дијалогот да се одвива помеѓу Билјана и другите винари, додека сиот свој интерес кон девојката го покажува со притаено набљудување. Наспроти сета негова ненаметливост, младиот винар ја претставува оската околу која се врти целокупното дејство во љубовната драма. За него дознаваме уште дека припаѓа на група винари кои во песната се опишани како „белограѓани“!

Стихови[уреди | уреди извор]

Светската слава на Билјанините извори се должи пред сè на легендата за убавата охриѓанка од народната песна „Билјана платно белеше“:

Билјана платно белеше на охридските извори.

Оздола идат винари,

винари белограѓани.

Винари белограѓани,

кротко терајте карванот,

да не ми платно згазите,

платното ми е даровно.

Билјано моме убаво,

ако ти платно згазиме,

со вино ќе го платиме,

ем бела лута ракија.

Не ви сакам виното,

тук’ ви го сакам момчето, што напред води карванот

што фесче носит над око.

Што фесче носит над око

и мене гледат под око.

Билјано, моме убаво,

момчето ни е свршено.

За него вино носиме,

в’ недела ќе го жениме.

Да би го вода однела

и мене ми го донела,

да би го змија к’снала

со мојве долни запчиња.

Оваа е најпознатата варијанта на песната од која вообичаено се пеат само првите 18 стихови. Постојат уште многу други пократки и подолги варијанти со сличен текст.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. https://www.ohridnews.com/bil-ana-izvorite-pesnata/. Отсутно или празно |title= (help)
  2. „Билјана, изворите, песната“. OhridNews (англиски). 2018-09-18. Посетено на 2022-02-14.