Било некогаш - сега се споменувало

Од Википедија — слободната енциклопедија

Било некогаш - сега се споменувало (хрватски: Nekad bilo - sad se spominjalo) е расказ од хрватскиот писател Антун Густав Матош.

Содржина[уреди | уреди извор]

Група млади луѓе се собрале во една вила и раскажуваат за деновите кога биле среќни. Тогаш, еден од нив, Петриновиќ, ја раскажува својата приказна за престојот кај вујко му Грга Алаговиќ, во селото Храстовац, во близината на Загреб: Тоа се случувало кога тој бил ученик во класичната гимназија во Загреб, при што, заедно со неколку свои другари, постојано правел проблеми. Така, еден ден, Петриновиќ и другарите ја посетиле ќерката на млекарот, Жужа и ја опијаниле, а потоа направиле луда забава. Кога пристигнал таткото на Жужа, ги фатил немирните момчиња и ги затворил во една дрвена куќарка, каде ја чувал козата. Утредента, таткото на Петриновиќ, за да го казни немирниот син, присилно го испраќа во селото Храстовац, кај вујната Тончика и вујкото Грга.

Изутрината, момчето оди да прошета низ селото и среќава една девојка - ќерката на селскиот учител, Смиљка, која веднаш му се допаѓа. Своевремено, девојката еднаш останала цела ноќ затворена во селската црква и утредента ја нашле полудена. Оттогаш, таа има сериозно психичко пореметување. Својот престој во селото, Петриновиќ го поминува така што служи во црквата, го посетува домот на селскиот учител, кој има голема колекција на живи птици, се дружи со честите гости на вујко му, а еднаш го посетува дури и еден од неговите најверни другари. Еден ден, тој доживива големо разочарување кога дознава дека некој доктор ја однел Смиљка на лекување во Карловац.

По пет години поминати на студии во Виена, Петриновиќ се враќа во Храстовац, а таму, куќата почнала да пропаѓа, вујкото Грга остарел, а вујната Тончика умрела. Тој оди на гробиштата и таму, до гробот на Тончика, здогледува друг гроб на кој го пишува името Јелиќ Смиљана. Тој се присетува на својата сакана Смиљка и кине неколку ливчиња од бршленот што го обвиткал нејзиниот гроб. На крајот од раскажувањето, Петриновиќ им ги покажува на присутните во вилата овенатите ливчиња од бршленот, велејќи: „Еве, ова овенато лисје е сè што ми остави младоста. Некои го немаат ни тоа...“[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Antun Gustav Matoš, „Nekad bilo - sad se spominjalo“, во: Midhat Begić (Urednik), Antun Gustav Matoš I, Svjetlost, Sarajevo, 1962, стр. 81-126.