Бељаковски манастир

Координати: 42°5′8″N 21°55′45″E / 42.08556° СГШ; 21.92917° ИГД / 42.08556; 21.92917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бељаковски манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеБељаковски манастир
Други имињаМанастир „Св. Ѓорѓи“
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век (I пат)
1894 (II пат)
Разрешен1689
Посветен наСвети Ѓорѓи
ЕпархијаКумановско-осоговска
ЦрквиЦрква „Св. Ѓорѓи“
Личности
Место
МестоБељаковце, Општина Куманово Македонија Македонија
Координати42°5′8″N 21°55′45″E / 42.08556° СГШ; 21.92917° ИГД / 42.08556; 21.92917
Видливи остатоциедна црква, чешма, конаци, помошни објекти
Отворен за јавностада
Други информации(Клечовска парохија)

Бељаковски манастирманастир во северниот дел на Македонија, во селото Бељаковце.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Манастирот се наоѓа во јужниот дел на атарот на селото и до него се стигнува преку земјен пат, кој започнува од главниот регионален пат 29277, кој поминува низ Бељаковце.[1]

Тој е сместен во една долина на источните падини на Мургашки Рид, обраснат со нискостеблеста шума и грмушки, а во непосредно соседство се селата: Довезенце, Мургаш, Пезово и Коњух.

Градби[уреди | уреди извор]

Во склоп на манастирот влегуваат една црква, чешма, конаци и помошни објекти.

Црква „Св. Ѓорѓи“[уреди | уреди извор]

Црквата е единствениот храм во манастирот. Голема црква посветена на Свети Георгиј која претставува трокорабна градба со осмострана купола и седмострана апсида, а ѕидана од убаво обликувани камени блокови и камени украси и фигури на фасадата.

Конаци[уреди | уреди извор]

Една зграда (конак) со приземје и кат. Во приземјето се наоѓаат две трпезарии од кои секоја има по триесетина места за гости, а внатрешните камени скали водат кон катот каде што има 8 соби, чајна кујна и две бањи со тоалети.

Помошни простории[уреди | уреди извор]

До конакот е сместена кујна поврзана со трпезарија (со подрумска просторија под неа).

Руини[уреди | уреди извор]

Наспроти денешниот конак, долу во дворот се наоѓаат остатоци (темелите со камени ѕидови до приземјето) од стариот конак.

Историја[уреди | уреди извор]

Собор во манастирот кон крајот на XIX век

Според некои извори, на местото на денешниот манастир порано имало постар храм од XIV век кој бил срушен во 1689 година.

Кон крајот на XIX век тука се наоѓало „манастириште со црква во урнатини и една куќарка во која живееле калуѓери“. Околу 1885 година, Стојан Стоилковски-Роле, жител на Бељаковце, започнал да собира прилози за обнова на манастирот и на тој простор, во 1892 година почнало да се гради нова црква од мек делкан камен наречен корнишор, според месноста над манастирот од каде што е ваден и донесен. Веднаш потоа се работело на живописот во црквата, а биле подигнати и згради кои се неопходни за манастирскиот живот.

Во манастирот прво се одржувале два собора годишно: едниот Ѓурѓовден, а другиот Мала Богородица, а подоцна главното славје се одржувало на последниов празник.

Меѓу двете светски војни, од 1920 до 1934 година во манастирот дошле и живееле калуѓери од Русија. Се споменува дека во тоа време манастирот бил најуреден и богат; имал околу 30 хектари земја, 150 овци, 50 кози, 20 грла говеда и 10 коња.[1]

Во 1937 година, стариот фрескоживопис веќе не бил зачуван, па нови фрески насликал познатиот кумановски уметник Трајко Муфтински со белези од тоа време.

По Втората светска војна, еден дел од манастирскиот имот бил национализиран. Од втората половина на педесетите години до 1967 година во манастирот живеат и работат калуѓерки (едно време седум, под водство на „Мати Иларија“) на кои им помагале луѓе од селото. Од тоа време кај народот се памети и отец Теодор, Познат како „Поп Трајче“ кој останал во манастирот и кусо време по заминувањето на калуѓерките во 1967 година. Тоа е наедно и период кога низа години преку лето во манастирот престојувале на одмор и гости од градот, најчесто цели семејства (десет до дваесет); тогаш, особено во текот на август месец, конаците и дворот со околината ечеле од детски жагор.

По заминувањето на калуѓерките и наглото иселување на народот од селото, почнувајќи од 1970 година, животот во манастирот полека замира и за него се грижеле само по некој стар човек задолжен од селото.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Трифуноски, Јован (1974). Кумановска област. Скопје: САНУ. стр. 186.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]