Бетон и завитоци
„Бетон и завитоци“ (српски: Бетон и свици) — роман на српскиот писател Оскар Давичо од 1956 година. Романот, кој е првиот дел од трилогијата во која се прикажува судбината на новинарот Вук Васиќ,[1] е добитник на НИН-овата награда.
Содржина
[уреди | уреди извор]Прва глава (I-XVIII)
[уреди | уреди извор]Новинарот Вук Васиќ го посетува својот пријател Вук Рсавац, кој работи на изградбата на хидроелектричната централа на реката Нерекава. Рсавац е вреден работник, посветен на својата служба и во постојан страв да не се повторат големите поплави од пред три-четири години. Неговата загриженост е толку голема, што често се кара со другите работници за кои смета дека не се залагаат доволно во работата. Вечерта, Васиќ се враќа со воз во Белград, а Рсавац го замолува да ѝ го предаде писмото на неговата сопруга Рима. Рсавац е нервозен поради бавното напредување на градежните работи. Ноќта, додека Рсавац спие, во градилиштето ненајавено пристигнува Рима која, по неколку неуспешни љубовни врски, решава да му се врати на сопругот. Рсавац е свесен за нејзиното неверство и во писмото (кое таа не го добива) ѝ предлага да се разделат. На градилиштето работи и Раде Ѓуковиќ, млад селанец, кој истовремено се труди да го заврши школувањето, сонувајќи да стане инженер. За време на големата поплава што се случила четири години порано, Раде храбро влегува во надојдената вода за да ја спаси пумпата, а него во последен миг го спасува Рсавац. Откако на градилиштето снемува електрична енергија, Рсавац поведува со себе неколку работници и успева да го поправи оштетениот далекувод.[2]
Втора глава (I-VI)
[уреди | уреди извор]Вук Рсавац и Рима се вселуваат во напуштена куќа, која таа ја уредува. Вук е внимателен, но воздржан, кон неа, така што таа постојано се сомнева дека тој повеќе не ја сака. Вечерта, таа и Вук одат на кино, а оттаму во кафеаната, каде таа му признава дека не се запишала на студиите по техника, како што сака тој, туку студира внатрешна архитектура.[3]
Трета глава (I-IV)
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме, во Блеград, новинарот Вук Васиќ ги разгледува своите белешки, направени за време на престојот на градилиштето на Нерекава, потсетувајќи се на постојаната загриженост на Рсавац поради опасноста од нова поплава, како и за неговото незадоволство поради недоволната посветеност на работниците.[4]
Четврта глава (I-VII)
[уреди | уреди извор]По враќањето дома, Вук и Рима разговараат за погледите кон животот и за задачата на човекот во повоениот период: таа мисли дека секој човек треба да се грижи за личната среќа, додека тој смета дека поединецот мора да се жртвува за напредокот на општеството. Секоја ноќ, Рсавац заминува на вообичаената прошетка низ мочуриштето, испитувајќи го нивото на водата и обидувајќи се да го улови вампирот за кој во последно време се зборува во селото. Еден ден, додека работи на далекуводот над браната, поради невнимание на другите работници, Рсавац одвај ја избегнува смртта. Рима е незадоволна поради Вуковата опседнатост со работата и бара поголемо внимание за себе, но Рсавац е постојано зафатен со работата. Поради тоа, Рима ненадејно си заминува во Белград. По неколкудневна напорна работа, групата на Рсавац најпосле доаѓа до цврста подлога под реката, така што може да започне бетонирањето на последниот сектор.[5]
Петта глава (I-VII)
[уреди | уреди извор]Цврсто решен да заврши изградбата на браната, Рсавац го фалсификува налогот за набавка на потребниот бетон и поради тоа добива остар прекор на партискиот состанок. Тој се чувствува несфатен и предаден, така што бара да го исклучат од партијата. Една ноќ, за време на своите редовни проверки по мочуриштето, Рсавац го фаќа човекот кој ги ограбува работниците, преправен како вампир. Потоа, тој го јавнува вампирот и со него влегува во кафеаната, каде се собрани работниците. Таму го открива лицето на вампирот, кој во тој миг се онесвестува. Рсавац ги прекорува гостите во кафеаната, по што еден од присутните го напаѓа, но тој успева да натепа. По тепачката, присутните го тепаат вампирот, но потоа се вртат против Рсавац и тој ја напушта кафеаната. По неколку дена, вестите за случката доаѓаат до повисокото партиско раководство при што муслиманските првенци го обвинуваат Рсавац за настанот. Поради тоа, партиското раководство закажува состанок на кој Рсавац е исклучен од партијата. И покрај разочарувањето, Рсавац бара збор и укажува на опасноста од поплавата и на недисциплината на работниците. По состанокот, тој оди во кафената, каде се соочува со презирот и потсмевот на работниците.[6]
Шеста глава (I-XV)
[уреди | уреди извор]Деновите по исклучувањето од партијата, Рсавац ги минува повлечено, постојано испитувајќи ја исправноста на своите сфаќања и не може да се навикне на новата состојба. Една ноќ, реката навистина го поплавува градилиштето и сите работници помагаат да се спасат материјалите и машините. На градилиштето пристига и новинарот Вук Васиќ, кој известува за борбата за спас на браната во која најмногу се истакнува Рсавац, кој ѕаронува на дното на реката, се качува на високата карпа над браната, помага во расчистувањето на насобраните стебла во реката итн. При минирањето на една карпа, тој се повредува, но сепак, продолжува неуморно да работи на сите страни. Во меѓувреме, Рима сфаќа дека не може да живее без него и се качува на воз на пат за градилиштето. По тридневна напорна борба, успеваат да ја спасат браната, а поплавата попушта, така што Рсавац е задоволен што ја победил реката. Тогаш, тој забележува група работници во голема опасност кои ги спасува така што веднаш ги враќа во комората со воздушен притисок, но притоа страда тој самиот. Во моментот кога повредениот Рсавац го ставаат во болничката кола, на градилиштето пристига Рима.[7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 399.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 7-87.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 88-125.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 126-149.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 150-216.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 217-327.
- ↑ Оскар Давичо, Бетон и свици (друго издање). Просвета, Београд, 1961, стр. 328-398.