Бетмен: Маската на Фантомот
| Бетмен: Маската на Фантомот | |
|---|---|
Плакатот на филмот | |
| Режисер | |
| Продуцент | |
| Сценарист | |
| Заснован на | ликот Бетмен и цртанот Бетмен: Анимирана серија |
| Главни улоги | |
| Музика | Ширли Вокер |
| Монтажа | Ал Брајтенбах |
| Студио | |
| Дистрибутер | Warner Bros. |
| Премиера | 25 декември 1993 г. |
| Времетраење | 76 минути |
| Земја | |
| Јазик |
|
| Буџет | 6 милиони долари |
| Бруто-заработка | 5,8 милиони долари[2] |
Бетмен: Маската на Фантомот (англиски: Batman: Mask of the Phantasm; познат и како Batman: The Animated Movie) — американски анимиран суперхеројски филм од 1993 г., заснован на стриповите за суперхеројот Бетмен од издавачката куќа DC Comics. Филмот е спиноф на анимираната серија „Бетмен: Анимирана серија“, а го режирале Ерик Радомски и Брус Тим. Во филмот гласовно учествувале Кевин Конрој, Марк Хемил, Харт Бокнер, Ејб Вигода, Дана Дилејни, Ефрем Цимбалист Помладиот и други. Сценариото го напишал Алан Барнет, со доработки од Пол Дини, Мајкл Ривс и Мартин Паско. Првично, филмот бил планиран за директно издавање на видео, но подоцна раководството на Warner Bros. одлучило да го пушти во кинораспределба.[3]
Заплетот на филмот се сосредоточува на враќањето на Андреа Бомонт во Готам Сити, тајна љубов на Брус Вејн од минатото. Истовремено, таинствен убиец, познат како Фантомот, систематски ги отстранува злосторничките босови на градот. Поради сличните костуми, сомнежот за убиствата погрешно паѓа на Бетмен. Криејќи се од полицијата, тој се обидува да го најде вистинскиот виновник, да го очисти своето име и, паралелно со тоа, конечно да ги расчисти своите односи со Андреа.
Филмот бил потврдно оценет од огромното мнозинство критичари, кои го истакнале стилот на анимација, дијалозите и динамиката на дејството, но приходите од благајните не биле доволно високи. Вложените средства биле надоместени по издавањето на филмот на VHS и DVD. Филмот продолжува да биде значаен за обожавателите; на 25 јули 2017 г., тој бил издаден на Blu-ray, а во 2023 г. бил издаден во формат 4K Ultra HD во чест на неговата 30-годишнина.[4]
Содржина
[уреди | уреди извор]Собирот на мафијашките босови, што се одржува во еден од облакодерите на Готам Сити, е прекинат со навлегувањето на Бетмен. Набргу потоа, гангстерот Чаки Сол е убиен од таинствен човек во мантил, при што Бетмен почнува погрешно да се смета за осомничен за убиството. На прес-конференција, членот на градскиот совет, Артур Ривс, го прогласува суперхеројот за опасен за општеството, а подоцна учествува на забавата на Брус Вејн, другата личност на Бетмен. Ривс го исмејува Брус поради неуспесите во личниот живот, особено поради раскинувањето со неговата долгогодишна девојка, Андреа Бомонт. Во сцена на сеќавање од пред десет години е прикажана првата средба на Андреа и Брус, кој го посетил гробот на своите родители на гробиштата. Истата ноќ, Вејн прави обид да спречи грабеж, но останува збунет од тоа што не предизвикува страв кај злосторниците. По некое време, тој започнува љубовна врска со Андреа и ѝ предлага брак, решен да ги остави плановите за борба против злосторништвото. Меѓутоа, Андреа тајно го напушта Готам со нејзиниот татко, Карл Бомонт, оставајќи му на Вејн писмо во кое го известува за крајот на нивната свршувачка. Верувајќи дека ја изгубил единствената шанса за нормален живот, Брус на крајот ја става маската на Бетмен.
Во сегашно време, друг гангстер, Баз Бронски, станува нова жртва на таинствениот одмаздник по име Фантом, а Бетмен открива докази за поврзаноста на таткото на Андреа со организираното злосторништво. Како следна мета, убиецот го избира Салваторе Валестра, мафијашки бос за кого некогаш работеле Сол и Бронски. Арно ама, плановите на Фантомот пропаѓаат кога тој го наоѓа мафијашот мртов. Лицето на трупот било обезличено со неприродна насмевка, што укажувало на стилот на Џокерот, кон кого Валестра, непосредно пред смртта, се обратил за поддршка. Сомневањето повторно паѓа на Бетмен, а полицијата го прогласува за барано лице. Андреа му помага да се спаси од потерата и му раскажува како се криела во Европа со татко ѝ од бандата на Валестра, на кого Карл Бомонт му должел голема сума пари. Бетмен почнува да верува дека убиецот може да биде таткото на Андреа. Набргу тој го наоѓа Ривс отруен со „отровот на Џокерот“, кој, како што се дознава, ѝ ја издал на мафијата местоположбата на Бомонт во замена за место во градскиот совет.
Фантомот го следи Џокерот до неговото тајно скривалиште, напуштен павилјон на индустриска изложба, и таму ја открива својата самоличност: убиецот се покажува како Андреа, чија цел била одмазда за смртта на нејзиниот татко. Џокерот, како што се дознава, бил последниот преживеан од бандата на Валестра и токму тој го извршил нарачаното убиство на Бомонт. Бетмен ѝ доаѓа на помош на Андреа, која влегла во борба со Џокерот, и ја моли да ги остави мислите за одмазда. Андреа одбива, изјавувајќи дека мафијата ги уништила нејзините шанси за среќен живот, и забележува дека и самиот Бетмен е воден од одмазда. Потоа таа исчезнува, и Бетмен мора да се бори со Џокерот еден на еден, опкружен со минијатурна копија на Готам Сити. Нивната пресметка на крајот завршува нерешено. Андреа, која ненадејно се појавува, го фаќа Џокерот, се збогува со Бетмен и заедно со суперзлобникот исчезнува во облак од чад. Додека Џокерот се смее, моделот на градот, а потоа и забавниот парк, избувнуваат, и Бетмен одвај успева да се спаси со бегство. Враќајќи се во бетпештерата, скршениот од тага Брус добива утеха од Алфред, кој му објаснува дека никој не би можел да ѝ помогне на Андреа. Во пештерата, Вејн наоѓа медалјон со фотографија на која се тој и неговата сакана. Во исто време, Андреа сама стои на палубата на океански брод. Последната сцена го прикажува Бетмен како стои на врвот на зграда во исчекување на бет-сигналот да се активира на ноќното небо.
Улоги
[уреди | уреди извор]| Глумец | Улога |
|---|---|
| Кевин Конрој | Брус Вејн / Бетмен |
| Марк Хамил | Џокерот |
| Дана Дилејни | Андреа Бомонт |
| Харт Бокнер | Артур Ривс |
| Стејси Кич | Карл Бомонт / Фантомот (глас) |
| Ејб Вигода | Салваторе Валестра |
| Дик Милер | Чарлс „Чаки“ Сол |
| Џон П. Рајан | Баз Бронски |
| Ефрем Цимбалист Помладиот | Алфред Пениворт |
| Боб Хастингс | комесарот Џејмс Гордон |
| Роберт Костанцо | детективот Харви Булок |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ . American Film Institute]title=Batman: Mask of the Phantasm https://catalog.afi.com/Catalog/MovieDetails/59460. Архивирано од изворникот 28 септември 2020. Посетено на 4 јуни 2018. Отсутно или празно
|title=(help) - ↑ „Batman: Mask of the Phantasm (1993)“. Box Office Mojo. Архивирано од изворникот 1 мај 2022. Посетено на 22 ноември 2021.
- ↑ Dini, Paul; Kidd, Chip (1998). Batman Animated. Titan Books. стр. 114. ISBN 978-1-84023-016-1.
- ↑ „Preorder Batman: Mask of the Phantasm in 4K UHD at Amazon“. Архивирано од изворникот 2023-08-11. Посетено на 2023-08-11.