Прејди на содржината

Берлинска зоолошка градина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Берлинска зоолошка градина
Портата на слоновите: еден од двата влеза во зоолошката градина
Карта
Отворена1844
МестоБерлин, Германија
Површина35 хектари (86.5 акри)
Бр. на животни20219 (дек. 2017)
Бр. на видови1373 (дек. 2017)
Посетители годишнопреку 3.5 мил. (2017)
ЧленстваEAZA, WAZA
Мреж. местоzoo-berlin.de/de/

Берлинската зоолошка градина (германски: Zoologischer Garten Berlin) — најстарата и најпознатата зоолошка градина во Германија. Отворена била во далечната 1844 година и се простира на површина од 35 хектари. Зоолошката градина е член на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (EAZA) и Светската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (WAZA). Сместена е во Тиргартен во Берлин. Во зоолошката има над 20219 животни и претставува една од најсеопфатните колекции на видови на животни во светот, со 1373 различни видови (декември, 2017 година).[1][2]

Зоолошката градина, заедно со нејзиниот аквариум, е едно најпосетуваните и најпопуларни места од ваков вид во Европа и во светот. Забележани се преку 3.5 милиони посетители годишно (според податоците од 2017 година). Меѓу најпознатите атракции е и редовното хранење на животните. Тука треба да се споменат глобално познатите животни како на пример: Кнут, поларната мечка и Бао Бао, џиновската панда, кои придонесуваат за надалеку популарниот имиџ на зоолошката градина.

Берлинската зоолошка соработува со голем број на универзитети, истражувачки институти и други зоолошки градини низ целиот свет. Притоа одржува и промовира програми за размножување и заштита на неколку загрозени видови и помага при нивното успешно реинтегрирање во нивниот природен животен прстор или хабитат.

Историјат

[уреди | уреди извор]
Акција на зоолошката градина, издадена на 1 декември 1909 година

Отворена на 1 август 1844 година, зоолошката градина во Берлин била втората зоолошка градина во Германија, по краткотрајната „Тиергартен“ во Хамбург-Хорн. Подоцна, во 1913 година, бил отворен и Аквариумот. Првите животни биле донирани од Фридрих Вилијам IV, крал на Прусија, од менажеријата на островот Пфауенинзел и фазаните на Тиергартен. Блиската метро станица била отворена во 1882 година.

Трет Рајх

Во 1938 година, во обид да се „аријанизира“ институцијата, зоолошката градина ги протерала еврејските членови на одборот и ги принудила еврејските акционери да ги продадат своите акции со загуба. Набрзо, на Евреите им било забрането да ја посетуваат зоолошката градина.[3] Во летото, во 1938 година, Луц Хек бил назначен за шеф на највисоката агенција за заштита на природата во државниот оддел за шумарство (германски: Oberste Naturschütz Behörde im Reichsforstamt) од неговиот пријател Херман Геринг, и во овој капацитет, како вишо одговорно лице за целото управување со природата, раководел и како директор на тогашната Берлинска зоолошка градина.

Втора светска војна

За време на Втората светска војна, зоолошката градина била погодена од сојузничките бомби на 8 септември 1941 година. Меѓутоа најголема штета била направена за време на бомбардирањата на 22 и 23 ноември, 1943 година. Притоа, за помалку од 15 минути, 30% од популацијата на зоолошката градина била убиена во првиот ден. Следниот ден аквариумот бил целосно уништен од директен удар. Преживеал само еден од осумте слонови, слонот Сијам. Преживеал и двегодишниот нилски коњ, Кнаутшке. Најголема штета била нанесена за време на Битката за Берлин. Тогаш, почнувајќи од 22 април 1945 година, зоолошката градина била под постојан артилериски оган од Црвената армија. Жестоките борби прoдолжиле до 30 април. Од безбедносни причини чуварите на зоолошката биле принудени да убијат извесен број од месојадните и од другите опасни животни. Во тоа време во зоолошката градина се наоѓал бункер, заедно со поголема противвоздушна кула, едно од последните упоришта на германскиот нацистички отпор против Црвената армија. На влезот од зоолошката градина имало подземно засолниште за посетителите и чуварите. За време на битката, тука биле згрижени и ранетите германски војници од страна на соодветниот медицински персонал, вклучително и од сопругите на чуварите на зоолошката градина. Разорувачките и жестоки борби, во и околу зоолошката градина, престанале на 30 април 1945 година, кога дошло да предавање на противвоздушната кула и бункерот.

Пребројувањето на 31 мај 1945 година покажало дека само 91 од 3.715 животни преживеале, вклучувајќи две лавчиња, две хиени, азискиот слон Сијам, нилскиот коњ Кнаутшке, десет хамадрија бабуни, шимпанзо и црн штрк. Подоцна, зоолошката градина и придружниот аквариум, се реконструирани врз основа на современи принципи и методи, со цел да им се овозможи на животните да живеат во услови што е можно поблиску до нивната природна средина. Набрзо, ваквиот начин на одгледување на животните, вклучувајќи и на некои од ретките видови, ја покажал успешноста и ефикасноста на овие нови методи.

Повоен период

Сè до 2000та година, се избегнувало да се зборува отворено за историјата на зоолошката градина за време на Третиот Рајх. Тогаш, Вернер Кон, чиј татко бил поранешен еврејски акционер, покренува иницијатива за расветлување на овој мрачен период. Зоолошката градина првично негирала дека еврејските акционери биле принудени да ги продадат своите акции, но, после еден јавен скандал, дошло до официјално признавање на ваквиот чин.[4] Според извештајот на АФП, бил ангажиран историчар за да ги идентификува овие поранешни акционери и да ги пронајде нивните потомци.[5]

Зоолошка градина

[уреди | уреди извор]
Поглед на зоолошката градина во Берлин, од спомен-црквата Кајзер Вилхелм
Група Видови Животни
Цицачи 169 1.044
Птици 319 2.092
Влекачи 69 357
Водоземци 54 639
Риба 562 7.629
Безрбетници 331 8.604
Вкупно (2013) 1.504 20.365

Берлинската зоолошка градина е отворена преку целата година и до неа лесно може да се стигне со јавен превоз. Јавниот превоз е добро организиран и овозможува неколку видови на транспорт, како што се метрото и редовните линии на градски автобуси.

Посетителите можат да влезат во зоолошката преку Портата на Слоновите или преку Портата на Лавовите на Харденбергплац. Оригиналната Порта на Слоновите, изградена во 1899 година, била уништена во Втората светска војна. Подоцна, во 1984 година, Портата била реконструирана, строго придржувајќи се до оригиналните планови.[6]

Зоолошката градина отсекогаш одржувала обемна и разновидна колекција. На почетокот на Втората светска војна имало 4000 птици и цицачи од 1400 видови, додека аквариумот имал 8300 влекачи, водоземци и безрбетници од 750 видови. Во 2001 година, комбинираната колекција броела 14188 животни од 1517 видови.[7] Бројот на изложени поголеми животни постепено се намалувал, бидејќи живеалиштата стануваат сè повеќе дизајнирани за да го симулираат природното живеалиште.

Зоолошката градина води родословија за црни и индиски носорози и гаури. Популациите на ретки елени и свињи се дел од неколку проекти за одгледување во зоолошки услови. Зоолошката градина во Берлин ги поддржува заштитниците на природата во други земји (на пример, во Мадагаскар) и се јавува како партнер на фондација за заштита на видовите.

Зоолошката градина е дом на четири вида големи мајмуни: орангутани, горили, шимпанза и бонобо.

Во куќата на месојадни животни прикажани се сите големи мачки, но и прилично ретки помали предатори, како што се прстенести мангусти и теснопржести мангусти од Мадагаскар. Во подрумот, посетителите се поканети да се запознаат со светот на ноќните животни.

Куќарницата за птици претставува птичарник каде може да се прошета и се нуди широк спектар на птичји видови, вклучувајќи неколку видови на клунорови, кои редовно се размножуваат, и на многу папагали. Бројните птичарници прикажуваат барски птици, чапји и многу други видови. Зоолошката градина во Берлин е една од ретките зоолошки градини што изложува туатара (во аквариумот) и лузонски клунорови.

Аквариум

[уреди | уреди извор]
Аквариумот има една од најголемите колекции на воден свет во Европа.

Аквариумот е изграден во 1913 година, како дел од комплексот на зоолошката градина. Покрај рибите и другиот воден свет, тој е дом на повеќето влекачи, водоземци и безрбетници.

  • Кнут — еден од најпознатите жители на зоолошката градина бил поларниот мечок Кнут. Се родил на 5 декември, 2006 година. За жал, тој и неговиот близнак биле отфрлени од нивната мајка, веднаш по раѓањето. Кунт, подоцна бил одгледан од чуварот на зоолошката, Томас Дорфлајн, и станал центар на внимание на масовни медиуми, феномен што брзо се проширил низ целиот свет. Како резултат на ваквата голема популарност на мечокот Кунт, доаѓа до создавање на бројни играчки со неговиот имиџ, ДВД-а, како и книги и друга видови на ваков вид на маркетинг. Со својата голема популарност, мечокот Кунт значително ги зголемил приходите на зоолошката градина. Во тоа време, во 2007 година, ваквите приходи биле проценети на пет милиони евра. Бројките на посетеност на зоолошката градина во таа година се зголемиле за околу 30%, што допринело тоа да биде најпрофитабилна година во нејзината 165-годишна историја. Кнут починал на 19 март, 2011 година, откако се онесвестил за време на една од своите презентации пред многубројните обожаватели.
  • Бао Бао — мажјакот панда, Бао Бао (1978–2012), бил еден од првите две џиновски панди во Германија и извесно време најстарата позната панда што живеела во зоолошки услови. Во раните осудесетти години од 20-от век, Бао Бао бил сместен заедно со женката панда Тјен Тјен, но таа починала во 1984 година без да даде принова. Помеѓу 1991 и 1993 година, Бао Бао бил позајмен на зоолошката градина во Лондон. Во 1995 година, се враќа назад во неговиот дом во Берлин, каде го чекала друга женка панда, по име Јан Јан. Таа била испратена на позајмица од Кина, во обид да се пари со Бао Бао. И покрај неколкуте експерименти со вештачко оплодување, Бао Бао и Јан Јан не произвеле младенчиња. Јан Јан починала во 2007 година, Бао Бао пет години потоа. Подоцна, во летото 2017 година, две џиновските панди, мажјакот Џиао Кинг и женката Менг Менг, пристигнуваат во зоолошката градина во Берлин. Биле испратени од Кина, позајмени како дел од програмата за размножување. Конечно, после повеќето несупешни обиди во изминатите години со Бао Бао, овој пат, во септември 2019 година, Менг Менг раѓа близнаци - машки панди младенчиња, Пит и Пауле.[8] На 22 август 2024 година, Менг Менг раѓа уште еден пар младенчиња, панди близнаци, овој пат две женки.[9]
  • Фату — женската горила, Фату, родена е на 13 април, 1957 година. Таа дошла во зоолошката градина на околу двегодишна возраст. Во 1974 година, го родила првото горило, Дуфте, кое било одгледано во Берлин.[10] После смртта на Коло, во јануари 2017 година, таа е најстарата жива горила во заробеништво во светот, (сега заедно со американската горила, Труди).

Инциденти / Критики

[уреди | уреди извор]
  • Во 2008 година, Клаудија Хемерлинг, пратеничка од Зелената партија, го обвинила директорот на зоолошката градина, Бернхард Блашкевиц (исто така директор на Тиерпарк Берлин), дека продал стотици животни за колење на одгледувачи во Кина, за лекови за зголемување на потенцијата.[11] Истата година, Блашкевиц признал дека им ги свиткал вратовите на неколку мачиња од домашни мачки пронајдени во зоолошката градина.[12]
  • Во 2009 година, една жена била нападната од поларни мечки, откако скокнала во нивниот зоолошки простор. Жената била итно однесена во болница и преживела.[13]
  • Во 2023 година, вработените во одделот за образование на зоолошката градина, изнеле сериозни обвинувања за експлоатација и непочитување. Истовремено, се пожалиле дека квалитетот во областа на образованието веќе не е приоритет, иако ова била една од главните задачи на една научно функционална зоолошка градина. Ваквите обвинувања ги изнеле на површина проблемите во организацијата. Ова резултирало со бран на отпуштања од страна на зоолошката градина, но и со оставки на извесен број од вработените кои биле незадоволни. Како резултат на тоа, бројот на персоналот бил намален на околу една третина од дотогашниот. Овој зголемен недостиг на персонал создал вакуум и го принудил менаџментот да ги ограничи понудите за организирани тури во зоолошката градина.[14][15][16]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Zoo-Berlin - Artikel“. www.zoo-berlin.de (германски). Архивирано од изворникот на 2019-09-26. Посетено на 2025-10-21.
  2. „Hauptstadt Zoo - Tierpark - Tiere & Wissenswertes - Tierstatistik - Tierstatistik 2013“. www.tierpark-berlin.de (германски). Архивирано од изворникот на 2014-07-12. Посетено на 2025-10-21.
  3. Haaretz. „Berlin Zoo comes to terms with Nazi past, seeks out former Jewish shareholders“. Haaretz.com (англиски). Посетено на 2025-10-21.
  4. „Berlin Zoo seeks Jewish members stripped of shares“. AsiaOne (англиски). 2013-12-07. Посетено на 2025-10-21.
  5. „Berlin Zoo“. Wikipedia (англиски). 2025-07-07.
  6. Elephant Gate (Berlin Zoological Garden) - Elefantentor (Zoologischer Garten Berlin). Band 25: Moehring-Olivié. E. A. Seemann. 1931.
  7. Fradrich, Hans (2002). Guidebook to the Berlin Zoological Garden and its Aquarium (2nd. изд.). Zoologischer Garten Berlin. стр. 15.
  8. „Panda Meng Meng gives birth to twins in Berlin Zoo“. DW.COM (англиски). 2 September 2019. Посетено на 2 September 2019.
  9. tagesschau.de (17 October 2024). „Berlin: Zoo präsentiert Panda-Nachwuchs erstmals der Öffentlichkeit“. tagesschau.de (германски). Посетено на 2024-10-18.
  10. „Zoo Berlin - Herzlich willkommen im Zoo Berlin. - Senior citizens meet for gorilla's birthday“. www.zoo-berlin.de (англиски). Архивирано од изворникот на 2 February 2017. Посетено на 26 January 2017.
  11. Connolly, Kate (2008-03-28). „Berlin zoo accused of profiting from slaughter“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2025-10-21.
  12. Staff, Reuters. „Berlin Zoo chief threatened over kitten killings“. U.S. (англиски). Посетено на 2025-10-21.
  13. Boniface, Susie (2009-04-10). „Shocking pictures and video of woman mauled by polar bear at Berlin Zoo“. The Mirror (англиски). Посетено на 2025-10-21.
  14. „Frust bei Berlins Zoo-Erklärern: „Wie gut eine Führung ist, ist total irrelevant". Der Tagesspiegel Online (германски). ISSN 1865-2263. Посетено на 2025-10-21.
  15. „Zoologischer Garten Berlin als Arbeitgeber: Gehalt, Karriere, Benefits, Unternehmenskultur“. kununu.com (германски). 2025-07-15. Посетено на 2025-10-21.
  16. Schmolzi, Interview: Lukas. „Zoo Berlin: »Ort der Ausbeutung und Geringschätzung«“. nd-aktuell.de (германски). Посетено на 2025-10-21.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]