Бено Русо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бено Русо
Beno-Russo-1.jpg
ПрекариКоки
Роден20 јануари 1920(1920-01-20)
Битола
Починал18 јули 2006(2006-07-18) (возр. 86)
Скопје
Држава Социјалистичка Федеративна Република Југославија
Сопружник/циРоза Камхи

Бено Русо (Битола, 20 јануари 1920Скопје, 18 јули 2006) — македонски Евреин, првоборец, учесник во македонската народноослободителна борба, генерал во Југословенската народна армија.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е на 20 јануари 1920 година во Битола, како второ од трите деца на Исак и Вида (моминско презиме Леви). Неговиот постар брат Дарио е роден во 1916 година, а неговиот помлад брат Алберт во 1924 година. Основно училиште завршил во родниот град. Веднаш штом завршил основно училиште, неговиот постар брат Дарио го вклучил заедно со неговиот помлад брат Алберт во гранката на Хашомер Хацаир во Битола. Се запишал во гимназија во Битола, но не ја завршил, туку од рана возраст почнал да работи во работилница, каде што поправал пушки и секакви машини. Во две наврати се обидел да се запише во воено училиште, но бил одбиен поради дефект на окото.

Откако починал неговиот татко во 1937 година, Бено заминал кај неговиот братучед Моис Леви во Загреб. Таму контактирал со локалниот огранок на Хашомер Хацаир, од каде што бил испратен на хахшара во Нови Сад. Во 1939 година заминал на отслужување на воен рок во Петроварадин кај Нови Сад. Капитулацијата на Кралството Југославија го затекнала во Сараево, по што се вратил во родната Битола.

Лишени од месечната помош која им ја испраќал најстариот брат Дарио, за кој не се знаело каде е, семејството живеело со минимален приход кој го остварувала нивната мајка како шивачка.

По окупацијата на Македонија во април 1941 година, Бено Русо како и многу други млади Евреи станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија СКОЈ, а во август истата година и член на КПЈ и го добил конспиратвното име Коки. Тој бил дел од илегална ќелија од седум членови–занаетчиски работници, а паралелно продолжил да работи и во пушкарско механичарската работилница. Како дел од КПЈ бил активиран во складирање и собирање оружје, парични средства и агитација помеѓу младите и работниците. Во мај и јуни 1942 година Бено два пати бил апсен од бугарската полиција во Битола, но поради недоволно докази по неколку неделен престој во затвор бил ослободен. Во овој период Бено бил секретар на градскиот комитет со кого раководел Стив Наумов. Во септември 1942 година Бено Русо заедно со неговите другари Нисим Алба и Арон Ароести се упатиле кон селото Лавци, каде подоцна на 18 септември истата година биле дел од формирањето на партизанскиот одред „Јане Сандански“. Бено бил назначен за заменик политички комесар. По неколку успешни и неуспешни акции, одредот добил задача да се упати во правец на Кајмакчалан каде требало да се поврзе со прилепските партизански одреди. Во март 1943 година дошло до обединување на партизанските одреди „Јане Сандански“ кој бил битолски одред и „Даме Груев“ кој бил битолско-преспански одред. Кон новоформираниот одред кој броел околу 40тина борци се приклучиле и Алберт Русо, Соломон и Сами Садикарио и Алберт Касорла. Новоформираниот одред се упатил кон планината Вич во Егејска Македонија каде се сретнале и со останатите одреди и изготвиле план за понатамошно делување. Во јули 1943 година Бено престојувал во слободната територија на Дебарца, а на 18 август на Славеј Планина бил учесник во формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ како политички комесар на првата чета. Кон крајот на 1943 година бригадите се преместиле на теренот околу Фуштани Мегленско, Егејска Македонија каде што на 20 декември истата година била формирана Втората македонска народно-ослободителна бригада во која Бено бил назначен за старешина на Прилепскиот партизански одред. Во Фуштани останале се до февруари 1944 година кога го започнале т.н. Февруарски поход. На 12 јуни 1944 година во една од акциите кај селото Стрмашево во вооружен судир со бугарската специјална полициска единица Бено бил полесно ранет во десната нога. Од септември до ноември 1944 година тој учествувал во завршните операции за ослободување на Прилеп и прилепско, а подоцна и во Кичево, Гостивар и Тетово. Со наредба на Главниот штаб Бено бил поставен за политички комесар на Петнаесеттиот корпус кој учествувал во завршните операции за ослободување на Југославија. Во почетокот на јануари 1945 година Петнаесеттиот корпус во чиј состав бил и Бено заминал кон Сремскиот фронт каде учествувал во борбата.

По војната Бено Русо најпрво го довршил гимназиското образование, а во 1946 година се оженил со Роза Камхи со која добиле три деца. Кон крајот на 40тите години од XX век завршил и висока политичко економска школа, а во периодот 1951-52 и виша воена академија. Во 1960 година бил унапреден во Генерал мајор во ЈНА, а потоа и во Генерал потполковник каде што останал активно да работи до 1970 година, по што бил и началник на територијалната одбраната. По неговото пензионирање бил активен во Сојузот на резервни старешини на Македонија како и Сојузот на борци на Македонија.

Бено Русо починал во 2006 година во Скопје.

Одликувања и признанија[уреди | уреди извор]

Забелешка: Списокот на одликувања и признанија може да не е целосен.
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на военото знаме
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на југословенското знаме
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на партизанската ѕвезда
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден за заслуги за народ
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на братството и единството
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден на народната армија
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден за воени заслуги
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Орден за храброст
  • Социјалистичка Федеративна Република Југославија Партизанска споменица од 1941 година

Наводи[уреди | уреди извор]

  • Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (изд. второ.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 292–295.
  • Ристовски, Блаже, уред. (2009). Македонска енциклопедија. М–Ш. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 1290.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]