Бел терор (Македонија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Бел терор — државен терор после поделбата на Македонија во 1913 година, кога балканските монархии спроведувале политика на жесток терор против македонското население. Македонското име и македонскиот јазик биле забранети и прогонувани, како и секакво јавно изразување на македонската етничка свест (јазикот, традициите и народните обичаи). Разни терористички организации („Грчко-македонска тупаница“, „Здружение против бугарските бандити“) го тероризирале македонското население да ја прифати денационализацијата и асимилацијата или да емигрира. Во Вардарскиот дел на Македонија српските власти исто така спроведувале државен терор против македонскиот народ со изговор дека водат борба против ВМРО.

Во Егејскиот дел на Македонија грчките власти спроведувале политика на етнички геноцид над македонското население. Врз основа на Kонвенцијата за „доброволно иселување“, 86.000 Македонци биле принудно протерани во Бугарија. Се вршел силен притисок за иселување и на останатото македонско население (трагедијата во с. Tрлис, 1924). Грчката политика на теророт кулминирала во периодот на Метаксасовата диктатура (1936–1940), кога 5.000 Македонци, поради употребата на македонскиот јазик, биле пратени по грчките затвори и логори. Во Пиринскиот дел на Македонија ВМРО со ликвидации се пресметувало со своите политички опоненти.

Во периодот на Втората светска војна продолжила политиката на терор против македонското население. Во Егејскиот и во Вардарскиот дел на Македонија биле прогонувани приврзаниците на македонското национално и антифашистичко движење.

Во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949) политиката на бел терор на грчката држава кулминирала: повеќе од 20.000 Македонци го загубиле животот, а терор се вршел и врз цивилното население (трагедијата во с. Б’мбоки и Загоричани); 60.000 (меѓу нив и 20.000 деца) биле принудени да емигрираат во источноевропските земји.

Во Пиринскиот дел на Македонија, по укинувањето на Kултурната автономија (1948), продолжила политиката на прогон. И во НРМ властите вршеле одредени видови репресија врз политичките неистомисленици и опоненти („автономисти“, „националисти“ или „информбировци“).

Литература[уреди | уреди извор]

  • С. Kиселиновски, Грчката колонизација во Егејска Македонија (1913–1940), Скопје, 1981;
  • Хр. Aндоновски, Вистината за Егејска Македонија, Скопје, 1971.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  • Може ли историјата да се скрие под тепих? demokratskisojuz.org.mk
  • Македонците го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци. www.mn.mk