Прејди на содржината

Бел жедник

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бел жедник
Бел жедник во Италија
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
Ред: Каменоломковидни
Семејство: Дебелци
Род: Жедник
Вид: Бел жедник
Научен назив
Sedum album
L.

Бел жедник (науч. Sedum album) — вид повеќегодишно цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Жедник (Sedum) од семејството Дебелци (Crassulaceae). Природно се среќава во северните умерени региони на светот, често растејќи во пукнатини или во добро дренирана карпеста почва. Поголемиот дел од годината расте вегетативно а цвета во лето.[1]

Опис и распространетост

[уреди | уреди извор]

Ова е голо растение со тенок разгранет и ползечки ризом, со бројни стерилни гранчиња и цветни стебленца. Стебленцата се високи 5-20 см, исправени, во основата благо закривени и обраснати со листови по целата должина. Листовите се спирално наредени, зелени или со црвеникава нијанса, со линејно-цилиндрична, обратно-јајцевидна или речиси округла форма. Горната страна е рамна или благо испакната, а долната полукружна. Долги се 4-12 мм, широки 2-6 мм, со тап врв и мало шпоресто продолжение во основата. Кај цветните стебленца, листовите се поретки, а кај стерилните гранчиња погусти. Цветовите се петчлени, бројни, со долги дршки, собрани во густи и разгранети штитовидни соцветија. Чашкините ливчиња се помали од 1 мм, јајцевидни, со тап врв и во основата меѓусебно сраснати. Венечните ливчиња се 3-4 пати подолги од чашкините, долги 2-5 мм, бели или светлорозови со црвена жилка во средината, понекогаш розови, со врв што може да биде тап или остар. Има 10 прашници со бели филаменти, долги колку венечните ливчиња, и антери со темно-виолетова боја. Плодните мешунки се пет на број, исправени, долги 3-4 мм, со кремова или розова боја и издолжени столпчиња.[2]

Во Македонија расте претежно на варовнички каменести терени и карпи, до 2300 метри надморска височина. Овој вид е забележан на Водно, Жеден, Скопска Црна Гора, Јакупица, Шар Планина, Мавровско, Бистра, Кораб, Галичица, Дудица, Кожуф, Козјак (Прилепско), како и во клисурите на Мавровска Река, Радика и Демир Капија.[2]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Castillo, F J (9 December 2004). „Antioxidative protection in the inducible CAM plant Sedum album L. following the imposition of severe water stress and recovery“. Oecologia. Springer Berlin / Heidelberg. 107 (4): 469–477. doi:10.1007/BF00333937. PMID 28307389.
  2. 1 2 Мицевски, Кирил (1998). Флора на Република Македонија Том I, св. 4. Скопје: МАНУ. стр. 1059–1060.