Белоруски јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Белорускиот јазик)
Белоруски јазик
беларуская мова
Изговорбеларускаjа мова
Застапен воБелорусија, Полска и во белоруската дијаспора
Говорници4 до 9 милиони  
Јазично семејство
Писмобелоруска азбука
Статус
Службен во Белорусија и неколку општини во источна  Полска[1]
Малцински јазик: Украина
Регулативен органНационална академија на науките на Белорусија
Јазични кодови
ISO 639-1be
ISO 639-2bel
ISO 639-3bel
{{{mapalt}}}
Распространетост на белорускиот јазик.
Белоруски јазик
Беларуская мова
„Белоруска граматика“

Белорускиот јазик (кирилица: беларуская мова, латиница: biełaruskaja mova) или поретко именуван како белорутенски јазик, е источнословенски јазик и мајчин јазик на Белорусите. Белорускиот јазик е службен јазик во Белорусија, каде се наоѓаат најголемиот број белоруски говорници, но јазикот се зборува и во Русија, Полска, Украина и меѓу останати белоруски заедници во дијаспората.[2] Белорускиот јазик се служи со белоруската азбука која е заснована на кирилицата, но јазикот може да се пишува и со латиничната белоруска азбука. Овој јазик го зборуваат од 4 до 9 милиони жители во светот. Белорускиот јазик споделува јазични одлики со рускиот и украинскиот јазик.

Според пописот во Белорусија од 1999 година, белорускиот јазик е „јазик кој се зборува дома“ од околу 3.686.000 белоруски граѓани или 36.7% од вкупното население.[3] Според истиот попис, 85.6% или 6.984.0000 од Белорусите се изјасниле дека белорускиот им е мајчин јазик. Според други извори, 6.715.000 луѓе во Белорусија и 9.081.102 во остатокот од светот зборуваат белоруски.[4] Според истражување извршено од белоруската влада во 2009 година, 72% од Белорусите зборуваат руски по дома, додека белорускиот се зборува од само 11.9%. Според истото истражување, 29.4% од Белорусите можат да пишуваат, читаат и зборуваат белоруски, додека остатокот можат само на читаат и зборуваат белоруски.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Денес постојат различни имиња со кои се именува јазик или пак се именувал низ историјата. Некои од нив се сосема различни од стандардното именување на јазикот, особено тие кои се однесуваат за старобелорускиот период.

Официјално
  • Белоруски (беларуская) - е името на јазикот кое се користи во македонскиот јазик и доаѓа од името на државата. По истиот принцип се именува јазикот и од самите Белоруси.
  • Бјелоруски (белорусский) - е име кое се користело за транскрипција во останатите јазици и потекнува од рускиот назив за белорускиот јазик. Денес, вака се именува во рускиот јазик и низ историјата. Не се користи во македонскиот јазик.
  • Белорутенски - алтернативно име за јазикот.
Алтернативни имиња
  • Големолитвански (вялікалітоўская) – предложен и користен назив од Јан Станкиевич уште од 1960-те.
  • Кривиски (крывіцкая/крывічанская/крыўская, полски: język krewicki) – според словенското племе Кривичи, едно од главните племиња кои ја формирале белоруската нација. Терминот е создаден во 19 век.
Останати
  • Едноставен (простая) или локален (тутэйшая ) – термини кои се користеле во врмето пред модерното оформување на белоруската нација.
  • Едноставен црнорутенски (руски: простой чернорусский) – термин кој се користен на почетокот на 19 век од рускиот истражувач Барановски.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Денешниот белоруски јазик бил повторно основан (оживеан) врз основа на говорни остатоци од старобелорускиот јазик. Овие остатоци биле мали дијалекти кои преживеале на територијата на Белорусија. До крајот на 18 век, старобелорускиот јазик бил сè уште присутен меѓу белоруската аристократија во Големото војводство Литванија Јан Чечот, познат белоруски поет и полски аристократ, изјавил дека дури и дедовците од неговото време зборувале на старобелоруски.[6] Како секојдневен, разговорен јазик, белорускиот се користел во помалите градови и во селските средини. Покрај разговорната употреба, јазикот се користел и за усните преданија и за потребите на фолклорот.

Развојот на современиот белоруски јазик во 19 век бил под силно влијание на политичкиот конфликт на териториите на Големото војводство Литванија меѓу руските империјалисти и полската аристократија[7] Една од главните манифестации на овој конфликт била борбата за идеолошка контрола врз образовниот систем. Полскиот и рускиот се воведувале и тргнувале од употреба, а тоа довело до слаба писменост меѓу населението.[8]

Првите две декади на 19 век биле сведоци на големиот просперитет на полската култура и јазик во рамките на Големото војводство Литванија. Тоа довело до владеење на една политичко-кулрурна ера која Адам Микиевич и Владислав Сирокомла ја опишале како „Белоруси по род - Полјаци по избор“. Во овој период биле полинизирани малите аристократски заедници, понатамошно намалување на употребата на белорускиот јазик и фолклоризирање на белоруската култура.[9] Поради државата, народното образование и силната полска контрола, белорускиот образовен елемент започнал да се појавува во 1880-те или 1890-те години.[10]

Стандардизирана граматика[уреди | уреди извор]

За време на XIX и XX век, не постоела стандардизирана белоруска граматика. Различните белоруски автори пишувале на стандард за кој тие мислеле дека е соодветен. Така, кај авторите, односно писателите, се увидуваат одликите на дијалектите на кои пишувале. Оваа состојба е слична со состојбата на македонскиот јазик во 19 век. Првите научни принципи за воведување и воспоставивање стандардна белоруска граматика биле воспоставени од јазичарот Јефим Карски.

До раните 1910-те години, непостоењето на кодифицирана белоруска граматика станала главна пречка за обединувачките погледи за белорускиот јазик. Во тоа време, рускиот академик Алексеј Шахматов, претседател на Одделот за руски јазик и книжевност на Санктпетербуршкиот државен универзитет, стапил во контакт во уредниците на белоруското списание „Наша нива“ и им предложил под негова супервизија да биде квалификуван еден белоруски јазичар за да може да ја подготви документацијата за белоруската граматика. Првично, познатиот белоруски поет Максим Багданович требало да ја биде дел од иницијативата на рускиот јазичар. Сепак, поради кревкото здравје на Багданович (кој бил болен од туберкулоза) бил спречен да отпатува во Санкт Петербург. Така, на негово место бил назначен Бранислав Тарашкиевич.

Голем интерес за овој процес се пројавил меѓу белоруската заедница. Така, познатиот белоруски поет Јанка Купала му испратил писмо на Тарашкиевич со кое го посоветувал „да побрза со неговата многу потребна работа“. Тарашкиевич работел на подготвувањето на граматиката за време на периодот 1912 до 1917 година. Академците Алексеј Шахматов и Јефим Карски му помогнале на Тарашкиевич при подготовките и изработката. Тарашкиевич завршил со граматиката во есента 1917 година.

Тарашкиевич се соочил со технички проблеми за печатење на граматиката, како на пример недостаток на хартија или квалификуван персонал. Во меѓувреме, сè повеќе се развила идејата за воведување на граматиката во работничките и селските училишта кои биле планирани за отворање во Белорусија. Белорускиот комитет испратил петиција до администрацијата со која се барало печатење на книгата и така, првото издание на „Белоруската граматика за училишта“ била издадена во Вилнус во 1918 година. Тарашкиевич отпатувал во Вилнус во јуни 1918 година и таму била издадена книгата.

Покрај овој значаен обид за издавање на белоруска граматика од страна на Тарашкиевич, постојат уште два други обида за кодифицирање на белоруската граматика. Балјаслав Пачопка подготвил белоруска граматика, а како основно писмо ја користел латиницата. Според Степан Нјекрашевич, граматиката на Пачопка не е научна и го игнорирала принципите на белорускиот јазик. Во 1918 година, за неодредено време, граматиката на Пачопка се користела во одреден број училишта. Покрај Пачопка, заедничка белоруска граматика издале и А Луцкиевич и Ј. Станкиевич, граматика која значително се разликувала од таа на Тарашкиевич во некои клучни аспекти.

Класификација[уреди | уреди извор]

Јазичарите сè уште не се согласни за тоа дали белорускиот, украинскиот и русинскиот се дијалекти од еден јазик или тие се посебни словенски јазици. Овој проблем настанал поради големата сличност меѓу овие јазици.[11] Овие јазици се дел од источнословенските јазици и тие се потомци на еден заеднички јазик. Белорускиот, украинскиот и русинскиот се класифицираат како посебни јазици[12]. Белорускиот јазик споделува најмногу случности со украинскиот јазик.[13]

Дијалекти[уреди | уреди извор]

Дијалекти
  Североисточни
  Средни
  Југозападни
  Западни палиски
Линии
  Белоруско говорно подрачје [14]
  Источна граница на руските западни дијалекти[15]
  Граница помеѓу белоруски, украински и руски[16]

Белорускиот јазик е составен од две големи дијалектни групи, североисточни и југозападни дијалекти. Додатно на овие два, постојат и транзиционите средни дијалекти и западните палиски дијалекти.

Северозападниот и југозападниот дијалект се поделени со замислената дијалектолошка граница Ашмјани-Минск-Бабрујск-Хомел. По оваа граница се протегаат средните дијалекти на белорускиот јазик.

Североисточните дијалекти се главно окарактеризирани со присуството на „меко р“ и силна редукција на самогласки. Југозападните дијалекти се главно окарактеризирани со присуството на „силно р“ и средна редукција на самогласки.

Западните палиски дијалекти лингвистички се поразлични од останатите белоруски дијалекти и се поблиски со украинскиот јазик од повеќе аспекти. Овие дијалекти се одделуваат од останатите со замислената дијалектолошка граница Пружани-Ивацевичи-Телехани-Лунинјец-Столин.

Правопис[уреди | уреди извор]

Белорускиот јазик има две стандардни правописни норми. Едната норма е стандардниот белоруски правопис, а другата норма се нарекува тарашкевица или класичен правопис. Терашкевицата била воведена од Бранислав Тарашкиевич во 1918 година, и во Белорусија официјално се користела до 1933 кога се реформирал правописот во денешниот..[17][18][19][20][21][22][23][24][25]

Азбука[уреди | уреди извор]

Белоруската азбука е заснована на кирилицата. Модерната верзија на кириличната белоруска азбука била создадена во 1918 година и има 32 букви. Низ историјата, белорускиот јазик се пишувал со латиница и со арапско писмо.

белоруска азбука
Аа Бб Вв Гг Дд Ее Ёё Жж Зз Іі Йй Кк Лл Мм Нн Оо Пп Рр Сс Тт Уу Ўў Фф Хх Цц Чч Шш Ыы Ьь Ээ Юю Яя
македонски еквиваленти
а б в грлен глас,
г
д је јо ж з и/ ји ј к л м н о п р с т у нема ф х ц ч ш нема нема е ју ја
Белешка: За да видите како точно се изговараат белоруските гласови кои ги нема во македонскиот, видете ја статијата белоруска азбука.

Официјално, буквата г ги претставува гласовите /g/ и /ɣ/. Буквата ў се изговара како англиско w, буквата ы е иста како руската и се изговара како затворено и. Буквата ь се користи за палатизација на согласки. Африкатите во јазикот се помеки одошто во македонскиот и буквата і се изговара и како /i/ и како /ji/. Во јазикот се користат и диграфите дз и дж за буквите ѕ и џ.

Граматика[уреди | уреди извор]

Модерната белоруска граматика е стандардизирана во 1959 година, со мали измени во 1985 година. Првично, белоруската граматика се засновала на зададените граматички и правописни принципи на Бранислав Тараскевич, кој првата верзија ја објавил во 1918 година во Вилнус. Историски гледано, имало неколку обиди за стандардизирање на белоруската граматика.

Белорускиот јазик е синтетички јазик со присуство на одредени аналитички норми. Белорускиот правопис е фонетски, како и македонскиот, и се заснова на белорускиот народен говор од регионот Минск - Вилнус. Како и останатите словенски јазици, белорускиот јазик има падежи, поточно 6 на број.

Фонологија[уреди | уреди извор]

Иако белорускиот јазик е сроден и сличен со останатите источнословенски јазици, во фонолошки поглед јазикот се разликува во неколку црти. Бројот на фонеми во јазикот се движи од 45 до 54, односно: 6 самогласки и 39 до 48 согласки во зависност од тоа како се бројат. Така на пример ако не сметата геминираните (подолги) согласки, тогаш во јазикот има 39 согласки. Вкупниот број на согласки и варијации на согласки е 48.

самогласки
белоруски МФА пример
i /i/ лiст ('лист')
э /ɛ/ гэты ('ова')
ы [ɨ] мыш ('глушец')
a /a/ кат ('извршител')
у /u/ шум ('шум, галама')
о /ɔ/ кот ('мачка')

согласки
усни забни/алвеоларни посталвеоларни меконепчени
тврда мека тврда мека мека тврда
носни m n̪ʲ    
експлозивни p b (ɡʲ) k (ɡ)
африкативни t̪s̪ d̪z̪ t̪s̪ʲ d̪z̪ʲ
фрикативни f v s z ʃ ʒ ɣʲ x ɣ
вевни r
апроксимантни l̪ʲ   j (w)

Некои белоруски изрази[уреди | уреди извор]

Белоруски јазик
Писмо кирилица и латиница
Пример Прв член од „Декларацијата за човекови права“
Текст Усе людзi нараджаюцца свабоднымi i роўнымi ў сваёй годнасцi i правах. Яны надзелены розумам i сумленнем i павiнны ставiцца адзiн да аднаго ў духу брацтва.
Македонски Сите човечки суштествa се раѓaaт слободни и еднакви по достоинство и правa. Tиe се обдарени со разум и совест и требa да се однесувaaт еден кон друг во дуxот на општо човечкaтa припaдност.
Портал: Јазици
  • Прывiта́нне - Здраво
  • До́брай ра́нiцы - Добро утро
  • До́бры дзень (Дабры́дзень) - Добар ден
  • До́бры ве́чар - Добро вечер
  • Дабра́нач — Добра ноќ
  • Да пабачэ́ння — Довидување
  • Як ты? (Як у цябе́ спра́вы? Як ма́ешся?) — Како си?
  • Як вы? (Як у ва́с спра́вы? Як ма́ецеся?) - Како сте?
  • Што ро́бiш? — Што правиш? Како си?
  • Што ро́бiце? - Што правите? Како сте?
  • У мяне́ ўсё до́бра - Добар сум
  • Усяго́ до́брага - Сѐ најдобро
  • З днём нараджэ́ння! - Среќен роден ден!
  • Дзя́кую - Благодарам
  • Дзя́куй - Фала
  • Калí ла́ска - Молам
  • Дару́йце! - Простете!
  • Праба́чце! - Извинете!
  • Праба́ч! - Извини.
  • Ко́лькi гадзíн? - Колку е часот?
  • Ці гаво́рыце вы...? - Дали зборувате ...?
...па-англíйску - англиски
...па-балга́рску - бугарски
...па-македо́нску - македонски
...па-се́рбску - српски
...па-грэ́часку - грчки
...па-францу́зску - француски
...па-няме́цку - германски
...па-iталья́нску - италијански
...па-iспа́нску - шпански
  • Так - Да
  • Не - Не
  • Магчы́ма - Можеби
  • Ху́тка паба́чымся - Ќе се видиме наскоро
  • Уба́чымся за́ўтра - Ќе се видиме утре

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. У Падляшскім ваяводстве беларуская мова прызнана афіцыйнай
  2. Ethnologue.
  3. Од овие само 41.3% се Белоруси.
  4. (Johnstone and Mandryk 2001) as cited on Ethnologue.
  5. Acc. to: Улащик Н. Введение в белорусско-литовское летописание. – М., 1980.
  6. [Dovnar 1926] Ch. XVII Sec.1
  7. [Dovnar 1926] Ch. XXII Sec.1 p.507
  8. [Dovnar 1926] Ch. XV Sect. 10.
  9. Per (Dovnar 1926), (Smalyanchuk 2001)
  10. [Dovnar 1926] Ch. XV Sect. 7
  11. Alexander M. Schenker. 1993. "Proto-Slavonic," The Slavonic Languages. (Routledge). Pp. 60-121. Pg. 60: "[The] distinction between dialect and language being blurred, there can be no unanimity on this issue in all instances..."
    C.F. Voegelin and F.M. Voegelin. 1977. Classification and Index of the World's Languages (Elsevier). Pg. 311, "In terms of immediate mutual intelligibility, the East Slavic zone is a single language."
    Bernard Comrie. 1981. The Languages of the Soviet Union (Cambridge). Pg. 145-146: "The three East Slavonic languages are very close to one another, with very high rates of mutual intelligibility...The separation of Russian, Ukrainian, and Belorussian as distinct languages is relatively recent...Many Ukrainians in fact speak a mixture of Ukrainian and Russian, finding it difficult to keep the two languages apart..."
  12. Bernard Comrie and Greville G. Corbett, ed. 1993. The Slavonic Languages (Routledge).
    Ethnologue, 16th edition.
    Bernard Comrie. 1992. "Slavic Languages," International Encyclopedia of Linguistics (Oxford). Vol. 3, pp. 452-456.
  13. Roland Sussex, Paul V. Cubberley. (2006). The Slavic languages . Cambridge: Cambridge University Press. pg. 518
  14. 1903, Yefim Karskiy
  15. 1967, Zaharova, Orlova
  16. 1980, Bevzenk
  17. Гісторыя Беларусі. Вучэбн. дапаможнік / В.І. Галубовіч, З. В. Шыбека, Д. М. Чаркасаў і інш.; Пад рэд. В.І. Галубовіча і Ю. М. Бохана. — Мн.: Экаперспектыва, 2005. — 584 с. ISBN 985-469-120-9. С. 400
  18. Московский Государственный Университет им. М. В. Ломоносова. Филологический факультет. КОРЯКОВ Юрий Борисович. Языковая ситуация в Белоруссии и типология языковых ситуаций. Диссертация на соискание ученой степени кандидата филологических наук. Научный руководитель — доктор филологических наук, профессор В. М. Алпатов. С. 49 [1].
  19. Віктар Гаўрыш. Рэформы правапісу не будзе. Вяртання да тарашкевіцы таксама // Беларуская думка, общественно-политический и научно-популярный журнал Администрации Президента Республики Беларусь. № 11, ноябрь 2007
  20. Ганна Кісліцына[мртва врска]. Новая літаратураная сітуацыя: змена культурнай парадыгмы Архивирано на 6 јули 2011 г. // Лекцыі, Беларускі калегіюм.
  21. Скарыназнаўства, кнігазнаўства, літаратуразнаўства: Матэрыялы ІІІ Міжнар. кангрэса беларусістаў «Беларуская культура ў дыялогу цывілізацый» (Мінск, 21-25 мая, 4-7 снеж. 2000 г.) / Рэдкал.: У. Конан (гал. рэд.) і інш. — Мн.: «Беларускі кнігазбор», 2001. — 364 с. — (Беларусіка = Albaruthenica; Кн. 20). ISBN 985-6638-34-8 °C. 26 [2] Архивирано на 8 октомври 2009 г.
  22. Международная конференция «Судьбы языков: Вопросы внешней и внутренней истории» // Вестник ПСТГУ III: Филология 2007. Вып. 1 (7). С. 220
  23. „Зьміцер Саўка. Мазаічная артаграфія // Часопіс «Arche»“. Архивирано од изворникот на 2009-11-30. Посетено на 2012-05-18.
  24. Законопроект о белорусской орфографии сохраняет принцип преемственности с существующими правилами — А.Лукашанец Архивирано на 7 мај 2020 г. // БЕЛТА, 28.06.2008
  25. Оксана Мытько. «Сьнег» не пойдет, но белорусское правописание ждут перемены Архивирано на 6 јули 2011 г. // «7 дней» № 16 от 20.04.2002

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Wikibooks
Wikibooks
Англиските Викикниги нудат повеќе материјал на тема: