Безлична реченица

Од Википедија — слободната енциклопедија

Безлични се оние реченици кај кои прирокот не отвора место за подмет[1].

Дејствата или состојбите во овие реченици се без некаков вршител затоа што:

не сме во состојба да го именуваме вршителот (Грми.);

може да го именуваме, но не сакаме; се апстрахираме од вршителот давајќи му предност на дејството (Тука се работи деноноќно.);

вршителот е сигнализиран со кратка заменска форма (Му се спие.);

со безличниот глагол има, во неговото значење постои (Тука има многу непријатели.).

Во овие реченици глаголот (прирокот) може да се поврзува со другите реченични членови, на пример со предметот, но не и со подметот.

Видови 1. Безлични реченици со глаголски прирок.

На пример:

Грми. Студи. Врне.

а) Кај некои од овие реченици дејството може да се поврзе со лице, па тогаш употребуваме и кратка заменска форма.

На пример:

Ми студи.

б) Безлични реченици може да се образуваат и со глаголи кои може да се менуваат по лица.

На пример:

Тука се јаде добро.

На таа тема не се зборува.

в) Глаголите може да ги поврземе и со кратка заменска форма.

на пример:

Ми се јаде.

Не ми се зборува.

г) Безлични реченици, уште наречени и егзистенцијални, се образуваат и со глаголот има/нема.

На пример:

Има вечера за сите.

Нема правда!

2. Безлични реченици со глаголско-именски прирок.

Ништо не ми е!

Беше ноќ.

Сосема е разденето.

Така требало да биде.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Билјана (2010-12-03). „Безлични реченици“. Македонски јазик и литература. Посетено на 2019-09-11.