Бања Баниште
Бањата Баниште е сместена во подножјето на планината Крчин, на надморска височина од 870 метри. Планинскиот простор во кој се наоѓа не е пречка за да се дојде до оваа бања. Во нејзина близина се наоѓа регионалниот пат Скопје – Дебар – Охрид, од кој се двои асфалтен пат до бањата.
Физичко-хемиските особини на водата во бањата Баниште се основна атрактивно – мотивска вредност.
Во бањата се јавуваат три извори и тоа: Нова Каптажа, Горни Базен и Долни Базен. Овие извори се разликуваат според штедроста и според температурата и радиоактивноста на водата.
Највисока температура на водата има изворот Долни Базен, која изнесува 39,3 °C. Најниска температура на водата има во Горниот базен, каде изнесува 36 °C, додека во Новата Каптажа има вредност од 38,8 °C.
Штедроста на Новата Каптажа изнесува преку 51 l/sec, во Долниот Базен 35 l/sec, а во Горниот Базен 5,2 l/sec. Според тоа температурата на водата изнесува околу 38 °C, а количеството на вода околу 91 l/sec.
Радиоактивноста е најголема во Новата Каптажа, каде изнесува 26,75 m.e, во Горниот Базен е 20,65 m.e, а во Долниот Базен 16,89 m.e. Водата поседува анјони на сулфат, хлорид, хидрокарбонат, хидроборат и хидроарсенат, катјони на калциум, магнезиум, натриум, калиум, и железо, колоидни растворени оксиди на мангандиоксид и силициумдиоксид, растворени гасови на јагленороддиоксид, сулфурводород амонијак и сулфурдиоксид, потоа елементи на литиум, цезиум, рибидиум и флуор, како и слободни гасови на сулфурводород, јаглендиоксид, кислород и водород.
Бањата овозможува успешно лечење на следниве болести:
- Сите видови на субакутен и хронично воспалителен ревматизам;
- Дегенеративен ревматизам на сите зглобови и ревматизам во рбетниот столб;
- Сите форми на ревматични болести
- Сите вонзглобни ревматизми;
- Слабост на мускулите по траума на зглобовите и преломи на коски;
- Кожни болести, псорјаза габични и др;
- Долготрајни заболувања на желудникот и регулација на киселините;
- Заболувања на жолчката,
- Белодробни заболувања
- Песок и поситен камен во мочните патишта и канали;
- Лесни форми на шеќерна болест;
- И други видови заболувања.
Водите во ова лечилиште може да се користат и во рекреативно – превентивна и рехабилитациона смисла.
Околниот простор е проткаен со бројни видици кои можат да се искористат за набљудување на дисецираниот релјеф и пејсажните вредности во долината на реката Црн Дрим, што овозможува целосна реституција. Освен тоа, медитеранските влијанија кои се чувствуваат во климата на овој простор и разновидните флористички елементи се погодности за прошетки. Уредувањето на патеки за ваква намена и видиковците треба да бидат основа во користењето на бањскиот простор за повеќе рекреативно – туристички активности. Во бањата може да се користи старата бања која се користела уште во турско–османлискиот период и новите објекти. Во новите објекти се наоѓаат средства со чија помош можат да се применуваат и други видови терапии, покрај водените терапии со што извонредно се комбинираат.