Баудолино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Обновен дел од ѕидините на Константинопол
Баудолино
Корица на првото издание на италијански
АвторУмберто Еко
Изворен насловBaudolino
ЗемјаИталија
Јазикиталијански
ЖанрИсториски роман, speculative fiction
ИздавачБомпјани (Италија)
Секер и Варбург (ОК)
Харкур (САД)
Арс ЛИБРИС (Македонија)
Издадена
2000
Медиумпечатен (мек повез)
Страници616 (издание на Арс ЛИБРИС)
ISBN978-608-247-791-6 (издание на Арс ЛИБРИС)

Баудолино (италијански: Baudolino) – роман на италијанскиот писател Умберто Еко оригинално објавен во 2000 година. Во романто Еко го опишал главниот јунак Баудолино, кој раскажуа за своите авантури во средниот век во христијанска Европа, како и малку познатиот митологиски свет опишан во средновековната книжевност.[1] Како и во претходните романи, Еко го искористил своето познавање на средновековната книжевноста за да напише епска приказна полна со комични ситуации, истовремено опишувајќи важни прашања на тоа време.

Романот бил објавен на македонски јазик во 2017 година во издание на Арс ЛИБРИС.[2]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во 1204 година Баудолино пристигнува во Цариград точно кога поборниците на Четвртата крстоносна војна се обидуваат да го соборат византискиот цар. Во тој хаос кој на крајот ќе придонесе за пропаѓање на градот, Баудолино го среќава Никетас Конијатос, историчар на кралскиот двор и му го спасува животот во Аја Софија, додека крстоносците ја пљачкале. Никетас бил воодушевен со јазичката надареност на Баудолино, бидејќи овој не само што добро зборувал грчки, туку и сите јазици за кои Никетас чул, па се чудел кој бил Баудолино.

Приказната почнува во 1155 година кога Баудолино како тринаесетгодишник го усвојува римско-германскиот цар Фридрих I Барбароса. На дворот, но и на бојното поле, Баудолино бил подучуван на латинскиот јазик и на сè што било поврзано со борбата за превласт во северна Италија. Подоцна бил испратен во Париз да стане учена личност.

Во Париз сретнува интересни луѓе кои влијаат врз него и заради кои добива желба за патувања и авантури. Почнува да сањари за патување во мистичната држава „На свештеникот Иван“ за која начул во Париз.

Баудолино го пронаоѓа Светиот грал иго уверава царот Барбароса да го препушти "На свештеникот Иван". Царот тогаш ја започнува Третата крстоносна војна, но погинува под сомнителни околности. Историјата кажува дека Барбароса се удавил во Мала Азија, но Еко одлучил да уфрли уште поединости во оваа приказна. Откако Баудолино останал сам, на своја рака одлучил да го продолжи патувањето. Иако во почетокот романот изгледа доста реалистичен, подоцна читателот станува изненаден со описите на шумата во Абхазија која не пропушта сончева светлина, митски битија како еднорог, описите на евнуси и човечки битија налик на животни опишани во средновековната книжевност.

Сан Баудолино е заштитник на италијанскиот град Алесандрија, во кој е роден Умберто Еко, како и останатите ликови од романот. На Сан Баудолино во 1189 година му била посветена една црква во градот. Во црквата се наоѓа кип на селанецот Аулариј кој го спасил градот за време на опсадата на градот од страна на Барбароса.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Barbolini, Roberto (20 ноември 2012). Panorama (уред.). „Intervista all'Autore“. Архивирано од изворникот на 4 март 2016. Посетено на 10 јули 2016.
  2. Баудолино Архивирано на 26 јули 2020 г. на семрежното место на literature.mk

Надворешни врски[уреди | уреди извор]