Батаљон за почести

Од Википедија — слободната енциклопедија
Батаљон за почести
Ознака на единицата
Активна1992-2002 (1. Гардиска бригада)
2002-сè уште
ЗемјаМакедонија Македонија
Припадност АРМ
Касарна„Илинден“, Скопје
ГеслоLux Aeterna (Вечна светлина)
Годишнини11 ноември - Ден на единицата
ОдликувањаОрден за воени заслуги
Команданти
Тековен
командант
Иван Атанасоски

Батаљонот за почести е самостоен батаљон, официјална церемонијална единица на Армијата на Република Македонија. Како таква, таа извршува церемонијални активности како што се оддавањето на воени почести, одбележување на празници, воени свечености, церемонии, полагање венци, промена на државните знамиња и слично[1][2].

Како самостоен батаљон, единицата одговара директно пред Генералштабот на АРМ и е дел од шестте главни тела во структурата на армијата. Батаљонот е формиран во 2002 година, а неговиот претходник, Првата Гардиска бригада, формирана е во 1992 година. Нејзиното најстаро тело, Воениот оркестар, датира уште од 1944 година.

Поради своите заслуги во претставувањето на армијата и државата, Батаљонот за почести во 2017 година е одликуван од Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов со Орден за воени заслуги, високо воено одличје кое се доделува за храброст и истакната служба на воен план.

Историја[уреди | уреди извор]

Припадници на батаљонот при свеченост пред споменикот „Македонија“ во Струмица.

По осамостојувањето на СР Македонија и раѓањето на денешната Република Македонија се јавила потребата од воена единица која ќе ги извршува церемонијалните потреби на војската и државата — оддавање на воени почести, одбележување на празници, воени свечености, церемонии и полагање венци, промена на државните знамиња и слично. Со таква цел во касарната „Илинден“ во Скопје на 26 март 1992 година била формирана Првата Гардиска бригада врз чиј темели се заснова денешниот Батаљон за почести.

Денешниот батаљон е формиран на 22 јули 2002 година под името Гардиски батаљон за почести и опслужување. Неговиот состав е пополнет и со старешините кои своето искуство го стекнале при работата во Првата Гардиска бригада. Последната структурна промена на батаљонот се случува на 1 април 2012 година кога тој е именуван во Батаљон за почести и добива ранг на самостоен батаљон, директно одговорен пред Генералштабот на АРМ[3][4].

Во однос на Денот на Батаљонот за почести, оваа единица е различна од другите армиски единици затоа што оваа свеченост не се одбележува на денот кога е формирана единицата, 22 јули, или пак 26 март, кога е формирана Првата Гардиска бригада, туку на 11 ноември, кога во 1943 година е формирана првата бригада на народноослободителната борба — Првата македонско-косовска ударна бригада. Одлуката е донесена бидејќи единицата се смета за носител на традициите на народноослободителната бригада, формирана во селото Сливово, кичевско.

Структура[уреди | уреди извор]

Визуелен приказ на структурата на Баталјонот за почести
Визуелен приказ на структурата на Батаљонот за почести

Воен оркестар[уреди | уреди извор]

Ознака на Воениот оркестар.

Во рамките на Батаљонот за почести функционира и воениот оркетар кој е професионален воен дувачки оркестар, единствен од ваков карактер во Македонија. Тој настапува на значајните протоколарни активности и свечености во организација на армијата, претседателот и другите високи државни институции. Оркестарот изведува различни жанрови на музика од домашни и странски автори, меѓу кои класична музика, поп-музика, маршевска музика и слично.

Воениот оркестар датира уште од 1944 година. Тој бил формиран во селото Голеш, битолско како дел од 7-мата македонска ударна бригада. Откако Југославија била ослободена, оркестарот работел во составот на Третата армиска област на ЈНА која ја опфаќала Македонија, со седиште во Скопје. По осамостојувањето на Република Македонија оркестарот продолжува да работи при АРМ, негувајќи ги традициите и надградувајќи се.

Симболизам[уреди | уреди извор]

Геслото кое го користи оваа единица е латинскиот израз Lux Aeterna што преведено на македонски значи „Вечна светлина“, алудирајќи на македонскиот симбол — сонцето. Основата на грбот на Батаљонот за почести како и кај грбовите на неколку други армиски единици е штит на црвена основа со жолти граници. Во средината на штитот во црна боја е претставен гардист, а на неговата лева и десна страна стои златен лавров венец. Наспроти геслото и грбот, единицата се одликува и со своите униформи, разработувани од историчари, етнолози, дизајнери, а кои ги содржат воените, историските, општествено-политичките и етнолошките одлики на Македонија.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2014-03-12. Посетено на 2014-08-02.
  2. http://morm.gov.mk/?shtit=баталјон-за-почести&lang=mk[мртва врска]
  3. „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2018-04-09. Посетено на 2018-04-08.
  4. http://javno.mk/pretsedatelskata-garda-na-republika-makedonija/

Надворешни врски[уреди | уреди извор]